Снегот пак нѐ изненади во јануари
Снегот вчера ги изненади граѓаните. Актуелни беа најави за дожд во скопската котлина, па снегот што од вчераутро почна да паѓа во државата беше пријатно изненадување за сите. Сепак, се чини дека децата, кои се на зимски распуст, се најрадосни и во исчекување да нападне доволно снег за да можат да играат разни зимски игри. За тоа какво време нѐ очекува во следните денови и до крајот на месецот, „Нова Македонија“ се обрати до Управата за хидрометеоролошки работи, за подетални информации за временската прогноза во следниот период.
Од УХМР, за следните денови прогнозираат доста студено и ветровито време.
– Времето денеска ќе биде облачно и ветровито, со слаб снег. Утринските температури ќе се движат од еден од четири степени, а дневните од три до шест. Во Скопје, температурата ќе се искачи до четвртиот степен – информира Борис Секирарски, дежурен синоптичар во УХМР.
Тој нагласи дека во следните денови времето ќе биде многу студено и ветровито.
– Северен ветер ќе има во наредните денови, а најмногу денеска, в среда и в сабота. Од среда ќе биде сѐ постудено наутро, а в четврток и петок ќе биде најстудено и температурите ќе паднат и до десет степени под нулата. Дневната во некои населени места ќе остане негативна. Во Скопје, температурата ќе се движи околу еден-два степена над нулата – вели Секирарски.