Фото: Игор Бансколиев

Институтот за демократија (ИДСЦС) и Институтот за европска политика (ЕПИ) изработија документ чија цел е да ја информира општата и политичка јавност и да го изостри нејзиниот фокус за суптилностите што евентуалниот компромис со Бугарија мора да ги земе предвид. Во продолжение ги пренесуваме клучните пораки од овој сеопфатен документ

АНАЛИЗА НА ИДСЦС И НА ЕПИ ЗА БУГАРСКОТО ВЕТО НА МАКЕДОНСКИТЕ ЕВРОИНТЕГРАЦИИ

 

Ако Македонците се принудени да се откажат од својот идентитет и достоинство за да зачекорат кон европските интеграции, тогаш не може да се зборува за европски интеграции. Овие две вредности, кои сме и каде сакаме да одиме, никогаш не можат да бидат прашање на избор, не во Европа на 21 век. Засилениот дијалог меѓу владите на двете земји наметнува потреба да ѝ ги воочиме на јавноста црвените линии преточени низ конкретни, а не декларативни принципи и решенија, кои политиката мора да ги испочитува за да обезбеди трајно, вистинско и одржливо решение на проблемот со Бугарија. Македонската држава никогаш не смее да поддржи преговарачки процес со ЕУ, кој ќе стане основа на разнебитување на нашата државност, загрозувајќи ја внатрешната и регионалната стабилност кон несогледливи последици. Обврските што ќе ги преземе Македонија неповратно ќе ги определат нашата иднина и улога во ЕУ. Треба да сме свесни дека со прифаќањето на бугарските барања, тие стануваат дел од пристапниот договор на државата со ЕУ, ако и кога ќе дојде тој момент.

За македонските позиции – што е важно?!

  • Повикувањето на ЕУ за „заемно прифатливо решение“ меѓу двете држави е неприфатливо. Станува збор за проблем на ЕУ (и нејзина земја-членка) кон една држава-кандидат. Суштината е злоупотреба на процесот на проширување за политика на менување идентитет, што ЕУ мора да го спречи и да го реши без да ја префрла одговорноста преку повици за решавање на „билатералното прашање“. Таквата политика е спротивна на европските вредности, меѓународното право и на Стратегијата за проширување.
  • Преговарачкиот процес мора да европеизира, а не да бугаризира.
  • Сите барања на Бугарија се меѓусебно поврзани и сите го загрозуваат македонскиот идентитет. Оттука, тие не смее да се гледаат и да се третираат засебно.
  • За какво и да е решение да има легитимитет, Владата мора да се потпре на широка политичка и граѓанска поддршка. Основа за тоа е Резолуцијата на Собранието за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, донесена со висока согласност на политичките субјекти.
  • Предуслов за одржливо решение на наметнатиот спор е Бугарија да ги повлече Рамковната позиција, изјавите и Објаснувачкиот меморандум, досега поднесени до Советот на ЕУ, односно 2 државите-членки. Овие документи грубо го негираат македонскиот идентитет и ја даваат рамката за толкување на какво и да е идно решение или нова бугарска позиција.
  • Бугарија треба да се обврзе темите за етнојазичната генеза на Македонците да не бидат услов во европската интеграција, во спротивност таа ни дава „отровно црвено јаболко“, а интеграциите ги прави антиевропски.
  • Македонската страна досега го нема прекршено Договорот, 1 наспроти обвинувањата коишто во континуитет ја разрушуваат довербата. Сепак, нашите државни претставници мораат како соседи и сојузници во НАТО да продолжат да разговараат на многу различни нивоа и да работат на градењето меѓусебна доверба.
  • Македонија треба да се воздржи од започнување преговори со ЕУ по секоја цена, позиција што остава простор за преговарачкиот процес, што е алатка за идентитетски и историски ревизии. Во отсуство на доверба и од позиција на очај, не може да се дојде до одржливо и достоинствено решение, бидејќи другата страна стекнува впечаток дека ветото функционира. Владата не треба да се потпира исклучиво на билатерални преговори со Бугарија, во услови кога ветото ја прави бугарската позиција во преговорите несразмерно посилна, туку да обезбеди принципиелен ангажман на другите земји-членки на ЕУ. Во моментов нема никаква гаранција дека и покрај веќе направените и најавените концесии, државата ќе стане членка на ЕУ.

Какво и да е решението со Бугарија, тоа мора:

  • Да биде поврзано исклучително со крајот на пристапниот процес – по ратификацијата на пристапниот договор меѓу ЕУ и Северна Македонија од сите субјекти (држави-членки, ЕУ, Северна Македонија) – вклучувајќи го и евентуалното внесување на бугарско малцинство во Уставот.
    • Да спречи можност за нови блокади на преговорите од страна на Бугарија врз основа на нејзиното толкување на Договорот.
    • Македонија не смее да престане да разговара со Бугарија за надминување на разликите.
    • Да има широка поддршка од јавноста и политичките субјекти.
    • Да ги гарантира придобивките од Преспанскиот договор.

