Фото: „Нова Македонија“

Среде иницијативите за постигнување мир, водечките европски лидери упорни во намерата за свое воено присуство во Украина

  • Среде голем број дипломатски иницијативи за постигнување мир во Украина, таканаречената „коалиција на подготвените“ во вторникот одржа состанок преку видеоповик. Средбата беше осмислена со намера да покаже солидарност со Киев при деликатните мировни разговори со САД, како и да ги исполни ветувањата од 33-члената Коалиција на подготвените

Европските лидери се обидуваат да ги истуркаат своите планови за поддршка на Украина со мултинационална воена сила доколку земјата успее да постигне мировен договор со Русија, објавува „Политико“. Среде голем број дипломатски иницијативи за постигнување мир во Украина, таканаречената Коалиција на подготвените во вторникот одржа состанок преку видеоповик. Средбата беше осмислена со намера да покаже солидарност со Киев при деликатните мировни разговори со САД, како и да ги исполни ветувањата од 33-члената Коалиција на подготвените.
Во вторникот вечер, францускиот претседател Емануел Макрон објави нова заедничка работна група – предводена од Франција и Велика Британија, со учество на САД и Турција. Таа е наменета за утврдување прецизни детали за воената поддршка што Европа ќе ја понуди според мировниот договор.
– Во наредните денови ќе можеме многу прецизно да ги финализираме придонесите на секоја земја и да презентираме финализирани безбедносни гаранции – вети Макрон.
Британскиот премиер Кир Стармер им рече на учесниците на повикот, меѓу кои беше и американскиот државен секретар Марко Рубио, дека мултинационалните сили ќе играат витална улога во гарантирањето на безбедноста на земјата.
Официјален претставник на Елисејската палата тврдеше дека новата работна група ќе даде појаснување на трансатлантските разговори за безбедносни гаранции, додека британски официјален претставник рече дека учеството на Рубио на средбата е позитивен знак за поддршката на САД, долго време еден од најспорните елементи на секој план. Друг британски официјален претставник рече дека британските подготовки од страна на воените планери се „многу добро напреднати“.
Аналитичарите, сепак, повикуваат на претпазливост. Ед Арнолд од аналитичкиот центар „Ројал јунајтед сервисиз“ во Лондон предупреди дека, доколку безбедносните гаранции на САД не се цврсто утврдени, коалицијата е „во навистина опасна позиција, бидејќи, како што кажа, „распоредувате сила со закрила за која длабоко во себе знаете дека не е веродостојна“.
Коалицијата што претставува сојуз на нации чии членови се Франција, Германија, Велика Британија, Белгија, Канада и Турција, меѓу другите, се појави претходно годинава поради длабоката европска загриженост за континуираната поддршка на Америка за Украина.
Нејзините членови ветија различен степен на поддршка – вклучувајќи, во случајот на Франција и Велика Британија, обврска за распоредување национални трупи на терен за да го контролираат договорот и да одвратат понатамошна руска агресија.
Коалицијата веќе предложи „сила за уверување“ што обезбедува воздушна и поморска поддршка на Украина, како и фокус на регенерирање на вооружените сили на земјата. Портпаролот на Стармер им рече на новинарите во вторникот дека Велика Британија „сè уште е подготвена да испрати војници на терен“ за да обезбеди мир. Францускиот претседател Макрон, нагласувајќи дека силите ќе бидат „далеку од фронтовската линија“, најави присуство „на резервни позиции во Киев или Одеса“.
– Ќе имаме воздушна сила за уверување, која нема да биде стационирана во Украина, туку евентуално во соседните земји… кои ќе водат операции поврзани со украинските воздухопловни сили за обезбедување на нејзиниот воздушен простор – изјави Макрон за француското радио.
Германија беше повнимателна во врска со своето учество. Министерот за надворешни работи Јохан Вадефул неделава посочи на постојна германска бригада во Литванија, велејќи „ние сме повеќе вклучени во целиот регион од речиси која било друга членка на НАТО“ и тоа е „доволно“.
Остануваат и големи прашања за тоа како САД навистина ја гледаат својата улога и каде европските сили би можеле да направат опиплива разлика. Русија отворено го отфрли планот за мир поддржан од Европа.
Џон Форман, поранешно британско воено аташе во Русија, го намали значењето на воениот придонес на Европа како целина. Тој тврди дека главната корисност на коалицијата е „како политичка групација што може да ги премости НАТО, ЕУ и остатокот од светот“.
Коалицијата, според Форман, „никогаш нема да може да обезбеди веродостојни безбедносни гаранции. Тој нагласува дека само САД, со можеби клучни сојузници, можат да го сторат тоа, бидејќи никој не сака да се бори против Русите ако се распадне мирот “. Р.С.