Годинава славиме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи и тоа не е само темел туку е и можност да видиме што е постигнато досега и што може да се постигне во иднина. Има многу потенцијали во нашите односи, особено во економијата, треба да продолжиме со анализи и да најдеме начини како да ги продлабочиме економските врски. Мислам дека Израел може да биде од голема корист за Македонија во земјоделството, управувањето со водите и во кибернетските технологии. Од наша страна, ние можеме да учиме од вас и од вашето искуство и вашиот напредок. Мораме да видиме и да процениме како вашата земја може да биде од корист за Израел
ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ: ВИВИАН АИСЕН, АМБАСАДОРКА НА ДРЖАВАТА ИЗРАЕЛ ВО МАКЕДОНИЈА
Амбасадорке Вивиан Аисен, Ви честитаме на Вашиот дипломатски мандат во Македонија. За нас е многу важно да слушнеме од Вас од прва рака што се случува во Вашата земја, а секако и за билатералните односи меѓу нашите две земји, Македонија и Израел. Неодамна ѝ ги предадовте акредитивните писма на претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, како и копиите на шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски. Во таа пригода рековте дека станува збор за односи меѓу два братски народа. Такво нешто порано не сме слушнале. Од каде доаѓа, според Вас, оваа блискост?
– Почестена сум што сум во оваа земја и да ги претставам акредитивните писма, навистина сум примена со топлина и пријателство. Годинава славиме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи и тоа не е само темел туку е и можност да видиме што е постигнато досега и што може да се постигне во иднина. Има многу потенцијали во нашите односи, особено во економијата, треба да продолжиме со анализи и да најдеме начини како да ги продлабочиме економските врски. Мислам дека Израел може да биде од голема корист за Северна Македонија во земјоделството, управувањето со водите и во кибернетските технологии. Од наша страна, ние можеме да учиме од Северна Македонија од нејзиното искуство и напредокот. Мораме да видиме и да процениме како вашата земја може да биде од корист за Израел. Верувам дека не само што ќе бидам израелски амбасадор тука туку, бидејќи мојот мандат ќе го извршувам од Ерусалим, јас во исто време ќе бидам и македонски пратеник во Израел што ќе настојува да се зацврстат економските односи. Верувам дека ќе развиеме подлабоки врски и во корист на двата народа.
Тоа пријателство и соработка се видоа за време на катастрофата во Кочани, кога Израел испрати врвни доктори, а секако тоа е и затоа што постои меѓудржавен договор за соработка во областа на здравството. Израел и во 1999 година подигна полска болница во Стенковец. Што мислите за натамошно проширување на договорната соработка и во кои области би можеле да го очекуваме тоа?
– Мислам дека договорите се важни и треба да потпишеме повеќе. Но поважно е нивното спроведување. Тоа што дојдоа лекарите не е само поради договорите туку и поради соработката меѓу двата народа, пријателството и добрата волја. Што се однесува до кризните подрачја во светот, ние сме добри во таа област, а тоа го покажавме неодамна кога испративме специјални сили во гасењето на големите пожари на Кипар. Потоа, имавме болница во Украина. Веруваме во христијанските вредности на Евреите. Во јудаизмот сме водени од мислата дека ние сме тука за да направиме подобар свет. Да, треба да потпишуваме повеќе договори, но да не се случува да се заборави на договорите.
Тука сте во право, затоа што ние овде знаеме дека во минатото дојдоа многу израелски експерти од разни области, особено од земјоделството. Многу предлози беа ставени на маса, но многу не беа спроведени. Каде, според Вас, е проблемот и како може да се подобри тоа?
– Тоа е добро прашање. Планирам да донесам македонска делегација во Израел конкретно да го видат нашиот систем на управување со водите. Ние сме светски лидери во таа област и има што да се научи. Но јас сакам да постигнам да има влијание, нешто конкретно да се направи, а не нештата да останат само на добар пиар. Не само да дојде некој, да се слика и толку. Идејата е што правиме ние за да го видиме овде кај вас. Можам да дадам идеи, но потоа Владата е одговорна да го спроведе тоа. Таа делегација треба да дојде во септември, но јас не можам да гарантирам што ќе направат тие кога ќе се вратат. Тоа е за вашите лидери и за експертите, а ние сме подготвени да ги понудиме нашите знаење и искуства.
Неодамна кога се случи кратката војна со Иран, сведоци бевме дека се затвори воздушниот простор во Израел, немаше летови, немаше ни поморство. Мислите ли дека е можно Македонија да биде еден Ваш партнер во заднина, особено во такви случувања. Вие имате стратегиско партнерство, на пример, со Грција, но зошто не во иднина и со Македонија?
– Би сакале да го развиеме тоа. Ние на државите од Балканот гледаме како на сојузници. Мислам дека Северна Македонија е пријателски расположена кон Израел, како и другите држави од регионот. Ќе имам средба и со министерот за одбрана, Израел е лидер во одбраната. Не знам што точно ви е потребно во таа област, каде сакате да инвестирате, но јас сум отворена за помош.
