Како некаква специфична општествена појава, споменатиот феномен е присутен во македонското општество од осамостојувањето до денес, со тоа што во последново десетлетие станува сѐ поизразен, но и позабележлив и регистриран во јавноста. А токму таквите појави и вкоренети навики треба бескомпромисно да се елиминираат, бидејќи тие не ги компромитираат само личностите туку и цели институции и систематски ја влечат државата наназад…
Како искомпромитираните носители на јавните функции упорно опстануваат во политиката
Носители на јавни функции, компромитирани по повеќе основи, па дури и оптоварени со сомневања и обвинувања за тешки коруптивни и криминални дела, упорно преживуваат во македонскиот политички простор. Како некаква специфична општествена појава, таа е присутна во македонското општество од осамостојувањето до денес, со тоа што во последново десетлетие станува сѐ поизразена, но и позабележлива во јавноста. А токму таквите појави и вкоренети навики ја влечат државата наназад…
Социолошки феномен вреден за проучување
Имено, луѓе што се морално, етички, но и правно (законски) компромитирани, неретко добиваат одговорни државни и јавни функции!? Којзнае од кои причини, ним им се дава можност за повторување на делата и за градење не само на културата на неказнивост туку и на општиот впечаток дека постапувањето спротивно на законските и на етичките норми се наградува!? Штетите се немерливи, велат упатените, потенцирајќи дека правни механизми за заштита од таквата практика постојат, но никако да се создаде критична маса и политичка волја за елиминирање на ваквите асоцијални и антисоцијални тенденции, кои му прават штета на нормалното живеење, во согласност со законите, етиката, моралот и традицијата.
Повикувањето на правото на пресумција на невиност, неправосилноста на пресудите, одолжувањето на судските спорови до застарување, се само некои од начините на кои во политиката преживуваат луѓето што одамна требало да бидат елиминирани од политичкиот живот и што им овозможува да ги повторат делата и да нанесат нови штети, објаснуваат тие.
Професорката Мирјана Најчевска, како истражувач, научник и висок интелектуалец, извонредно пластично и сликовито го опишува тој феномен.
– Кога некој висок или понизок функционер во власта ќе биде фатен како лаже, краде, на каков било начин го прекршува законот, ни велат: зарем за него не важи пресумција на невиност, зарем немаме сите исти права, зарем не треба да се видат и олеснителните околности? Многу често високите функционери осомничени за помали и поголеми прекршувања на законите не завршуваат со казни, во затвор. Делата се заташкуваат, добиваат симболични завршници, се забораваат и/или застаруваат. Како резултат на раширената неказнивост, пониските и повисоките функционери во власта ги повторуваат прекршувањата од позиција на функцијата што ја имаат… – посочува, меѓу другото, Најчевска.
Уште поголем проблем, според Најчевска, е тоа што функционерите од пониските и повисоките ешалони на власта се во привилегирана положба во однос на граѓаните, дури и кога ќе ги прекршат законите.
– Сторителот на прекршувањето, повисок или понизок функционер во власта, на располагање има систем од институции, органи, средства, да прикрие докази, да се закани или да поткупи сведоци. Има позиција што му овозможува достап до луѓе, информации и податоци потребни за затскривање на направеното прекршување. Со прекршувањето на законот, колку и да е безначајно, неважно, мало, отворил простор за сомнеж дека можеби направил или ќе направи други прекршувања, кои нема да бидат откриени. Повисокиот или понискиот функционер има задача да го спроведува, да го штити и да го промовира правото. Секое прекршување на законите од негова страна значи дека не извршил ниту една од горните функции и поради тоа треба да сноси одговорност. Повисокиот или понизок функционер што го прекршил законот станува модел и пример како не треба да се почитува и спроведува законот и дава изговор за непочитување и неспроведување на законите, како од неговите колеги, подредените и претпоставените, така и од страна на граѓаните. И оној најстрашен облик на прикривање, кога некој од соработниците ќе го отвори прашањето за одговорност, веднаш има такви што срипуваат и викаат: „Па тој не е прв, сите прават така, и, што е со сите други што исто така… Не смееме да дискриминираме!“ – елаборира професорката.
Се располага со голем број законски механизми за справување со ваквитепојави, но не се активираат
Правниците се согласни дека, и покрај често сосема спротивниот општ впечаток, системот располага со голем број законски механизми за справување со ваквите појави, и проблемот го поврзуваат, пред сѐ, со недостигот од политичката волја, но и со немањето критична маса во јавноста што, конечно, ќе му се спротивстави на упорното промовирање и форсирање на компромитирани кадри од страна на политичките партии.
Тие потсетуваат дека, меѓу другото, во Изборниот законик постои одредба со која, како услов за остварување на пасивното избирачко право, односно на правото да се биде избран на некоја функција, кандидатот мора да докаже оти „не е осуден со правосилна судска одлука на безусловна казна затвор од над шест месеци, чие издржување сѐ уште не е започнато или се наоѓа на издржување казна затвор за сторено кривично дело“, но и дека се познати примери каде што одредбата била заобиколена. Исто така, посочуваат дека и во Кривичниот законик постои одредба за забрана на вршење професија, дејност или должност, која во наведените случаи, речиси и да не применува.
– Законодавството има механизми, но нема политичка волја и тука е проблемот. Тој што осетил како се живее од политиката, какви сѐ привилегии таа обезбедува, тој не се враќа назад и ќе ги искористи сите средства за да се одржи во политичкиот живот. Надлежните институции не сакаат да ги активираат тие механизми бидејќи се заложници на истата таа политика, а јавноста веќе како да стана имуна на тие појави, па дури и ги одобрува како знак на снаодливост. Затоа, она што насекаде низ светот се смета за неприфатливо и претставува пат во сигурна политичка смрт, кај нас сѐ уште поминува. И тоа, за жал, кај нас не важи само во политиката. Еве, во здравството на пример, имаме лекар што бил фатен како на пациентот му наплатил, а не му вградил стент, и сѐ уште оперира. Тоа повеќе е знак на недораснатост на општеството отколку на слабост на системот. Во едно зрело општество, компромитиран политичар, можеби, би се спасил од затвор, но сигурно не би можел повторно да врши јавна функција – категоричен е скопскиот адвокат Александар Тортевски.
А освен тоа што, поради големата распространетост на криминалот и корупцијата на највисокото ниво, но и многубројните други кривични и прекршочни дела на кои, поради чувството дека се недопирливи за законот, неретко се осмелуваат вршителите на државните и на јавните функции, во јавноста се добива впечаток дека она што е задолжително за обичните граѓани, не мора да важи и за политичарите, проблем, иако сѐ уште не сакаат отворено да зборуваат за него, имаат и во политичките партии. Со драстичното намалување на бројот на активните членови, бавниот и тежок пат до правосилноста на судските одлуки, на партиите, дури и кога искрено го сакаат тоа, им се стеснува просторот за пронаоѓање некомпромитирани кадри, кои барем делумно ги исполнуваат условите потребни за одредена функција. Кредибилитетот и капацитетот споени во една личност, така, стануваат вистински предизвик на политичките субјекти во нивните настојувања барем делумно да ги задоволат и законските услови и очекувањата на јавноста при изборот на кадри што на државно и на локално ниво ќе ги спроведуваат нивните политики. Д.М.М.