Во случајот со Македонија, за жал, (по)следното барање е секогаш само „до следното“ и тоа е ноторен факт. Но она што во моментов дополнително збунува е конфузијата меѓу самите европски политичари во пораките што ги испраќаат. И додека едни уверуваат и гарантираат дека внесувањето на Бугарите во Уставот е наводно последното барање, други јасно порачуваат дека воопшто не е така и нé очекуваат уште многу пречки на патот кон ЕУ. Кому да му веруваме? Можеби никому од нив, единствено поголема верба сами на себе!

КОНФУЗИЈА ВО ПОРАКИТЕ НА БРИСЕЛ ДО МАКЕДОНИЈА

Пораките и лобирањата на европските дипломати за спроведување на уставните измени, како наводно последно барање што ќе ни го отвори патот кон ЕУ, се контрадикторни, конфузни, дисонантни и во наративот, содржината, суштината, но и од аспект на историскиот контекст и досегашните искуства. Македонија и претходно се соочувала со феноменот на (по)следно европско барање, по кое секогаш имало некое друго следно, односно (по)следно.
Така беше со Преспанскиот договор и промената на името, кога ни порачуваа само уште ова и готово, така е и сега со барањето за внесување на Бугарите во Уставот. Во случајот со Македонија, за жал, (по)следното барање е секогаш само до следното и тоа е ноторен факт. Но она што во моментов дополнително збунува е конфузијата и меѓу самите европски политичари во пораките што ги испраќаат. И додека едни уверуваат и гарантираат дека внесувањето на Бугарите во Уставот е наводно последното барање, други јасно порачуваат дека воопшто не е така и нѐ очекуваат уште многу пречки на патот кон ЕУ.
По тројката шефови на дипломатии на Австрија, Чешка и Словачка, кои минатата недела беа во Македонија, за да лобираат за уставни измени, веќе втор ден тука се и министрите за Европа на Германија, Франција и Полска.
Оваа таканаречена „вајмарска тројка“ упати порака да се преземе пресудниот чекор кон ЕУ и да се изгласаат уставните измени, при што е децидна дека нема да има дополнителни барања од Бугарија или од која било земја за Македонија на патот кон ЕУ.
Претходно и германскиот канцелар Олаф Шолц даде убедување до македонската јавност дека на патот на пристапувањето на Македонија кон ЕУ веќе нема да има нови билатерални барања.

– Зад тоа стојам јас, гарантирам – рече Шолц, правејќи една за нас толку позната гестикулација, ставајќи ја раката кон срцето за да го зголеми впечатокот.
По оваа усно дадена гаранција на Шолц имаше различни толкувања, дека не кажал дека нема да има нови условувања, туку дека не треба да има нови условувања, што е сосема различно. Но настрана уверувањата на редица европски дипломати дека нема или не треба да има нови барања кон Македонија, плејада други европски политичари го кажуваат спротивното. Евроамбасадорот Дејвид Гир деновиве јасно порача дека и по уставните измени и внесување на Бугарите во Уставот, Софија може да има нови блокади од Бугарија за Македонија, но не за францускиот предлог туку за владеењето на правото, екологијата, корупцијата и сл. Минатата недела на прес-конференција во Скопје министерот за надворешни работи на Чешка, Јан Липавски, јасно порача дека процесот на проширување на ЕУ бара консензус од сите земји-членки на ЕУ, така што никој не може да го исклучи влијанието на домашната политика. Тоа практично значи дека не се исклучени и нови блокади, односно нови (по)следни барања кон Македонија. Претходно и бугарскиот претседател Румен Радев кажа дека ова е само почеток, односно внесувањето на Бугарите во Уставот е само првиот од многуте услови на европскиот пат на Македонија. Притоа тој нагласи дека ова веќе не се отворени прашања за двете земји, туку прашања поврзани за односите на Македонија со ЕУ, јасно префрлајќи ја топката во дворот на Брисел, кој сега треба да ја турка бугарската агенда. Тоа практично и се случува сега.
Според аналитичарите, Македонија со прифаќањето на преговарачката рамка, во која се внесени сите бугарски барања, како и со Договорот за добрососедство, влегла во еден магичен, непредвидлив и неизвесен круг во кој сѐ може да се случи.

– Сега европската иднина ни зависи не од копенхашките критериуми, како за сите други членки во процесот на пристапување, туку од добрата волја на властите во Софија, од препораките на мешаната историска комисија, од удоволување и прифаќање на идни нивни нови барања итн. Сега ЕУ зборува во име на Бугарија, а Македонија треба практично да се бори со цела ЕУ и со сите евентуални идни нелогичности. Во крајна линија, дволично е и апсурдно ЕУ да бара да се внесат Бугарите во македонскиот устав, а истовремено да не застане многу поцврсто во одбрана на правата на Македонците во Бугарија и да побара реципроцитет и по таа основа, за што има основани аргументи и пресуди на Судот за човекови права во Стразбур – тврдат аналитичарите.