Очигледно дека ќе треба многу, зашто како членка на НАТО ќе треба да издвојуваме по пет проценти од БДП за одбраната, што и не е толку малку. Но да се навратиме на почетокот – дали кога ѝ ги предадовте акредитивите на претседателката Силјановска-Давкова донесовте специјална порака од Израел?
– Пораката што ја пренесов е дека ние го вреднуваме пријателството со Северна Македонија. Вашата земја во Комитетот за човекови права гласаше четири пати против антиизраелски резолуции. Тоа нив не ги анулира, но покажа дека сме пријатели, односно поддршка дека е потребно појаснување и што е вистината. Очекуваме таа поддршка да продолжи, а ние сме подготвени да ги зацврстиме врските. Има отворена покана од израелскиот претседател за посета на вашата претседателка. Во изминатиов период не беше забележана посета на високи претставници на двете држави и тие врски треба да ги обновиме. Јас ќе сторам сѐ за да се случи тоа и мислам дека годинава македонскиот министер за надворешни работи и трговија ќе направи посета на Израел, а најверојатно и премиерот. Врските меѓу лидерите, договорите и нивната имплементација се многу важни. Вие рековте дека не се познаваме доволно и тука сте во право. Но има вистински потенцијали Израелците да дојдат и да ја запознаат Северна Македонија. За несреќа во моментов ние не сме добредојдени во многу земји во светот, па Израелците се внимателни кога одбираат каде да одат. Мислам дека Северна Македонија е добро место за посета. Имаме проблеми со летовите, но минатиот месец во весниците видов три статии во кои Израелците се повикуваат да ја посетата вашата земја, што е добро. Зборував со вашиот министер и добив уверување дека сте подготвени да субвенционирате израелски авиокомпании, а македонскиот амбасадор е ангажиран да најде компании што ќе ги извршуваат летовите. Ова е важно ако сакаме врски меѓу луѓето. Израелците сакаат да патуваат многу. Деновиве бев до манастирот Бигорски, го видов Маврово, навистина е прекрасно. Тивко, нема многу народ, знаете, ние сме пренаселени. Верувам дека има многу да се открива тука.
Ние сме пријателски настроени, но сакаме и бизнис…
– И ние сакаме бизнис, а Израелците бараат нови бизнис-дестинации. Пред да дојдам тука се сретнав со повеќе бизнисмени, не милионери, но мали и средни бизнисмени од агросекторот, фармацевтската индустрија и други што би сакале да инвестираат и да најдат партнери тука. Треба да најдам ефикасен начин како да се создадат тие врски.
Можеби да отворите амбасада во Скопје…
– Мислам дека е подоброда се отвори стопанска комора. Ќе ви откријам дека се подготвуваме и очекувам да се случи тоа кога премиерот Мицкоски ќе дојде во Израел. Така планираме.
По масакрот на Хамас од 7 октомври живееме во траума
Би сакале за нашата јавност, особено од причини што пропагандите шират различни верзии за случувањата во Газа и во Израел, да ни кажете каква е моменталната состојба.
– Ви благодарам за ова важно прашање. Мојата земја минува низ тежок период од 7 октомври 2024 година, кога 3.000 терористи извршија инвазија на мојата земја и масакрираа 1.200 граѓани, деца, мажи, жени, бебиња, стари лица, извршија злосторства, ужасни акти на сексуално насилство врз мажи и жени, палеа куќи и зедоа околу 250 заложници. Најмалото беше деветмесечно бебе, а најстариот имаше 86 години. Има уште педесетина заложници кај нив. Тоа беше најсмртоносниот ден за израелскиот народ. Мојата земја е во траума, мојот народ е трауматизиран. Војната е многу долга, во историјата не сме имале толку долга војна. Многу војници и резервисти беа регрутирани. Но не само во Газа, имаме конфронтации и со Хезболах во Либан, потоа сме соочени со терористички напади од Јудеја и Самарија и сѐ уште сме под ракетни напади од Јемен и конфронтација со Иран, па и проектили доаѓаат и од Ирак.
Еден од тие фронтови е и медиумскиот фронт, затоа што она што на меѓународните вести се дава е една искршена слика за тоа што се случува, Израел се претставува како агресор, а не како жртва на терористички напади.
Тоа е еден од проблемите на меѓународното хуманитарно право, кое не ги препознава доволно дејствијата на терористите туку се фокусира на владите, на официјалните одбранбени сили. И притисокот доаѓа врз Израел.
– Хамас сѐ уште врши напади и чува педесет заложници како карта да остане на власт. Тоа за Израел е неприфатливо, не прифаќаме Хамас да остане на власт, тој мора да се растури, исто и неговите воени способности, за да не се повтори 7 октомври во иднина. Мора да дојдеме до ситуација кога мораме да си веруваме. Во период од повеќе години користиме политика на смирување на Хамас, не сакаме директен конфликт на Блискиот Исток. Користиме политика на одвраќање, а особено ја користиме економијата како средство, сакаме да ги западнизираме, зашто сметаме дека ако успееме во тоа, дека ако економијата е добра, нема да има причини да нѐ напаѓаат. Но имаме работа со терористичка организација што не ги почитува меѓународното право и вредностите на слободните општества и на демократијата и воопшто не им е грижа за човечките животи.
