Хроничната обструктивна белодробна болест (ХОББ) е галопирачки здравствен проблем. За жал, најчесто болеста се дијагностицира во напредната фаза, бидејќи пациентите се навикнуваат на симптомите, си наоѓаат разни објаснувања за кашлицата и не бараат навремена и соодветна медицинска помош, вели во разговор за „Нова Македонија“, по повод Светскиот ден за ХОББ, кој годинава е на 20 ноември, проф. д-р Деска Димитриевска, специјалист интернист и супспецијалист пулмолог и алерголог
Иницијатива на граѓаните: Почести теми поврзани со загадувањето во урбаните средини!
Хроничната опструктивна белодробна болест (ХОББ) е голем, растечки здравствен проблем. Според Светската здравствена oрганизација (СЗО), нејзиниот очекуван товар на здравствениот буџет ќе се зголеми во наредните децении, најмногу поради континуираната изложеност на фактори на ризик, аерозагадувањето, инхалираните честички и партикули, несоодветниот квалитет на воздухот што се вдишува, аерозагадувањето, изложеноста на различни пареи и гасови на работното место, но и поради растот на населението во урбаните средини итн.
Според проф. д-р Деска Димитриевска, претседателка на Македонското респираторно здружение (МРЗ), угледна експертка и специјалистка, мошне ценета и во светски рамки, за споменатата болест постои реална проекција дека ќе стане трета водечка причина за смрт до 2030 година. Професорката Димитриевска укажува дека ХОББ е една од најчестите хронични незаразни болести во светот.
– ХОББ е хронична инфламаторна болест на дишните патишта, која настанува како резултат на атипичен одговор на дишните патишта на инхалирани честички и партикули. Таа може да се превенира и да се лекува. Се јавува кај луѓе во напредната возраст, нешто почесто кај мажи отколку кај жени. Најчести причини за појава на оваа болест се: чад од цигари, аерозагадување, изложеност на различни пареи и гасови на работното место, но и голем број генетски фактори и болести на дишните патишта во детството. Клинички се манифестира со диспнеа (отежнато дишење), кашлица со искашлување густ, понекогаш пурулентен (гноен) исплувок. Со текот на времето болеста прогресира, доведува до иреверзибилно пропаѓање на дишната функција, завршува со хронична респираторна инсуфициенција и недостиг од кислород во сите ткива и органи – вели д-р Димитриевска.
Хроничната опструктивна белодробна болест, во напреднат стадиум, се манифестира и со екстрапулмонални состојби како што се мускулна дисфункција, намален капацитет за вежбање, физичка неактивност и психосоцијални проблеми. Овие манифестации може да ги влошат симптомите на болеста и да го нарушат квалитетот на животот. Понатаму, голем број од пациентите со ХОББ имаат еден или повеќе коморбидитети, кои дополнително го компромитираат нивното функционирање во секојдневниот живот.
Нашата соговорничка истакнува дека и покрај тоа што ХОББ е голем, растечки јавно-здравствен проблем, постојните податоци за преваленцата на ХОББ се ограничени во многу земји.
– Универзално високата субдијагностицираност на ХОББ или погрешна дијагноза ги лишува пациентите и здравствените власти од спроведувањето соодветни превентивни и терапевтски мерки. Всушност, од 50 суверени европски земји, само 19 (38 отсто) имаат достапни веродостојни податоци за преваленцата на ХОББ. Најчесто болеста се дијагностицира во напредната фаза, бидејќи пациентите се навикнуваат на симптомите, си наоѓаат разни објаснувања за кашлицата и не бараат навремена и соодветна медицинска помош – појаснува проф. д-р Димитриевска.
Таа додава дека ХОББ е растечка причина за морбидитет и морталитет на глобално ниво.
– ХОББ е растечка причина за морбидитет и морталитет на глобално ниво и е поврзана со значителен економски и социјален товар. Преваленцата, морбидитетот и морталитетот варираат во разни земји. Колку е посиромашна државата, толку е поголем бројот на болни со ХОББ и уште поголем е бројот на тие што не се дијагностицирани навреме. ХОББ е една од најзначајните причини за смртност. Во 2011 година, беше трета причина за смрт во САД, а се смета дека тоа се должи на порастот на пушењето, намалената смртност од други причини како исхемична срцева болест или инфективни заболувања, стареењето на светската популација, како и недостигот од ефикасна терапија за модификација на болеста. Според СЗО, од 2019 година ХОББ е трета причина за смртност глобално, која предизвикала 3,23 милиони смртни случаи, со глобална преваленца од 13,1 отсто. Со зголемената застапеност на пушењето и стареењето на популацијата се очекува бројката да се зголеми на 5,4 милиони смртни случаи годишно до 2060 година – нагласува д-р Димитриевска.
Експертката вели дека економскиот товар на заболувањето е голем. Во земјите на Европската Унија изнесува 56 отсто од вкупниот директен трошок за респираторни заболувања. Постои директна поврзаност помеѓу тежината на болеста и цената на лекувањето.
– Во земјите со низок приход многу е значаен и индиректниот трошок, поради неможноста на здравствените системи да обезбедат оптимален третман. Ова води до почести подолготрајни отсуства од работа не само на пациентите туку и на членовите на нивните семејства, кои треба да се грижат за болниот. ХОББ е и примарен причинител на години од животот поминати во инвалидитет, со пораст од 59,2 милиони години во 1990 година на 74,4 милиони години во 2019 година. Во САД е втора причина за години од животот поминати во инвалидитет, по исхемичната срцева болест – објаснува д-р Димитриевска, која е членка и на четири специјализирани здравствени меѓународни асоцијации (на европско и на светско ниво).
