Во Македонија за последните три години се изградија фотоволтаици со моќност од околу 1.000 MW, вклучувајќи ги ветерните паркови, малите хидроцентрали, биогасните електроцентрали. Тоа е добро за портфолиото на една земја од една страна, но фотоволтаичните електроцентрали и ветерните паркови како извори на електрична енергија не секогаш се предвидливи за да се води еден енергетски систем, а тој систем да биде стабилен
Имав можност да го прочитам финалното предлог-решение од страна на комисијата формирана од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во врска со дефинирањето на димензиите на браната и максималната кота на акумулацијата ХЕЦ „Чебрен“.
На почетокот неколку дилеми
Во составот на комисијата се избрани 12 доктори на наука, професори од Електротехничкиот и Машинскиот факултет од Скопје. Но прашањето е зошто е заобиколено здружението на Македонскиот комитет за големи брани (ЗМКГБ), заобиколени е Одделот за хидротехника при Градежниот факултет во Скопје, катедра за хидротехнички објекти – брани, катедра за хидрологија и екологија. Значи заобиколена е целата фела на хидроградежни инженери што во оваа прва фаза ги поставуваат основите на еден хидротехнички објект или каскаден систем на хидроцентрали, каков што е примерот на р. Црна Река при веќе постојна брана ХЕ „Тиквеш“.
Натаму, заобиколен е и Институтот за земјотресно инженерство (ИЗИИС) од Скопје иако сите сме свесни за сеизмичките услови на подрачјето на Р Македонија. И како 12 врвни интелектуалци енергетичари по 20 години неизграден капитален хидроенергетски објект и 15 пропаднати тендери, изработени врз база на идејниот проект од EXERGIJA – Грција, кој е невалиден, повторно се одлучуваат да гласаат за истиот проект со висока брана за ПАХЕ „Чебрен“ од H=192,0 m со пумпно-акумулациска постројка.
Становиште што треба сериозно да се разгледа
Со овој проект, сметам дека фактички се уништува водотекот на р. Црна Река во Скочивирската Клисура, како и веќе изградениот објект, односно акумулацијата на ХЕ „Тиквеш“.
Инаку, за информација на читателите, во Р Македонија постои студија за оправданост за проектот „Вардарска Долина“, каде што многу детално е обработена долината на р. Црна Река, како десна притока на реката Вардар. При крајот на овој напис ќе биде дадено техничкото решение на каскадниот систем на р. Црна Река, кое значајно се разликува од решението што го предлага комисијата како финално решение. Студијата за оправданост се работеше пет години за целото сливно подрачје на реката Вардар, со посебен осврт на р. Црна Река. Се работеше посебен софтвер за оптимизација на 60 постојни и новопроектирани објекти, кои одговараат на Законот на ЕУ за води и екоуслови за заштита на водотеците, како и водата во акумулациските простори. Студијата за оправданост беше работена од страна на FDF-Франција, која има изработено над 750 брани! Материјалите се ревидирани од пет доктори на науки, секој за соодветната проблематика, и ѝ се препорачува на Владата на РМ да се продолжи со изработка на идеен проект и тендерска документација во согласност со резултатите од оптимизацијата.
На тој начин ние денес располагаме со една единствена валидна студија за оправданост што одговара на европските критериуми за води, каде што на прво место е користењето на водите за пиење и наводнување, а користењето за енергетски потреби е на петто место. Максимално се почитуваат еколошката заштита и климатските промени. Притоа не доаѓа до физичко или какво било еколошко уништување на водотекот, а исто така постојната акумулација на ХЕ „Тиквеш“ останува со сите постојни функционални карактеристики. Мариовскиот Регион ќе може да се пошуми, озелени, ќе добие акумулациски простор во должина од 80 км, со максимална можност за развој на туризмот и енергетиката, преку изградба на три каскадни хидроцентрали.
Меѓутоа ЕСМ никако не може да ги прифати тие факти, бидејќи отсекогаш држела монопол како над енергетиката, така и над водите и водостопанството и секогаш работела во свој интерес за поголемо производство на ел.енергија. На тој начин се манипулира со македонската јавност, стручните институции за изработка на своите стратегиски програми за развој, а еве сега гледаме и преку Републичката комисија за енергетика се манипулира со Владата на РМ.
