Македонија се наближува кон историската цел за странски директни инвестиции (СДИ)
Осум нови инвестиции во вредност од над 700 милиони евра, кои потенцијално ќе вработат околу 2.800 граѓани, почнати се за неполни шест месеци, истакна премиерот Христијан Мицкоски по вчерашниот состанок на Советот на странски инвеститори, додавајќи дека инвестициите директно придонесуваат за поттикнување на економскиот раст и за локалниот економски развој.
– Целта е годинава да стигнеме до историските една милијарда странски директни инвестиции, што сметам дека е остварливо. И по жител да бидеме најдобри во регионот или меѓу неколкуте водечки во Европа – подвлече Мицкоски.
Тој се осврна и на домашните инвестиции. Потсети дека на македонските компании ќе им бидат ставени на располагање 250-те милиони евра од унгарскиот кредит. А посочи и дека на состанокот со Советот се разговарало и за усогласување на глобалниот минимален данок.
– Разговаравме за единствената давачка за која во моментов размислуваме, давачката која треба да се усогласи со македонското законодавство поврзано со глобалниот корпоративен данок. Мислам дека е фер и коректно за македонските граѓани, оние компании што тука реализираат профит, оние пет отсто повеќе од рамниот данок од десет отсто да ги уплатат во нашиот буџет – истакна премиерот Мицкоски.
Претседателот на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо, ги пофали институциите дека забележале прогрес во однос на идеите и забелешките што им биле дадени од страна на бизнисот во изминатиот период. И тој го спомна усогласувањето на глобалниот минимален данок, кој, рече, ќе афектира 50 компании во земјава.
– Ќе мора таа регулатива да се адаптира со глобалната – подвлече Мизо и информира дека на денешниот состанок во Владата станало збор и за усогласување на царинските стапки и дополнителната хармонизација со царините во ЕУ, за Законот за странци, за добивање работни дозволи, дозволи за престој и дигитализација на тој процес, како и за воспоставување на глобалните меѓународните сметководствени стандарди.
На состанокот биле присутни околу 50 компании од сите сектори. П.Р.