КОН МАКЕДОНСКИТЕ ЦРВЕНИ ЛИНИИ

• Недозволиво е внесување механизам за следење или спроведување на Договорот во преговорите (преку Преговарачката рамка). Во ваков случај тој механизам би станал услов за текот на преговорите и процесот би се претворил во диктат од страна на Бугарија за исполнување услови што немаат никаква врска со правото на Европската Унија.
• Бугарија мора да се обврзе дека нема дополнително да отвора нови прашања. Во спротивно, пристапниот процес станува заложник на практиката од постојано отворање нови прашања од страна на Софија (Преамбулата, обвинувањето за дискриминација што не постои во реалноста, веројатно во иднина резултатите од пописот) и одолжување на преговорите до недоглед.

  • Македонски јазик без какви и да е додавки
    Не смеат да се дозволат измени на предложениот текст на Преговарачката рамка во која стои македонскиот јазик, ниту какви и да е дополнителни појаснувања, изјави итн. со кои ќе се релативизира посебноста на македонскиот јазик. Каква и да е задршка или резерва во однос на јазикот сега, ќе води во најмала рака кон нерамноправен третман на македонскиот јазик, а со тоа и на државата во ЕУ. Текстот на Пристапниот договор со ЕУ во однос на јазикот мора да биде идентичен како и за другите држави пристапнички. Постојната билатерална јазична клаузула не смее да се преслика на ниво на ЕУ.
  •  Не смее да се прифати менување на Уставот како услов за почеток и текот на преговорите
    Бугарската страна треба експлицитно да го признае македонскиот идентитет. Врвен ризик е секакво менување на Уставот на Република Северна Македонија освен на самиот крај на пристапниот процес, односно по сите ратификации, кога Бугарија нема да има можност за блокада. Бугарија инсистира на менување на Уставот во рана фаза на пристапувањето, затоа што тоа ѝ отвора можност за постојан притисок врз идентитетски прашања и за последователни барања. Барањата за правична застапеност и јазични права можат да произлегуваат единствено од пописот. Секој договор што не спречува повикување на „Македонците со бугарски пасоши“ како критериум за колективни права е многу опасен. Секаква изјава со која Северна Македонија би го негирала постоењето на македонското национално малцинство во Бугарија би била спротивна на меѓународните принципи на правата на малцинствата и сериозно би го нарушила дигнитетот на државата. Северна Македонија не може да се откаже од правата што ги има како рамноправна членка во меѓународните организации (како Советот на Европа) за ниедно прашање, па ниту за прашањето за македонското национално малцинство во Бугарија. Итно спроведување на пресудите на ЕСЧП за македонските организации во Бугарија би било не само знак на добра волја од страна на Бугарија туку и извршување на нејзините дамнешни меѓународни обврски. Апсурдно е признавањето на бугарското малцинство во Уставот на Северна Македонија во услови кога Бугарија го негира постоењето на македонската нација и македонскиот јазик. Обидот бугарското барање за промена на Уставот да дојде преку Брисел е спротивен на принципите на ЕУ.
  • Да се спречи злоупотреба на историското минато за етнополитички цели

„Декларацијата на Собранието од 2006 година за извинување на жртвите од репресијата од режимот во периодот 1945-1990 година веќе го третира прашањето на рехабилитација на жртвите од комунизмот. Рехабилитација се однесува на жртвите без оглед на етничката припадност.“ Антифашистичката димензија на споменичните обележја мора да се зачува, бидејќи е суштински дел од македонската државност.

  • Спречување на говорот на омраза од двете страни гарантирајќи ја слободата на изразување
    Мора да се дефинира говорот на омраза, користејќи една од постојните меѓународни дефиниции, со оглед на арбитрарноста на обвинувањата за говор на омраза во последниве три години. Обврските за борба против говорот на омраза треба да бидат целосно реципрочни и да не се загрозува слободата на изразување. Спречувањето на говорот на омраза не смее да биде инструмент на цензура што ќе ја негира слободата на изразување и ќе го регулира наративот во културата и творештвото. Говорот на омраза може да се третира единствено од аспект на правото на ЕУ и меѓународното право, еднакво во двете земји.

• Работата на историската комисија ослободена од диктат и без ограничување со рокови
Владата може да го дефинира процесот – што ќе прават двете влади кога ќе има резултат од работата на комисијата – но не може и не смее да прифати обврска на резултат, а уште помалку временски рокови. Комисијата треба да работи без диктат и каков и да е политички притисок. Треба да се обнови предлогот за интернационализација на работата на комисијата, затоа што не се работи за „билатерална историја“, туку за европска и светска историја.