Преваленцата на ХОББ во Македонија е 7,16 отсто, а смртноста од ХОББ е околу 1,6 отсто, посочува д-р Димитриевска.
– Преваленцата на ХОББ во Македонија е 7,16 отсто, а смртноста од ХОББ е околу 1,6 отсто. Овие бројки се припишуваат на пушењето, кое предизвикува околу две третини од вкупниот морбидитет на ХОББ, највисок меѓу споредените земји. Овие бројки се добиени од поединечни студии работени на мали групи популација. Недостигаат објавени студии за моменталната состојба на целата популација, но необјавени извори укажуваат на тоа дека управувањето со ХОББ во Македонија е недоволно развиено и несоодветно. Матичните лекари немаат доволно можности за навремена дијагностицирање, лекување и спречување на ХОББ. Дијагностиката и третманот на ХОББ се одвиваат на секундарно и терциерно ниво, а пациентите таму стигнуваат многу доцна. Листите на чекање може да бидат долги и географската пристапност може да биде проблем за некои пациенти со ХОББ. Ова исто така го комплицира долгорочното следење. Понатаму, лековите за ХОББ се скапи, дел од нив не ги покрива Фондот за здравствено осигурување, што резултира со неадекватен третман, зголемен ризик од прогресија на болеста и егзацербации – напоменува проф. Димитриевска.
Важноста на мерењето на функцијата на белите дробови – тема на Светскиот ден на ХОББ
Со цел да се зголеми свесноста за оваа сериозна болест и да се подобрат сите чекори во справувањето со ХОББ, Глобалната иницијатива за ХОББ (ГОЛД) со години организира светски ден на ХОББ, кој секогаш се одбележува во ноември.
Темата за годинашниот светски ден на ХОББ, кој се одржува на 20 ноември, е „Знај ја функцијата на белите дробови“. Годинашната тема има цел да ја истакне важноста на мерењето на функцијата на белите дробови, исто така познато како спирометрија.
– Светскиот ден за издигање на свеста за хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ) е глобална иницијатива посветена на издигање на свеста за ХОББ, нејзината превенција и важноста од рана дијагноза и третман. Таа има цел да го намали товарот на ХОББ, да го подобри квалитетот на животот на засегнатите и да промовира поздрави бели дробови за секого. Светскиот ден за издигање на свеста за ХОББ е годишен настан што го насочува вниманието кон хроничната опструктивна белодробна болест, прогресивна состојба на белите дробови што погодува милиони луѓе низ светот. Денот е можност да се едуцира јавноста за причините и факторите на ризик за ХОББ и да се охрабрат поединците да преземат акција за заштита на нивното здравје на белите дробови. Оваа иницијатива обезбедува платформа за поединци, здравствени работници и организации да се здружат и да се справат со предизвиците што ги носи ХОББ – вели д-р Димитриевска.
Македонското респираторно здружение (МРЗ) е асоцијација на доктори специјалисти пулмолози, интернисти, педијатри, специјализанти, но и пнеумофтизиолози, матични лекари и други што се занимаваат со респираторно здравје. И тие организираат настан по повод Светскиот ден на ХОББ.
– Секоја година организираме одреден настан по повод Светскиот ден на ХОББ. Годинава ќе се одржи стручен состанок на оваа тема на 20 ноември, со почеток во 15 часот. Ќе ги пренесеме нашите сознанија и препораки за овој значаен проблем, не само на докторите туку и на пошироката јавност и здравствени авторитети што креираат здравствени политики во државата – заклучува д-р Димитриевска. Ж.З.
Признаена во меѓународни рамки како членка на европски и на светски здруженија
Проф. д-р Деска Димитриевска работи како специјалист интернист и супспецијалист пулмолог и алерголог во ЈЗУ Универзитетска клиника за пулмологија и алергологија – Скопје при клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Во периодот од 2007 до 2009 година беше в.д. директорка на Клиниката во три мандати. Таа е редовна професорка на Медицинскиот Факултет при УКИМ „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, по предметот Пулмологија и алергологија при Катедрата за интерна медицина.
Димитриевска е членка на Европското респираторно здружение, на Европската академија за алергологија и клиничка имунологија, членка е на Управниот одбор на Светската асоцијација за бронхоскопија и интервентна пулмологија и еден од научните соработници во Редакцискиот одбор при Европската мрежа за превенција и контрола на употребата на тутун.
Авторка е и коавторка на повеќе научни книги, како и на над триста стручни, научни трудови, кои се објавени и/или презентирани на огромен број национални, регионални и меѓународни стручни собири. Таа е редовна учесничка, често и предавачка, на голем број европски, регионални и национални собири на доктори и специјалисти за респираторни болести.
Во 2020 година, во еминентното списание „Европски респираторен журнал“, кое е издание на Европското респираторно здружение, беше објавена заедничка научна студија, труд на неколку доктор(к)и од Македонија, меѓу кои и д-р Димитриевска, насловена „Континуиран ефект на мигрантската криза врз статусот на пушење кај мигрантите“.
Живко Здравкоски