Карикатура: „Нова Македонија“

Посетата на шефот на ЦИА, Вилијам Барнс, е прва од највисок носител на оваа функција од разузнавачката институција на САД што доаѓа на Балканот од 2016 година. Според политичко-безбедносните аналитичари, посетата имала цел, меѓу другото, да ги амортизира загрижувачката сецесионистичка реторика и акција на некои балкански лидери

По посетата на шефот на ЦИА на Балканот

Вилијам Барнс, шефот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), изгледа успеа да ги искористи своите дипломатски вештини и барем за некое време да ги смири страстите и амбициите на повеќе „нервозни“ локални политичари од регионот на Балканот. Неочекуваната посета на Барнс, како прв шеф на ЦИА што доаѓа на Балканот од 2016 година, според политичко-безбедносните аналитичари „имала цел, меѓу другото, да ги амортизира загрижувачката сецесионистичка реторика и акција“ на некои балкански лидери.
Шефот на ЦИА најпрвин беше во Сараево, а потоа во Белград, Србија. Интересно е што никој од властите не ја соопшти информацијата дека шефот на ЦИА доаѓа во Србија. На веб-страниците на Претседателството и Владата на Србија нема официјални најави за средбата со американскиот функционер.

Од посетата на шефот на ЦИА во Босна и Херцеговина

Во Сараево, директорот на ЦИА се сретна со колегите од разузнавањето (директорот на разузнавачката сигурносна агенција на БиХ, Алмир Џуво), членовите на Претседателството на БиХ, во кое се Жељка Цвијановиќ (претставник на Србите), Денис Беќировиќ (претставник од Бошњаците) и Жељко Комшиќ (претставник од Хрватите), како и со министерот за надворешни работи Елмедин Конаковиќ. Во Сараево владееше голем молк за тоа што се разговараше, а не се огласи ниту Жељка Цвијановиќ (која е на листата на американски санкции).
Но, оној што излезе во јавноста е министерот Конаковиќ, кој рече дека се разговарало за „процесите во БиХ, за важноста на НАТО и европската интеграција, како и за тоа што ја забрзува и забавува БиХ, коментирајќи дека тоа е „показател дека САД ја гледаат ситуацијата на Западен Балкан како целина“.
– За нас е важно и да го смириме дијалогот меѓу Србија и Косово, да смириме некои жаришта, да се свртиме кон економијата и иднината на овој регион, а не кон постојана конкуренција и повикување на историски факти. Американското присуство оди во насока на стабилизирање на односите во регионот и свртување кон она што е најважно за граѓаните – рече Конаковиќ.
Членот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ рече дека му се заблагодарил на Барнс „за помошта на САД во градењето демократска и мултиетничка БиХ“ и дека „му укажал на опасната антидејтонска политика на раководството на Република Српска, што ги загрозува мирот и безбедноста во земјата и регионот“, додавајќи дека станува збор за „потврда на силната поддршка на САД за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ“.
Еден ден подоцна, кога Барнс веќе беше во Белград, зборуваше Додик. Тој рече дека „борбата против тероризмот е обврска на целиот слободен свет“ и дека во тој контекст „значајна е посетата на директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, на Босна и Херцеговина“. Додик рече дека „Република Српска е посветена на таа борба и ја поздравува секоја соработка во таа област“.
Засега, според безбедносните аналитичари, топката во БиХ е спуштена, благодарение на булдожер-дипломатијата на директорот на ЦИА. Н.М.


Вилијам Барнс, дипломат и директор на ЦИА

Необичната дипломатска активност на највисокиот американски разузнавач, сепак, не е нешто што не е познато. Станува збор за американски геополитички „тешкаш“, кој меѓу другото бил амбасадор во Москва, помошник-државен секретар, член е на претседателскиот кабинет на Белата куќа и се смета за една од централните фигури во администрацијата на САД, претседателот Џо Бајден.
Како дипломат и разузнавач, тој беше важен елемент на администрациите на шест американски претседатели од двете партии во текот на неговата четиридецениска активност. Тој се пензионира како дипломат пред десет години, а во 2021 година американскиот Сенат едногласно ја одобри неговата номинација за директор на ЦИА.
Американските новинари го нарекоа „тајно дипломатско оружје“, бидејќи и како дипломат и како директор на ЦИА тој беше задолжен за некои од најкомплицираните преговори. Тој е во голема мера одговорен за договорот со Иран за нуклеарната програма, разговорите со талибанците за повлекување на САД од Авганистан, непосредно пред руската инвазија на Украина, тој се сретна со „главниот руски разузнавач“ Николај Патрушев во Москва, кому му пренел предупредување што ќе се случи ако започне воена интервенција, а потоа за време на војната се сретнал и со украински и со руски претставници, учествувал во тајните разговори меѓу Вашингтон и Пекинг што доведоа до олабавување на односите меѓу двете земји.


На прашањето за посетата на директорот на ЦИА на Балканот му посвети внимание и реномираниот неделник НИН. Во анализата на Предраг Петровиќ, истражувачки директор на белградскиот центар за безбедносна политика, која излезе во неделникот, се објаснуваат повеќе аспекти врзани за посетата на директорот на ЦИА во престолнините на БиХ и Србија. Во продолжение пренесуваме дел од анализата

Балканот постојана невралгична безбедносна точка во Европа

Две актуелни безбедносни жаришта со огромен потенцијал за дестабилизација

Предраг Петровиќ, истражувачки директор на белградскиот центар за безбедносна политика, за НИН вели дека посетата на директорот на ЦИА е секако невообичаена. Тој објаснува дека во делот за Балканот, Босна и Херцеговина со посетата била посочена како едно од двете можни кризни жаришта. Конкретно, Милорад Додик и неговите закани за отцепување. Токму тоа, според аналитичарот, може да предизвика реакција од другата страна и да доведе до конфликти.
Втората точка е Косово, веројатно поради случајот „Бањска“.
– Ова е првиот човек на најмоќната разузнавачка служба во светот! А Балканот не е надворешнополитички приоритет на Соединетите Американски Држави. Тоа се Украина, Блискиот Исток и Кина. Но, сепак, Балканот е идентификуван како можна жешка точка и американската разузнавачка заедница го направи тоа во својата редовна годишна процена на заканите за 2024 година – изјави за НИН Предраг Петровиќ, истражувачки директор на белградскиот центар за безбедносна политика.
Петровиќ смета дека главната цел на посетата на Барнс на регионот е „да спречи поголема дестабилизација, но и да ги спречи другите актери, пред сѐ Русија, да го искористат непријателството во регионот и да го доведат во посериозен конфликт, пред се оружен, што би ги оттргнало вниманието и ресурсите на САД од нивните приоритетни геополитички точки“.
– Оваа посета на директорот на ЦИА треба да се толкува на следниов начин: всушност, станува збор за една работа – обид да се дисциплинираат сите можни актери чии постапки и одлуки можат да доведат до ескалација, до конфликт и до дестабилизација на Балканот, бидејќи на Америка не ѝ е треба уште една нова фокусна невралгично-безбедносна точка. Апсолутно не е ѝ потребна – вели Петровиќ. Н.М.