Кина е подготвена да работи со сите земји, вклучувајќи и со Северна Македонија, за заеднички да се достигне светска модернизација со мирен развој, заемно корисна соработка и заеднички просперитет, како и да промовира градење заедница со заедничка иднина за човештвото
Су Леи, вршител на должноста амбасадор на НР Кина во Македонија
Минатиот месец успешно се одржа третата пленарна седница на 20. Централен комитет на Комунистичката партија на Кина (КПК). Ова е многу важен состанок, одржан во овој критичен период на сеопфатна промоција на градење силна земја и постигнување национално подмладување преку кинеска модернизација. На состанокот беше усвоена Резолуцијата на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина за понатамошно продлабочување на реформите за сеопфатно унапредување на кинеската модернизација, која не само што го прикажува новиот план за економски и социјален развој на Кина туку испраќа и сигнал до светот дека Кина е непоколебливо посветена на реформите и отворањето кон светот, притоа носејќи нови можности за соработка со Северна Македонија, како и со други земји.
На состанокот беше договорено понатамошното продлабочување на реформите на сеопфатен начин и беа предложени повеќе од 300 важни реформски мерки. Ќе се фокусираме на градењето социјалистичка пазарна економија со високи стандарди, на унапредувањето на целокупната народна демократија, на развојот на силна социјалистичка култура во Кина, на подигнувањето на квалитетот на животот на луѓето, на градењето на „Убава Кина“, унапредувањето на иницијативата „Мирна Кина“ на повисоко ниво и подобрувањето на капацитетот за лидерство и долгорочно управување на партијата. Реформските задачи наведени во оваа резолуција ќе бидат завршени до моментот кога Народна Република Кина ќе ја прослави својата 80-годишнина во 2029 година. Кина има суперголем пазар, со население од над 1,4 милијарда и над 400 милиони лица со среден приход. Повеќе од една деценија нејзиниот просечен годишен придонес за светскиот економски раст надминува 30 проценти. Во првата половина од годинава, стапката на раст на БДП на Кина достигна 5,0 проценти. Кина на сеопфатен начин уште повеќе ќе ги продлабочи реформите и опсежно ќе ја промовира кинеската модернизација со висококвалитетен развој, што ќе донесе нови можности за развој за земјите низ светот, вклучувајќи и за Северна Македонија.
Состанокот внесе импулс во промовирањето на висококвалитетниот развој. Усвоената резолуција го смета висококвалитетниот развој како примарна задача за сеопфатна реализација на социјалистичката модернизација, ги насочува реформите со нови развојни концепти, ги подобрува системот и механизмот за оптимизација и надградба на традиционалните индустрии, воспоставува механизам за раст на идните индустриски инвестиции, го подобрува системот на политики за промовирање дигитална индустријализација и индустриска дигитализација и промовира различни видови напредни производствени фактори за развој на нови квалитетни производствени сили. Овие чекори ќе помогнат да се реализира значајно зголемување на вкупната фактор-продуктивност. Владата на Северна Македонија е посветена на зајакнување на дигиталното управување, на промовирање на зелениот развој и заштитата на животната средина. Кина активно развива нови квалитетни продуктивни сили и го забрзува висококвалитетниот, интелигентен и зелен индустриски развој. Кина и Северна Македонија се соочуваат со поширок простор на соработка и повеќе можности за соработка во области како што се новата обновлива енергија и дигиталната економија.
На состанокот беше посочена насоката за обликување повисоко ниво на отворена економија. Отвореноста е карактеристичен симбол на кинеската модернизација. Исто така, беа предложени постојано проширување на институционалното отворање, активно поврзување со меѓународните економски и трговски правила со високи стандарди, проширување на независното отворање, активно учество во реформата на системот на глобалното економско управување, обезбедување повеќе глобални јавни добра и подобрување на механизмот за изградба на „Појас и пат“ и промовирање на продлабочувањето и спроведувањето на висококвалитетната заедничка изградба на „Појас и пат“.
Овие мерки ја пренесуваат цврстата решеност на Кина да го прошири отворањето кон светот на високо ниво. Кина отсекогаш го поддржува отворањето и секогаш е важен учесник во реформата на глобалниот систем на економско управување. Во првата половина од годинава Кина продолжува да го одржува статусот на четврти по ред најголем трговски партнер на Северна Македонија и најголем трговски партнер надвор од Европа, а економскиот и трговскиот обем меѓу двете земји постојано расте. Кина е подготвена да работи со сите земји, вклучувајќи и со Северна Македонија, за заеднички да се достигне светска модернизација со мирен развој, заемно корисна соработка и заеднички просперитет, како и да промовира градење заедница со заедничка иднина за човештвото.
Во моментов Владата на Северна Македонија го води народот кон развој на економијата и подобрување на егзистенцијата на луѓето, отворајќи нова етапа на националната конструкција, а односите и соработката меѓу Кина и Северна Македонија се исто така на нова почетна точка. Во иднина кинеското сеопфатно продлабочување на реформите и отворањето кон светот на високо ниво, како и промовирањето на градење отворена светска економија, ќе донесе повеќе пазарни можности, можности за раст и соработка за односите Кина-Северна Македонија, правејќи го патот на заеднички развој сѐ поширок и поширок, и подобра добробит за двете земји и народи.