Фотоволтаичните електроцентрали и ветерните паркови како извори на електрична енергија не секогаш се предвидливи за да се води еден енергетски систем, а тој систем да биде стабилен
Некако во исто време додека ги пишував овие редови во еден поткаст се појави интервјуто на г. Бислимовски, претседател на комисијата за енергетика. Тој меѓу другото говори за поволностите за инвестирање во фотоволтаичните и ветерните електроцентрали, како приоритет на стратегијата на државата, како и развојот на капацитети за батериски системи за складирање ел. енергија од обновливите извори на електрична енергија.
Ова е многу битно поради тоа што во Македонија за последните три години се изградија фотоволтаици со моќност од околу 1.000 MW, вклучувајќи ги ветерните паркови, малите хидроцентрали, биогасните електроцентрали. Тоа е добро за портфолиото на една земја од една страна, но фотоволтаичните електроцентрали и ветерните паркови како извори на електрична енергија не секогаш се предвидливи за да се води еден енергетски систем, а тој систем да биде стабилен.
За да се постигне стабилноста на системот е потребно паралелно да се градат батериски системи за складирање електрична енергија, кои ќе се користат кога ќе нема сонце или ветер, а да се користат на пазарот на електрична енергија.
Во исклучително природни услови тука би можеле да се користат како батериски системи пумпно-акумулациските хидроцентрали.
Треба да се потсетиме дека 40 години македонската енергетска независност се обезбедуваше во најголем дел од лигнитот во РЕК „Битола“, кој е веќе истрошен!
Сега македонската енергетска независност ќе ја обезбедуваме во најголем дел од фотоволтаичните електроцентрали, а батерискиот систем ќе се обезбедува најверојатно од гасните електроцентрали, кои треба да бидат изградени најмалку на две локации во Македонија. Една во Скопје како ТЕ-ТО и една на локацијата на ТЕ „Неготино“, каде што ги има сите поволности за нивна реализација.
Ме изненадува фактот што претседателот на Републичката комисија за енергетика во еден момент го спомнува ПАХЕ „Чебрен“ како можен батериски систем за складирање ел. енергија од фотоволтаичните и ветерните електроцентрали, иако и самиот нагласува дека за реализација на ПАХЕ „Чебрен“ ќе бидат потребни најмалку 8-10 години. Во тој период јас сум сигурен дека ќе се најде пософистициран метод за батериските системи, кои ќе бидат со минимални габаритни димензии, затоа што таа технологија од ден на ден напредува. Во Јапонија веќе се прават фотоволтаични панели што даваат илјадапати поголема моќност, со габарити од овие што ние денес ги монтираме.
Не може да се заборава на новиот Закон за користење на површинските води или на него влијаат манипулациите што ги прави ЕСМ со својата невалидна техничка и тендерска документација од грчката човек-фирма EXERGIJA, изработена во 2002 година, според стариот закон за води, а истата таа е невалидна. ЕСМ за 20 години не најде начин да подготви тех. документација врз база на студијата за оправданост од проектот „Вардарска Долина“ за делот што се однесува на р. Црна Река.
Ќе бев среќен доколку имаше некое одговорно и стручно лице во секторот за развој и инвестиции при ЕСМ, затоа што досега ќе имаше подготвено соодветна техничка документација, а за 20 години можеше да биде изграден и во функција целокупниот каскаден систем на р. Црна Река, со три нови хидроцентрали ХЕЦ „Скочивир“, ХЕЦ „Чебрен“ и ХЕЦ „Галиште“.
Почетокот на овој напис ви ветив дека ќе биде дадено тех. решение на каскадниот систем на р. Црна Река
Сливно подрачје на Црна Река
Сливното подрачје на Црна Река е многу специфично и мултифункционално. Водата се користи за: пиење, наводнување (на Пелагонија), индустријата за производство на храна, за еколошки потреби и, на последно место, за енергетски потреби.
