Во Отава и Мексико Сити, како и на светските финансиски пазари, имаше олеснување по договорот за избегнување големи царини за Канада и Мексико. И канадскиот премиер Џастин Трудо и мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум изјавија дека се согласиле да ги засилат напорите за надгледување на границата како одговор на барањето на Трамп за сузбивање на имиграцијата и трговијата со дрога. Тоа ќе направи извесна временска пауза од воведување на тарифите од 25 отсто, кои требаше да стапат во сила вчера.
Во тоа име, Канада се согласи да распореди нова технологија и персонал по должината на границата со САД и да започне посилни напори за борба против организираниот криминал, трговијата со фентанил и перењето пари.
Исто така, Мексико се согласи да ја зајакне својата северна граница со 10.000 војници на Националната гарда за да го запре протокот на илегална миграција и дрога.
И САД, исто така, се обврзаа да го спречат шверцот со оружје со голема моќност во Мексико.
– Како претседател, моја одговорност е да ја осигурам безбедноста на сите Американци и токму тоа го правам. Многу сум задоволен од овој првичен исход – изјави во јавноста претседателот на САД. По телефонскиот разговор со двајцата лидери, Трамп рече дека ќе се обиде да преговара за економски договори со двата најголеми трговски партнери на Америка во текот на следниот месец, чии економии станаа тесно испреплетени со Соединетите Американски Држави откако беше постигнат историски договор за слободна трговија во 1990-тите.

Европа ќе биде подготвена да возврати доколку САД воведат царини

Трамп викендов во јавноста изјави дека „27-члената Европска Унија ќе биде негова следна цел“, но не кажа кога точно би било тоа. Лидерите на ЕУ на неформалниот самит во Брисел во понеделникот изјавија дека „Европа ќе биде подготвена да возврати доколку САД воведат царини“, но исто така европските лидери повикаа на „разум и преговори“.
САД се најголемиот трговски и инвестициски партнер на ЕУ. Трамп во текот на викендот призна дека неговите тарифи може да предизвикаат краткорочна болка за американските потрошувачи, но рече дека тие се потребни за сузбивање на имиграцијата и трговијата со дрога и за зајакнување на домашната индустрија. Тарифите, како што првично беа планирани, ќе опфатат речиси половина од целиот увоз на САД и ќе бараат од САД да го удвојат сопственото производство за да ја покријат празнината.