Уште по првата најава на Мицотакис за „инволвирање на НАТО во билатералните односи Македонија – Грција во контекст на Преспанскиот договор“, во македонската (политичка) јавност беа анализирани можните алатки и опции што би можела да ги преземе Грција во контекст на искажаните отворени закани и можна опструкција на македонското членство во Алијансата. Но преповторувањето на предупредувањата од грчкиот премиер Мицотакис ги динамизира размислувањата кај нас за тоа какво ново „непријатно искуство“ (како што се изрази Мицотакис) може да смисли Грција за меѓународно опструирање на Македонија, а тоа да биде нешто што не го направила досега? Наместо да ја исполни преземената обврска (од договорот) за олеснување и помагање на евроинтегративниот пат, Атина сиве овие години и активно и пасивно го опструира…
Канонада закани од официјална Атина
Секојдневното испраќање пораки до новоизбраните македонски власти за почитување на Преспанскиот договор, речиси со иста фразеологија и „закани“ од страна на грчкиот премиер, сериозно упатува на констатацијата дека Македонија е клучна тема во предизборната пиар-стратегија за изборите во ЕУ на Кирјакос Мицотакис. Во едно најскорешно гостување во информативна програма на грчките медиуми, веќе познатата „најава“ дека прашањето за почитувањето на Преспанскиот договор од страна на Македонија ќе го постави како тема на самитот на НАТО, наредниот месец, Мицотакис го дополни со гласно „предупредување“ дека сегашниот мандатар за составување на македонската влада (до самитот на НАТО – веројатно веќе и премиер) ќе доживее „непријатно прво искуство“. (?!)
– Во однос на Скопје, Северна Македонија, мојата порака до мандатарот за премиер е многу јасна. Предизборниот период заврши. Договорот од Преспа, кој за нас имаше многу проблеми, но основното достигнување е едно име за сите, ерга омнес, мора да го почитува. И да даде категорична изјава, кога и официјално ќе ја преземе премиерската функција, дека го почитува Договорот од Преспа… Во спротивно, единственото нешто што ќе може да го постигне е да има едно многу непријатно прво искуство, кога сите заедно ќе се сретнеме во Вашингтон, на 75-годишнината од НАТО, на почетокот на јули – изјавил Мицотакис и уште еднаш повторил дека и на Самитот на НАТО ќе го отвори конкретното прашање.
Уште по првата најава на Мицотакис за „инволвирање на НАТО во билатералните односи Македонија – Грција во контекст на Преспанскиот договор“, во македонската (политичка) јавност беа анализирани можните алатки и опции што би можела да ги преземе Грција во контекст на искажаните отворени закани и можна опструкција на македонското членство во Алијансата. Без потценување на димензиите на грчката дипломатска акција и опструктивни намери, генералниот заклучок е дека НАТО не е форум за прашањата што сака да ги наметне Грција, особено во контекст кога фокусот на самитот е на други геополитички интереси на Алијансата. Дури, според базичните документи на НАТО, една земја членка никако не може да исклучи друга членка. Но повторувањето на „предупредувањата“ од Мицотакис ги насочува размислувањата повеќе во доменот на љубопитност – што ново како „непријатно искуство“ може да смисли Грција за меѓународно опструирање на Македонија, а тоа да биде нешто што не го направила досега?
– Грција како сосед, толку непријатно се однесува цело време во билатералните односи со Македонија и на меѓународните форуми, така што какво и да е „непријатното искуство“ што го смислила, секако нема да биде прво. Но што се однесува до НАТО, со други поважни приоритети за стратегиски прашања, секако дека нема интерес да посветува внимание на грчките каприци, а нема интерес ниту да го проблематизира партнерството со Македонија. По сите непријатни опструкции што досега Грција ги има направено спрема Македонија, тука сепак живее суверен народ со сопствена историја, без оглед на нивните историски фалсификати. „Непријатните искуства“ што ги најавува Мицотакис би можеле да бидат само повторување на ниските удари спрема македонските граѓани, како блокирање на границата, проблематизирање на влезот во Грција…, многу недостојно во контекст на политичките односи и меѓународните договори, на кои се повикува и самата Грција, како членка на ЕУ – вели поранешната македонска амбасадорка Мелпомени Корнети.
Претпоставката дека заканата на Мицотакис може да се однесува на ново грчко вето за македонските евроинтеграции, во ситуација кога тие и така се блокирани (од Бугарија), не изгледа политички сериозно за политичар од габаритот на грчкиот премиер. Всушност и самиот Мицотакис изјави дека „не мисли дека нема да биде потребно да стигнеме до таму“, т.е. до вето за евроинтеграциите на Македонија (и Албанија).
– Упорноста во повторувањето на пораките што ги испраќа грчкиот премиер спрема македонската претседателка и мандатарот за составување влада, наведува дека тоа е планирано во контекст на кампањата за европските избори. Практично целата изборна кампања во Грција им се сведува на Македонија. Претходно не нѐ ни спомнуваа, но, за жал, по сѐ што направи претходната политичка опција на власт во Македонија, по сѐ што им дозволија на грчките политичари, тие сметаат дека имаат право да влијаат на внатрешните односи во Македонија и да го ограничуваат правото на слободно изразување и самоопределување на највисоките претставници на власта во Македонија и на македонските граѓани. Какви било „непријатни искуства“ да подготвуваат во Грција за Македонија, тоа секако ќе биде и на нивна штета. Сега сметам дека ниедна од сите тие претходни опструкции, блокади, деноминирања итн. нема да успеат бидејќи се нови околности и ситуацијата е сосема различна и на геополитички план. Затоа, мислам дека штом завршат изборите за ЕУ во Грција, повторно таму ќе престанат да го спомнуваат Преспанскиот договор, затоа што ако го изгубат, тоа ќе биде само во корист на нивна огромна штета. Од проста причина затоа што договорот каков што е, е – асиметричен, во целосна корист на Грција. Го укинат ли, ние ќе бидеме апсолутни добитници, и тие го знаат тоа – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.