Фото: Маја Јаневска-Илиева

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, порача дека само Копенхашките критериуми се во игра!

  • Кошта смета дека во услови на геополитичка неизвесност, сигурната и предвидлива Европска Унија може да ја зајакне својата улога на глобалната сцена. Следното проширување, особено кон Украина, Молдавија и Западен Балкан, го оцени како „критично важно“. Првиот човек на Советот на ЕУ посочи дека Македонија може да постигне напредок до крајот на годината, јасно алудирајќи дека има некакви процеси во заднина врз кои ги темели ваквите изјави

Пораките што деновиве стигнуваат од Брисел и од водечките европски политичари одат во насока на интензивирање на процесот на проширување, така што во вакви моменти исклучително е важно Македонија како држава да влече мудри потези што ќе значат заштита на нејзините национални интереси.
Таква порака стигна неодамна од првиот човек на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој истакна дека единствен услов за напредување на секоја земја кон членство во ЕУ мора да бидат исклучиво Копенхашките критериуми.
– Треба да продолжиме со реформите во нашите земји кандидати, осигурувајќи се дека ги исполнуваат високите стандарди на Европската Унија за демократија, владеење на правото и фундаментални права. А тоа значи – процес на пристапување оценет само според Копенхашките критериуми и според ништо друго. Неприфатливо е да продолжи блокирањето на пристапувањето од некои земји членки од поинакви причини од оние што се утврдени во пристапот базиран на заслуги – изјави Кошта во завршното обраќање на „Форумот за проширување на ЕУ 2025“, кој се одржа завчера во Брисел.
Тој уште порача дека проширувањето не е „апстрактна амбиција“, туку трансформативен процес и реална можност во следните години. Според него, ЕУ мора да покаже политичка визија и решителност да ги надмине историските поделби и да овозможи „Унија на заедничка иднина“.
– Верувам дека Европа не смее да стане музеј на минатиот просперитет. Проширувањето е патот напред и единствениот начин Европа да остане глобална сила за мир, просперитет и стабилност – нагласи Кошта.
Според него, во услови на геополитичка неизвесност, сигурната и предвидлива Европска Унија може да ја зајакне својата улога на глобалната сцена. Следното проширување, особено кон Украина, Молдавија и Западен Балкан, го оцени како „критично важно“.
Првиот човек на Советот на ЕУ посочи дека Македонија може да постигне напредок до крајот на годината, јасно алудирајќи дека има некакви процеси во заднина врз кои ги темели ваквите изјави.
Во тој контекст може да се протолкува и неговата изјава дека и ЕУ мора да се подготви за прием на нови членки, вклучувајќи и „посилни заштитни мерки против назадување“, што во некоја рака може да упатува на механизми со кои би се заштитила Унијата од делумно неподготвените земји кандидати, односно тие да бидат примени со ограничени права додека не ги заокружат неопходните реформи.
Процените од ваквото групно придружување кон Унијата на земјите од Западен Балкан, плус Украина и Молдавија, се дека тоа ќе придонесе за економското зајакнување на ЕУ и конечно затворање на безбедносните ризици од инволвирање трети страни на овие простори.


Следува темелна анализа на пораките од Брисел што се однесуваат на геостратегијата

Да не се повтори грешката со промената на името

  • Адвокатот Тони Менкиноски има впечаток, втемелен на релијабилни информации и сеопфатна мултидисциплинарна анализа, дека и без уставни измени, Македонија ќе влезе во ЕУ за релативно кратко време во пакет со сите земји од Западен Балкан, плус Украина и Молдавија

Околу последните изјави што доаѓаат од некои европски кругови во врска со брзата лента за зачленување, вклучувајќи и извори од ЕК што побараа да останат анонимни, домашните познавачи на европските состојби препорачуваат внимателност во потезите што се влечат во периодот што следува.
– Сега е потребна мудрост. Мора внимателно да се анализираат сите информации и сигнали што пристигнуваат, а притоа да се турка реформската агенда и она што од нас се очекува во согласност со Копенхашките критериуми. Не смееме да избрзаме како со Преспанскиот договор, кога поранешниот грчки премиер Ципрас во лице ни кажа дека дури и да не сме го сменеле името, ќе сме биле примени во НАТО бидејќи таква била геополитичката констелација. Сега има дури и многу посложена геополитичка констелација, која директно се рефлектира врз европската безбедносна структура, па затоа паметно е со Бугарија да ја интензивираме соработката во сите домени каде што немаме разлики, како што беше ова со потпишувањето на договорот за заедничка изградба на тунел. Треба да се работи и на други заеднички инфраструктурни проекти, да се интензивира културната, научната, образовната соработка, соработката во делот на енергетиката, да се спушти тензијата и да почне да се разговара во една нормална атмосфера достојна на демократските вредности на 21 век. Со други зборови, ЕУ е свесна дека освен групниот прием на нови членки, друго решение нема и ако се оди со поединечни приеми, не само што нема да биде постигната целта туку дополнително ќе се отворат невралгични точки во срцето на Европа. Разочараноста и евроскептицизмот ќе пораснат до таа мера што многу полесно ќе се инфилтрираат некои други идеи. Тоа не ѝ е потребно на Европа и затоа ќе оди со варијантата „пакет аранжман“ за цел Западен Балкан, плус Украина и Молдавија, но со ограничени права – појаснуваат соговорниците.
Во врска со ова прашање многу интересно мислење има адвокатот Тони Менкиноски, кој е убеден дека и без уставни измени, Македонија ќе влезе во ЕУ за релативно кратко време во пакет со сите земји од Западен Балкан.
– Ние ќе влеземе во ЕУ поради глобалната политика и нема да го смениме Уставот. Оптимист сум дека ќе влеземе на брза лента и можеби тоа ќе се случи и следната година. Во секој случај, добро е да влеземе зашто ќе дојдат некои експерти од таму, ќе имаме интеракција со европските институции, ќе има и размена на знаења – констатира Менкиноски