Она што е повеќе од јасно, тоа е дека не треба ништо да им се објаснува на македонските граѓани, бидејќи тие гледаат многу подалеку од своите водачи. Но клучно е како да им се објасни на водечките политичари во земјава дека е најважно да го чувствуваат пулсот на својот народ при носењето одлуки и политиките да ги креираат така што на прво место ќе ги заштитат државните и националните интереси, а потоа ќе ги усогласуваат надворешните политики во согласност со државната стратегија, а не според стратегијата на ЕУ или на некој друг
Политичарите дури сега се освестија дека ЕУ нè изманипулирала
Перцепцијата што ја имаат граѓаните за одредени процеси во овие изминати три децении македонска независност се покажа дека секогаш била исправна и многу повеќе визионерска за разлика од политичарите, кои отпосле, откако штетата веќе ќе биде направена, заклучуваат дека биле измамени и дека народот бил во право.
Пред пет години ЕУ ја убедуваше Македонија дека со тоа што ќе го смени името ќе стане членка на НАТО и ќе ги почне преговорите со ЕУ. Земјата стана членка на НАТО, но клучната заложба зад која стојат мнозинството граѓани во оваа држава, членство во ЕУ, не се случи. Тоа од страна на македонските граѓани беше доживеано како огромна измама, бидејќи и добар дел политичари во земјава ги убедуваа дека само името е проблем, а потоа ќе потечат мед и млеко. Сега, пет години подоцна, и тие констатираат дека ЕУ мамела.
– Се плашам дека во целиот регион и кај нас се создава перцепција дека Европската Унија нè мами. Како да им се објасни на македонските граѓани дека за пристапувањето во ЕУ се оценува според т.н. Мерит-систем, односно напредуваш ако ги исполниш критериумите, кога тоа не се случува – изјави неодамна претсeдателот Стево Пендаровски во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5, прашан за македонската евроинтеграција и последниот самит на ЕУ, на кој беше донесена одлука за доделување кандидатски статус на Украина и на Молдавија.
Она што е повеќе од јасно, тоа е дека не треба ништо да им се објаснува на македонските граѓани, бидејќи тие гледаат многу подалеку од своите водачи. Но клучно е како да им се објасни на водечките политичари во земјава дека е најважно да го чувствуваат пулсот на својот народ при носењето одлуки и политиките да ги креираат така што на прво место ќе ги заштитат државните и националните интереси, а потоа ќе ги усогласуваат надворешните политики во согласност со државната стратегија, а не според стратегијата на ЕУ или на некој друг.
Свесно или несвесно прифаќање на измамата и на манипулациите
Најлесно е да се каже дека домашните политичари поради лековерност наседнале на европските ветувања, но вистината, кога станува збор за практикувањето на политиката, е малку поинаква. Не станува збор за лековерност, туку можеби некој повеќе сака да глуми лековерност бидејќи на тој начин си ја намалува сопствената одговорност што треба да ја преземе поради неуспехот. Повеќе од јасно е дека никој во политиката не е лековерен до таа мера да не го гледа поширокиот контекст кога треба да се донесе некоја одлука, политичарите чувствуваат дека се измамени, но поради силината на пресијата што им се прави едноставно се кршат и попуштаат пред политиките и интересите наметнати од моќните центри.
Многу поопасни се оние политичари што се придобиени преку трговија со влијанија, кои за да добијат нешто за возврат и за лична бенефиција, ги прифаќаат сите предлози што доаѓаат од страна, без оглед што тие се на штета на државата и граѓаните.
Сепак, македонските граѓани повеќе сакаат да веруваат дека државата ја предводеле и ја предводат луѓе што искрено сакаат да направат нешто за да ја приближат земјата до Европската Унија, свесни се дека на тој пат Европа се служи со безброј сопки и недоследности, но сакаат да направат некаков компромис што во исто време ќе ги задоволи и ЕУ и домашната јавност. Вистината е дека таков компромис со досегашното однесување на меѓународната заедница кон Македонија е речиси невозможен, бидејќи отстапките и компромисите што ги направи државата сериозно го нарушија нејзиниот карактер. Таа веќе е донесена до непрепознатливост во однос на онаа нејзина изворна форма на почетокот на 90-тите години на минатиот век, како држава на македонскиот народ и на сите други што живеат во неа.
Преку измами и манипулации од страна на меѓународната заедница сите овие марифетлаци поминаа со поддршка на домашните политичари, кои беа свесни дека се измамени, но дека измамите сакаат да му ги продадат на народот како голема победа за која морало да бидат преземени и некои жртви. Свесно играа на картата и ЕУ да биде задоволна, но и граѓаните. Се покажа дека исклучиво ЕУ беше задоволна, барем кога станува збор за македонските отстапки.
– Се применува, јас би ја нарекла, салама-тактика, да се проголта парче по парче од нешто што тешко се голта, и тоа во политиката е позната практика. Тоа го прават носителите на политиката кога се соочени со нешто што е тешко да се проголта од граѓаните, па се сечка. Во овој случај, сега ај да ги сецнеме прво уставните измени, па потоа ќе тераме како ќе тераме, во кластери прво, со протоколите потоа, некако да се истурка целата работа – појаснува Малинка Ристевска-Јорданова, експертка во полето на евроинтеграциите, за тоа како политичарите ги туркаат тешките работи што ги наметнува ЕУ, а кои се тешко прифатливи за граѓаните.