Газа е вест број еден во светот. Слушаме дека се спроведува воздушна достава на хуманитарна помош. Каки информации имате сега за Газа и секако да коментирате за она што секојдневно го слушаме, а тоа е дека Израел спроведува геноцид?
– Треба да бидеме внимателни со употребата на овие термини. Има искривување во медиумите, а има и искривување на сликата за гладот затоа што токму Хамас ја води во моментов таа кампања. Ние знаеме дека тоа е нова кампања во која Хамас ја користи хуманитарната помош за да ја зачува власта, ја граба помошта и наместо да им ја дава на Палестинците, тој им ја продава за да купува оружје. Ова се случува со месеци и затоа ние се обидуваме да го смениме начинот на дистрибуција на храната. Ја вклучивме американската организација „Газа хуманитарна сила“, за да го заобиколиме Хамас. Минатата недела беа испратени 900 камиони со помош во Газа и чекаа на дистрибуција преку ОН и други меѓународни организации за помош, по што беше кажано дека возачите се плашат да возат. Подоцна Израел понуди своја војска да ги следи, но тие рекоа дека не сакаат тоа да биде израелска армија, туку да биде Хамас.
Ова е нешто ново, дали тоа значи дека палестинскиот народ е сѐ поблизок со Хамас или нешто друго е во прашање?
– Постои соработка меѓу ОН и Хамас, на што Израел не се согласува. По многу консултации со ОН најдовме некој начин ОН да ја дистрибуира храната, но тоа не е доволно, затоа решивме таа да се распределува преку воздух. Се надеваме дека храната ќе дојде до тие на кои им е најпотребна.
Да се навратам на терминот геноцид – геноцид е убивање на цела нација. Ако ние сакавме да го направиме тоа, немаше да работиме толку напорно за да се дистрибуира храна за луѓето таму. Морам да кажам дека станува збор за тотално искривена слика за реалноста. Од почетокот на војната ние водиме грижа за палестинските животи повеќе отколку Хамас, кој ги користи цивилите како жив штит.
Вие воено сте вовлечени со Хамас во Газа, со Хезболах во Либан, со Хутите, со Иран, многу фронтови, а најново израелските сили влегоа во Сирија по извршениот масакр таму. Каде можеме да ја видиме перспективата за мировни преговори со Палестинците?
– Првин да ви одговорам за Сирија. Она што таму се случува е многу сериозно, а светот воопшто не реагира. Ние веројатно поинаку гледаме на Сирија отколку западниот свет, пред сѐ затоа што за нас сегашната влада не е избрана, таа не е демократска влада, туку едно џихадистичко движење што ја презеде власта и кое е способно да се бори против други милиции. Во Сирија сега владее движење со многу радикална исламистичка идеологија. Тие дојдоа на југот на Сирија во близината на границата со Израел каде што живеат Друзите, а треба да знаете дека ние со нив имаме еден вид побратимска крвна врска. Таму беа масакрирани стотици Друзи и затоа побаравме југот на Сирија да биде демилитаризиран. Масакрот беше многу сериозен и ние бевме единствени што застанаа во одбрана на Друзите. Состојбата не е добра.
Во однос на мировни преговори со Палестинците, во моментов тоа не е возможно, затоа што нема начин да се преговара со терористичката организација, а тоа е Хамас, кој има цел да ја уништи израелската држава. Во нивното основачко писание стои дека нивна цел е уништување на Израел и да се убијат сите Евреи. Како да се преговара со нив? Палестинските власти, пак, имаат политика плати за убиство, а тоа е дека им плаќаат на семејствата што имаат терористи, кои ако биле убиени тогаш ним им даваат пари. Економската состојба на палестинските власти е добар бизнис – плаќаат терор. Ние не го прифаќаме тоа. По Договорите од Осло се обидувавме сѐ, но не добивме уверување дека сакаат да го запрат теророт. И да се потсетиме, дека во 2006 кога ја вративме Газа, имаше избори таму, а Хамас во 2007 кога ја освои власта ги уби или ги протера палестинските власти. Тие меѓусебно немаат договор, разбирање, па со кога да преговараме?! Европските лидери најавуваат признавање на палестинска држава, со што тие му даваат признание и поттик на Хамас. Сега не е време за признавање. Тие треба да разберат дека ние бевме жртва на масакр, а масакрите не смеат да се случуваат ниту во Израел ниту, пак, некаде во светот. Мислам дека една од причините зошто Макрон најави признавање е притисокот дома, притисокот од неговите гласачи, од големата муслиманска заедница.
Конкретно каква држава ќе признаат кога не се знаат ни нејзините граници?
Секако, за границите ќе треба да се преговара.