Инвестирањето во европската безбедност најмногу го заговара Франција бидејќи во нејзините планови е да профитира од продажбата на оружје, па затоа неодамна францускиот претседател Емануел Макрон ѝ понуди на Европа заштита под францускиот нуклеарен чадор, потег што секако би донел огромен финансиски бенефит за Франција бидејќи секоја земја што би влегла под француската нуклеарна заштита ќе треба дебело да ја плати оваа „услуга“
Зошто најавените 800 милијарди за европската безбедност се меч со две сечила
Она што ги врзува земјите членки за Европската Унија се исклучиво нивните интереси и бенефити од членството, а во истиот момент кога ползата ќе исчезне, постои сериозна опасност секоја земја да го фати сопствениот пат.
Најдобар пример дека интересите се пред сѐ и над сѐ е Велика Британија, која со полн капацитет ги користеше придобивките од членството за да ја зајакне својата економска моќ, но во истиот момент кога таа требаше да испорача нешто за возврат, едноставно се повлече и преку брегзит ја напушти Унијата.
Ковид-пандемијата покажа дека секоја земја си ги гледа сопствените интереси без оглед дали е во некаква заедница, унија, конфедерација или слично, па секојдневните примери со себично однесување како во делот на набавката на вакцини така и во делот на споделување на потребната медицинска опрема, се само потврда дека заедништвото важи до оној момент додека има интерес.
Пред пет години, Полска и Унгарија ставија вето на европскиот буџет откако официјален Брисел им ги ускрати парите од европските фондови, условувајќи ги да променат одредени законски решенија и на тој начин директно мешајќи се во нивниот правен систем.
И Грција своевремено во екот на економската криза се закануваше со напуштање на еврозоната поради побарувањата што до неа ги доставија европските доверители, но до тоа не дојде откако во последен момент беше најдено решение, односно добар дел од грчките долгови беа избришани.
Нема вечни сојузи, има само вечни интереси
Сите овие примери јасно покажуваат дека без оглед на членството во ЕУ, секоја земја води сметка првенствено за сопствените интереси, па потоа за сѐ друго. А тоа особено дојде до израз при неодамнешниот вонреден самит на ЕУ, кога неконсензуално беше донесена одлука за обезбедување 800 милијарди евра за европската безбедност.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис по состанокот остана резервиран во врска со ваквите амбициозни планови на Брисел, имајќи ја предвид сложената финансиска ситуација во која се наоѓа неговата земја и долговите што треба да ги враќа во следните децении, така што ново финансиско оптоварување би било погубно за неговата земја.
– Сето ова е добро, но треба да се утврди како ќе се обезбедат овие средства – прокоментира Мицотакис со доза скепса.
Унгарија уште во почеток се противи на плановите за издвојување толкави средства за европската безбедност, а на иста линија е и Словачка. Неформално противење има и кај други земји членки на ЕУ, но во овој момент мудро избегнуваат да се изјаснат затоа што чекаат дали овие планови воопшто ќе фатат плодна почва, без притоа да бидат посочувани како поткопувачи на европското единство.
Инвестирањето во европската безбедност најмногу го заговара Франција бидејќи во нејзините планови е да профитира од продажбата на оружје, па затоа неодамна францускиот претседател Емануел Макрон ѝ понуди на Европа заштита под францускиот нуклеарен чадор, потег што секако би донел огромен финансиски бенефит за Франција бидејќи секоја земја што би влегла под француската нуклеарна заштита ќе треба дебело да ја плати оваа „услуга“.
Со првото брцање во џебовите на европските даночници ќе почнат внатрешните конфликти
Коментарите во дел од европските медиуми се дека ЕУ си зема преголем залак со овие 800 милијарди евра наменети за европската безбедност и дека тоа може да биде рецептот за внатрешно урнисување на Унијата.
– Земјите членки не можат меѓу себе да се согласат за најбанални работи, а не, пак, да издвојуваат толку средства за европската безбедност. Има многу нејаснотии околу целиот план, како ќе се обезбедуваат парите, за што точно се наменети, дали ќе се формира европска војска, од каде ќе се купува оружје и слично. Да не заборавиме дека повеќето земји членки на ЕУ се дел од НАТО. Со самото тоа што беше побарано тие да ги покачат воените буџети до два отсто кај добар дел од нив се јави отпор, а не, пак, да зборуваме за три, четири или пет отсто издвојување од буџетот за одбраната колку што се најавува. На тие издвојувања за НАТО, сега ќе треба да се издвојуваат дополнителни пари и за европска одбрана. Навистина се контрадикторни работите, така што зад сите овие најави можеби се крие некаков европски одговор на новата американска политика кон Европа – се наведува во дел од анализите.
Уште се додава дека ако почне зафаќањето во буџетите на земјите членки, тогаш прашање на време е кога ќе дојде до првите посериозни конфликти меѓу земјите членки и официјален Брисел.
– Сега додека идејата сѐ уште е на хартија сите молчат и се некако резервирани, но ако бидат побарани парите, тогаш сите ќе почнат да негодуваат оти ќе мора дополнително да ги осиромашуваат сопствените граѓани. Ќе расте граѓанското незадоволство, ќе паѓаат влади, ќе има протести. Дополнително, ќе почнат препирките која земја издвојува повеќе, која помалку, па ќе следуваат меѓусебни вета за разни прашања како форма на притисок, ќе дојде до групирања меѓу одделни земји во блокови и ете ја ЕУ во повеќе брзини и лиги. Не случајно тоа се виде и при неодамнешните вонредни состаноци организирани од Макрон и британскиот премиер Кир Стармер, кога беа поканети одделни земји членки, не сите, па потоа тие негодуваа и беа организирани нови утешителни состаноци на кои повторно не беа повикани други земји членки на Унијата. Сето ова говори дека ЕУ уште сега е внатрешно длабоко поделена, секоја земја си го гледа сопствениот интерес, така што ако не се направи нешто за зајакнување на внатрешната кохезија, веќе сега може да се прогнозира, можеби не распаѓање, но секако трансформирање на ЕУ во повеќе блокови – се посочува во дел од анализите.
Ако трошокот е повисок од ползата, тогаш никој не сака да биде врзан
во некаква заедница
Професор Јанев: Клучни се петте наредни години
Професорот по меѓународно право на Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев, е на ставот дека во оној момент кога ќе почне реализацијата на планот од 800 милијарди евра за градење на европската безбедност, ЕУ ќе се распадне во релативно кус рок.
– Кога ќе почне трката во вооружување од страна на ЕУ, со оние најавени 800 милијарди евра што треба да бидат потрошени за таа цел, Унијата ќе се распадне. Лично сметам дека тоа би се случило во наредните пет години! Дали некој ќе биде врзан во интеграцијата (како ЕУ) или ќе се раздружи, најмногу зависи од разликата меѓу ползата и трошоците што ги добива секоја индивидуална држава. Ако нето-исплатливоста е пониска во врзана состојба, тогаш следува распаѓање на интеграцијата, односно меѓународната организација или конфедерацијата – појаснува професорот Јанев, повикувајќи се на примерите карактеристични за меѓународнополитичките односи.