
Дипломатскиот пристап на Кина, чија цел е да донесе мир и стабилност со надминување на големите предизвици, дојде до израз и при трилатералниот состанок помеѓу Кина, Русија и Иран за иранското нуклеарно прашање, одржан во Пекинг во петокот. Состанокот се надоврзува на долгата листа на дипломатски активности на Народна Република Кина во рамките на нејзината т.н. мировна дипломатија, особено изразена на Блискиот Исток
Дипломатскиот пристап на официјален Пекинг во време на зголемени глобални тензии
Во денешните турбулентни времиња, кога сѐ уште се водат оружени конфликти низ светот, доаѓа и до нови и до зачестени политички превирања, при што се разгоруваат меѓудржавни спорови на повеќе полиња, создавајќи значителни поделби. Но, бездруго, аналитичарите истовремено регистрираат и еден поинаков дипломатски пристап на Кина, насочен кон соработка, а чија цел е да обезбеди мир и глобална стабилност со надминување на големите предизвици. Определбата на Кина за овозможување подобра заедничка иднина за човештвото е особено истакната деновиве во Пекинг, при обраќањата на највисоките претставници на државната власт.
Моделот на дипломатско посредување на Пекинг дава нови идеи и позитивна енергија
Посветеноста кон соработка дојде до израз и при трилатералниот состанок помеѓу Кина, Русија и Иран за иранското нуклеарно прашање, одржан во Пекинг во петокот, кога во заедничка изјава по средбата беше изразена определба за дипломатија наспроти притисокот, заканите и санкциите.
Состанокот се надоврзува на долгата листа дипломатски активности на Народна Република Кина во рамките на нејзината т.н. мировна дипломатија, особено изразена на Блискиот Исток. Во јули минатата година ривалските палестински фракции Хамас и Фатах потпишаа договор со посредство на Кина во Пекинг во согласност со напорите да најдат решение за меѓусебните несогласувања. Официјални лица од овие палестински групи се сретнаа со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, по разговорите за помирување во кои беа вклучени и десетина други палестински фракции. Во 2023 година Кина одигра клучна улога во посредувањето за обнова на односите помеѓу Иран и Саудиска Арабија по седумгодишен прекин. Дипломатски извори тврдат и дека Ирак и Оман веќе ги поставиле темелите за помирување, за што Кина има заслуга како посредник.
– Уникатниот модел на дипломатско посредување на Пекинг дава нови идеи и позитивна енергија за мир и стабилност на Блискиот Исток. Дијалог наместо конфронтација, партнерство наместо сојуз, сценарио вин-вин наместо политика на нулта сума, кинеската Глобална безбедносна иницијатива стана јавно добро на Блискиот Исток – наведуваат иранските медиуми по состанокот во Пекинг.
Kога станува збор за војната во Украина, Кина вложува напори да промовира мир и дијалог додека се залага за политичко решение преку преговори. Кинеската дипломатија посветува големо внимание и кон Африка, каде што е забележан напредок во меѓусебната соработка во трговијата, индустријализацијата, модернизацијата на земјоделството и во градењето инфраструктурни капацитети.
Кинеската дипломатија ќе застане цврсто на страната на човечкиот напредок
Големите сили и малите нации стојат на еднакви рамништа. Ниту една земја не треба да доминира со меѓународната политика. Глобалните правила мора да се почитуваат, а двојните стандарди не треба да имаат место во дипломатијата, истакна категорично кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на прес-конференција одржана во Пекинг мината недела, за време на годишниот Национален народен конгрес. Тој го посочи и напредокот на кинеската дипломатија забележан минатата година во насока на обединувањето на меѓународната заедница за да одговори на различните предизвици и за промовирање мир и развој.
– Во 2024 година беа забележани длабоки промени во меѓународниот пејзаж, како и извонреден напредок во реформите и развојот на Кина. Под раководство на генералниот секретар Си Џинпинг, Кина постигна важен напредок во својата дипломатија. Негувавме добро надворешно опкружување за висококвалитетен развој на Кина, ја донесовме многу потребната стабилност во променливиот и турбулентен свет и направивме нови и цврсти чекори во градењето заедница со заедничка иднина за човештвото. Годинава меѓународната ситуација сè уште е исполнета со предизвици. Но мисијата на кинеската дипломатија останува непроменета. Ние, заедно со другите земји, ќе продолжиме да го поддржуваме она што е правилно, ќе го насочуваме правецот на нашата ера, ќе ги браниме меѓународната правичност и правда и ќе ги чуваме светскиот мир и стабилност – нагласи шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји.
Од реториката што доаѓа од политичкото водство во Пекинг, извесно е дека Кина останува посветена на мултилатерализмот и меѓународната стабилност.
– Кинеската дипломатија ќе застане цврсто на вистинската страна на историјата и на страната на човечкиот напредок. Ќе му обезбедиме сигурност на овој неизвесен свет. Ние ќе бидеме праведна сила за светскиот мир и стабилност. Ќе продолжиме да ги прошируваме нашите глобални партнерства со еднаквост, отвореност и соработка, активно да го користиме кинескиот пристап во решавањето на горливите прашања и да пишуваме ново поглавје на Глобалниот Југ, барајќи сила преку единство. Ќе докажеме со факти дека патот на мирен развој е светол, може да обезбеди стабилен и одржлив напредок и дека тоа треба да биде избор на сите земји. Ќе бидеме прогресивна сила за меѓународна правичност и правда. Ќе го поддржуваме вистинскиот мултилатерализам и ќе ги имаме на ум иднината на човештвото и благосостојбата на луѓето. Ќе бидеме конструктивна сила за заеднички развој на светот – заклучи министерот Ванг Ји.
Забележливо е дека кинеската дипломатија изразува јасно определена насока и цели за постигнување мир, стабилност и мултилатерализам преку меѓународна соработка.
Кина цели кон добивање широка доверба
Кина ја зацврстува својата посредничка улога на меѓународната сцена, во ситуација кога во одредена мера е намалено влијанието на САД, наведуваат некои од американските и ирански медиуми.
– Изгледа дека Кина носи стратегиска одлука да се претстави како стабилна сила од доверба среде свет опфатен со превирања – пишува американската радио-телевизиска мрежа „Ен-би-си“, напоменувајќи дека министерот за надворешни работи Ванг Ји на прес-конференцијата го употребил зборот „стабилност“ најмалку 14 пати во текот на 90-те минути пред медиумите, според кинеските транскрипти.
Слично видување изнесе и иранскиот весник „Техеран тајмс“ пишувајќи „засега, позицијата на Кина како глобален посредник дојде до израз во услови на намалување на влијанието на САД на меѓународната сцена“.
САД моментно ги зајакнуваат врските со земјите од НАТО, како и со Јапонија, Јужна Кореја и Индија, додека Кина продолжува да ги проширува стратегиските врски со Русија, Иран и другите држави од Глобалниот Југ. Односот помеѓу САД и Кина моментално претставува стратегиско натпреварување, при што истовремено продолжува и дипломатската дискусија помеѓу двете светски сили.
Милко Живковиќ, наш известувач од Пекинг