Тоа значи голем број спротивставени интереси за користење на водата, кои стручните служби и лица на „ЕСМ-Развој“ не ги согледуваат или не сакаат да ги согледаат. За жал тие добиваат поддршка од стручни лица што имаат финансиска корист од таа прикаска за „Голем Чебрен“, а тука се вбројуваат и голем број професори.
Што можеме да согледаме на профилот „Чебрен“, кој се наоѓа на средината меѓу изворот на р. Црна Река и вливот во р. Вардар?
– Средно годишниот проток на реката е сосема скромен Qsr=21,61 m3/s или 682,0 x 106 m3 ако сета вода во Пелагонија се користи за енергетски цели, односно потреби.
– Но, ако сега направиме едно балансирање на водите во Пелагонија со помош на софтверот за оптимизација, ќе ги добиеме следните резултати на профил „Чебрен“:
lрасположливи води на профилот 682,0 x 106 m3/год.
lвкупни потреби во Пелагонија 554,9 x 106 m3/год.
lповратни води 251,0 x 106 m3/год.
lбиланс на води за ел. енергија 378,1 x 106 m3/год.
– За да се наполни акумулацијата ХЕЦ „Голем Чебрен“ ќе требаат 3 години, а каде се низводните потреби за ХЕЦ „Тиквеш“ и наводнување на Тиквешко Поле.
– За да се изгради реално висока лачна брана ХЕЦ „Чебрен“ во согласност со резултатите од оптимизацијата со H= 120 m треба да се вгради меѓу 400.000 и 450.000 m3 бетон MB30. Ова количество на бетон за нашата градежна оператива е сосема прифатливо и можно.
Активниот простор во акумулацијата од 133,0×106 m3 е можен и во средно влажна година, а еколошките услови се задоволени, бидејќи биодиверзитетот во акумулацијата е во граници на нормала.
– Притоа не треба да се заборават заклучоците на студијата што е работена во периодот од 2006 год. за подрачјето на Пелагонија од страна на Институтот за климатски промени од Нова Горица, Словенија, кои тврдат дека врнежите над Пелагонија до 2050 година ќе се намалат за 35 %проценти, а потребите од вода ќе се зголемат за 50 проценти.
Заклучок
Согледувајќи ги сите овие проблеми изработувачот на студијата за оправданост за проектот „Вардарска Долина“ EDF и CNR Франција ја применува сета Европска законска регулатива за управување со водните ресурси на едно подрачје или слив и за енергетско решение во долината на р. Црна Река го предлага следното енергетско решение за објектите:
ОПТИМИЗИРАНИ КАРАКТЕРИСТИКИ
НА ОБЈЕКТИТЕ НА
ХИДРОЕНЕРГЕТСКИОТ СИСТЕМ
НА ЦРНА РЕКА
Скочивир Чебрен Галиште Тиквеш Вкупно
Кота на акумулација (МСЛ) 565 500 365 268,5
Темели (МСЛ) 535 380 250 157
Корисна висина на браната (m) 40 120 120 113,5
Корисна зафатнина (милиони m3)
5 135 60 330 530
Проток на опремата (m3/s) 70 100 120 120
Инсталирана моќност (MW) 40 110 110 88 350
Можно годишно производство
(Gwh) 95 200 185 200 680
Времетраење на користење
(часови) 2.400 1.800 1.700 1.800
Работите се изведуваат сукцесивно: од една страна тоа овозможува да се избегнат, на ниво на Македонија, премногу обемни работи во исто време, што би значело мобилизирање и на многу голем капитал, а од друга страна тоа овозможува одржување редовна и непрекината активност на домашни македонски градежни фирми на подолг период.
П.С. Овој текст го напишав инспириран од јавниот интерес, со цел да им укажам на граѓаните на Македонија, и особено од Тиквешијата, дека никој нема право да си игра и да ја уништува водата на р. Црна Река, во интерес на енергетиката поточно батериите за фотоволтаичните ел. централи. Водата за овој прекрасен и питом регион од Македонија живот значи!
Автор: Јордан Ставров
Скопје, април 2025
Авторот е дипломиран хидроинженер и проект-менаџер во периодот на реализација на студијата за оправданост „Вардарска Долина“