Отсуство од инфраструктурни инвестиции и подобрување на стандардот во регионите во кои живеат припадниците на македонската заедница / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Република Албанија, која претендира да стане членка на Европската Унија, има капацитет за подобрување на условите за живот во регионите во кои живее македонската заедница. Во 21 век недозволиво е да има недостиг од инфраструктурни проекти, како што се патишта или канализација. Република Албанија како држава и општество мора да најде сили и да ги подобри општите услови во регионите во кои живеат Македонците. Само на тој начин Албанија ќе потврди дека се грижи за човековите и малцинските права и дека е искрена со македонската заедница, велат нашите соговорници

Припадниците на македонскиот народ во Албанија да имаат подостоинствен живот

Според одредени податоци, припадниците на македонскиот народ во Република Албанија бројат околу 100.000 луѓе и официјално живеат во областите Гора, Голо Брдо, Преспа, Врбник и областа Девол, по должината на албанско-македонската граница. Освен во овие области, околу 10.000 Македонци живеат и во Тирана, Елбасан, Драч, Кукс и други македонски градови. Албанската држава има релативно позитивна политика кон малцинските права на македонскиот народ, но одредени познавачи на состојбите нагласуваат дека постои одреден неискреност.
Ова е особено забележливо во фактот дека македонско малцинство се признава само во областа Преспа, Општина Пустец, но не и во Гора и Голо Брдо, како и во недостигот од инфраструктурни инвестиции и подобрување на стандардот во регионите во кои живеат припадниците на македонската заедница.
Васил Стерјовски, претседател на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), смета дека во Република Албанија нема политичка волја од сите политички сили за остварување на легитимните права на малцинствата, вклучувајќи и на македонското. Според него, во албанското општество на малцинствата не се гледа како на мост за поврзување со матичните држави.
– Ние како малцинства сите сме мирољубиви малцинства. Ние сме ѝ лојални на оваа држава, плаќаме даноци во оваа држава и досега не сме презеле ништо против оваа држава, затоа што таа на крајот е наша татковина. Овде сме родени, овде живееме и го сакаме најдоброто за оваа земја, но на крајот сакаме да си го зачуваме и тоа што сме, нашата националност, нашиот јазик. Не е некој проблем што државата не може да го реши – нагласува Васил Стерјовски.

Дека постои одредена неконзистентност на албанската држава кон малцинствата во глобала потврдуваат и добро упатени во оваа проблематика. Според нив, Албанија како држава и општество не вложува дополнителни напори за унапредување на условите за живот во оние области во кои живеат малцинствата, како што е македонската заедница во Пустец или Голо Брдо. Станува збор за пресметана политика на албанските политички кругови кон малцинствата, при што областите ги претвораат во своевидни резервати и кампови, велат нашите соговорници.
За оваа проблематика Васил Стерјовски нагласува дека правото на образование во Пустец го имаат од 1945 година. Но сега училиштето таму е затворено бидејќи поради лошите услови за живеење луѓето си заминале.
Во Голо Брдо и во Гора, поточно таму каде што има барање, бидејќи таму сите се Македонци, сите зборуваат македонски, но сакаат да научат и да пишуваат. Со неколку професори по македонски јазик да се воведе македонскиот јазик во наставниот процес не е проблем за државата, не е некој голем трошок да се ангажираат и да се платат пет професори – вели Стерјовски.
Лидерот на единствената македонска партија во Република Албанија вели дека оваа состојба е потврда дека нема политичка волја од сите албански влади, како и дека политичка волја не постои зашто сите партии се плашат, особено како ќе реагира електоратот, да не им дадат многу на малцинства.
– Мојата порака, пред сè, е дека сите влади треба да обрнат внимание, особено на областите во кои живеат малцинствата. Јас конкретно зборувам за мојата заедница. Ние можеме да зборуваме за правото на образование, култура и јазик, но во крајна линија тие треба да имаат подостоинствен живот, бидејќи условите во кои живее македонското малцинство во Албанија во руралните средини се навистина скандалозни, без патишта, без вода, без канализација- нагласува Васил Стерјовски.
Република Албанија, која претендира да стане членка на Европската Унија, има капацитет за подобрување на условите за живот во регионите во кои живее македонската заедница. Но за да се случи тоа, според нашите соговорници, потребна е политичка волја од сите чинители на албанското општество,.
– Апсурдни се условите за живот на Македонците во Гора и Голо Брдо. Во 21 век недозволиво е да има недостиг од инфраструктурни проекти, како што се патишта или канализација. Република Албанија како држава и општество мора да најде сили и да ги подобри општите услови во регионите во кои живеат Македонците. Само на тој начин Албанија ќе потврди дека се грижи за човековите и малцинските права и дека е искрена со Македонците – велат нашите соговорници.


Македонска алијанса за европска интеграција со барање до албанските власти за намалување на премијата за зелен картон за патување во Македонија и Грција

– Партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) бара од албанската влада и Одборот за финансиски надзор итно да започнат процес на консултации и координација со Албанското биро за осигурување, со цел истата мерка за намалување на премијата за зелен картон на 50 евра годишно да се примени и за Македонија и Грција- рече Васил Стерјовски, претседател на партијата.
Тој исто така оценува дека оваа одлука ќе донесе директни придобивки за албанските граѓани, особено за жителите на округот на Корча, кои имаат тесни семејни, економски и културни врски со Македонија и со Грција. Намалувањето на оваа тарифа ќе овозможи поголема слобода на движење, ќе им го олесни секојдневниот живот на илјадници граѓани и ќе помогне во продлабочување на регионалната соработка меѓу Албанија, Македонија и Грција.
Македонска алијанса за европска интеграција внимателно ќе го следи овој процес и ќе продолжи да ја поддржува секоја иницијатива чија цел е подобрување на животните услови и олеснување на слободното движење на граѓаните.
– Ги повикуваме надлежните институции да преземат мерки за да обезбедат еднаков третман за нашите граѓани што патуваат кон Македонија и Грција, со што ќе се намали големиот економски товар врз граѓаните и бизнисите што работат во регионот – нагласува Стерјовски.