Нема никакви дилеми дека ЕУ нè мами, но прашањето е зошто откако штетата е веќе направена, еден по еден, носителите на државни функции излегуваат и сега кажуваат дека сме измамени. Претседателот Пендаровски констатира дека ЕУ нè мами, признаа и премиерот, министерот за надворешни работи, поранешни функционери, односно сите што во одреден момент носеле одлуки за кои не добиле повратен позитивен фидбек од граѓаните, но сепак ги донеле. Тоа значи дека перцепцијата на граѓаните била многу поисправна затоа што тие се многу посензитивни, веднаш на своја кожа ги чувствуваат тие работи и немаат резерви, додека политичарите калкулираат поради некакви политички причини. Токму затоа слободно може да се постави и дилемата дали само ЕУ е таа што мами.
Што се крие зад одолжувањето на признавањето дека ЕУ нè мами?
Сега, можеби понесени од фактот дека се наближува нов изборен период, носителите на државни функции повторно сакаат да му се додворат на народот и признаваат дека биле измамени од ЕУ и дека затоа постапиле така како што постапиле. Но прашањето е зошто им бил потребен толку долг период да го сфатат тоа?
Неколку моменти може да бидат клучни во потрагата по одговорот на ова прашање. Еден се лековерноста и неискуството во политиката, односно пристапот дека сè што доаѓа однадвор е добронамерно, правилно и треба да се прифати. Втора работа се коруптивните елементи, кога одреден носител на висока функција добива лична бенефиција од политиките што ги спроведува и работи исклучиво врз агендата што му се диктира, занемарувајќи го она што го кажува народот. Во таквите настапи таквите политичари сакаат да се наметнат како еден вид визионери, демек работат на некакви компромиси меѓу Македонија и ЕУ, а во заднината цветаат нивните бизниси. Но постои и еден од најбезобѕирните начини да се наметне некоја политика, така што одредени политичари ќе бидат застрашувани и ќе се наоѓаат под постојана закана. Исплашени за личната безбедност, тие едноставно не можат да се повлечат, па одат по линија на помал отпор така што ќе продолжат да ги спроведуваат надворешните политики, истовремено ќе се обидуваат да добијат и некакви трошки за да ги оправдаат своите чекори пред граѓаните.
– Граѓаните се многу посензитивни и добро гледаат кога некој ги мами. Тоа е така бидејќи тие не се обременети со тоа што мора да кокетираат со меѓународната заедница, немаат никаква функција и затоа не се плашат јасно да го кажат она што го мислат. Од друга страна, политичарите што се на функција знаат дека ако се спротивстават на она што им го порачуваат однадвор, или ќе бидат сменети или ќе бидат замрзнати релациите со нив. Најлесно решение е да се сметаат самите за визионери, дека мораат да носат „тешки“ одлуки и дека народот мора да го прифати тоа. За жал, тешките одлуки не секогаш значат и исправни одлуки. Се покажа дека народот беше во право кога се спротивстави на промената на името на државата, а подоцна и на францускиот предлог. Народот препозна и препознава блефирање, па затоа бара од своите политички претставници да постапуваат во согласност со пораките што им ги испраќаат граѓаните, а не некои бирократи од странство – велат соговорниците со кои разговаравме за доцното „будење“ на домашните политичари.
Според нив, најголем дел домашни политичари во овие три децении се водеа повеќе од премисата како да ја задоволат Европа, отколку како да ги задоволат сопствените граѓани.
– Само последните седум години ги поминавме бркајќи датум за преговори и ништо не добивме. За возврат, системот целосно се урниса внатрешно, институциите не функционираат ниту по хоризонтала ниту по вертикала. Сега некому му текна дека ЕУ нè мамела. ЕУ си ги гледа сопствените интереси, проблем е што нашиве политичари повеќе се грижат за европските отколку за македонските интереси. Затоа, секогаш треба да се слуша народот, оти сè друго е слугување на некој друг – посочуваат соговорниците.
Измама и лага
Она што сега го признаваат еден по еден домашните политичари не значи ништо, затоа што штетата е веќе направена. Со лага, ЕУ издејствува смена на државното име Македонија и придонесе во креирањето нов национален идентитет на македонскиот народ. Со лага, ЕУ го протурка и францускиот предлог, кој благодарение на притисокот на граѓаните засега не се реализира, но ја втера државата во ќор-сокак и во подредена улога кон Бугарија. Како и да е, лага си е лага. Неговорењето на вистината или премолчувањето на некои факти во одреден период исто така е лага. Улогата на политичарите е таквите измами и лаги да ги предвидуваат и да дејствуваат во насока како да ги превенираат. Уште повеќе, тие треба да бидат толку мудри самите да наметнуваат агенда пред ЕУ за да можат да извлечат максимум за својот народ и за својата држава. Тогаш нема да можат да кажат дека ЕУ нè мамела, туку дека сме успеале или не сме успеале во остварувањето на некоја наша заложба. Тоа е многу пофер и покоректно и народот ќе знае да ги цени таквите политики, бидејќи се направени со најдобри искрени намери. Затоа, сега, кога народот испраќа пораки, некој конечно треба да ги слушне и да почне да работи како тие пораки да станат македонски политики зад кои ќе застанат сите. Кога постои таков цврст и конзистентен став, нема сила што повторно ќе нè измами.