Сѐ уште актуелен тренд за проширување на воениот конфликт на Блискиот Исток
- Иран изведе напади врз американските воени капацитети и инфраструктура во Кувајт, Катар, Саудиска Арабија и во Обединетите Арапски Емирати, додека Израел соопшти дека почнал нова серија воздушни удари врз Иран и Либан
Сѐ повеќе држави од Персискиот Залив, како и Турција и Азербејџан, се наоѓаат на нишан, известувајќи за ирански воздушни напади извршени врз нив, како одговор на американско-израелските удари врз Иран, по 10 дена од воениот конфликт што се шири низ регионот. Иран изведе напади врз американските воени капацитети и инфраструктура во Кувајт, Катар, Саудиска Арабија и во Обединетите Арапски Емирати, додека Израел соопшти дека почнал нова серија воздушни удари врз Иран и Либан.
Цели на последните израелски напади претставуваат иранските воени положби за лансирање ракети, како и инфраструктурата на иранските власти. Израелската армија исто така соопшти дека ја погодила инфраструктурата на милитантната организација Хезболах во главниот град на Либан, Бејрут.
Обединетите Арапски Емирати засега се најчеста цел на иранските возвратни удари, покрај Израел, при што беа цел на повеќе од 230 балистички ракети, околу 10 крстосувачки ракети и над 1.400 ирански беспилотни летала „шахед“. Повеќето напади беа пресретнати пред да ги достигнат своите цели.
Техеран и Вашингтон изнесуваат тврди ставови за ставање крај на војната
Иранските власти соопштија дека немаат интерес за мировни преговори додека државата е нападната.
– Додека воената агресија продолжува, има малку простор да се зборува за нешто друго освен за решителен одговор – изјави вчера портпаролот на Министерството за надворешни работи, Есмаил Багаи.
Ваквиот став на Иран следуваше по изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој ден претходно во телефонски разговор за израелскиот весник „Тајмс оф Израел“ изјави дека одлуката за завршување на војната ќе биде донесена заедно со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Министерот за одбрана на САД, Хегсет, исто така рече дека САД и претседателот Трамп ќе ги постават „условите за предавање“ со Иран, без да понуди специфики.
Ризикот дека нарушувањето на глобалното снабдување со енергија може да трае подолго од очекуваното предизвика скок на цените на нафтата и пад на глобалните берзи. Р.С.
Именуван нов врховен лидер на Иран
Тврдокорното политичко водство останува цврсто на власт преку Моџтаба Хамнеи
Повеќе од една недела откако иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, беше убиен во американско-израелските напади на 28 февруари, иранските власти избраа негов наследник. Иранските државни медиуми објавија дека Моџтаба Хамнеи, вториот син на покојниот ајатолах Али Хамнеи, е назначен за нов врховен лидер на Иран. Политичките лидери, вклучувајќи го и претседателот Масуд Пезешкијан, го поддржаа неговото назначување, што сигнализира дека тврдокорното политичко водство останува цврсто на власт во Иран, според познавачите на состојбите. Р.С.

































