Мелиорацијата е исклучително важен зафат што чека да биде реализиран. Како процес, мелиорацијата им е есенцијално потребна на земјоделските површини. Таа особено е неопходна во индустриските и постиндустриските области, а преку процес на системска и систематска мелиорација мора да се инсистира на брза реализација на мелиоративните зафати во близината на железнички пруги (Повардарието, Тиквешкиот Регион), во опкружение на воените бази (Криволак) или во близината на аеродроми (Скопско Поле и Струшко Поле). Во тој дел значаен ефект може да има и државата на централно ниво, како капитална инвестиција за наводнување (за националното земјоделство), но треба да партиципира и локалната самоуправа, во делот од секундарното и терцијарното реализирање на системскиот проект за мелиорација на земјоделските површини, тврдат сите наши соговорници
Земјоделските култури на удар од сушата и екстремно високите температури
Екстремно високите температури што ја зафатија цела Европа, кои деновиве ја зафатија и Македонија и се очекува да бидат и со одложено дејство во нашата земја, се уште еден потсетник за тоа како треба да се антиципираат временските непогоди, особено во областа на земјоделското стопанство. Навистина, негативните последици од сушата и перманентно високите температури во земјоделството се премногу видливи за да ги игнорираме.
Мелиорација, избор на поотпорен семенски
материјал, заштита од невреме
Деновиве, според синоптичарите, температурите повторно ќе надминат 40 степени во Македонија, како што е во Европа. Ова е вторпат годинава да се искачат над 40, а тоа е многу штетно како за граѓаните, така и за земјоделскиот сектор, кој е најмногу зависен од надворешните временски услови.
Состојбите треба да бидат силен поттик за поголема внимателност и преземање конкретни мерки. Додека инволвираните во дејноста велат станува сѐ потешко да се одгледуваат одредени култури, експертите потенцираат дека се неопходни насоки за развој на земјоделството, од тоа кои и какви сорти и семиња да се користат за поголем род, кои се поиздржливи на повисоки температури, како да се заштитат културите од невремиња, но и како системски, организирано и ефективно да им се обезбеди наводнување (влажност) на почвата во најпотребните сушни периоди.
– Со децении садиме раноградинарски култури, краставиците и доматите се редовно на нашите ниви, заедно со пиперките, кои пред сѐ ги одгледуваме за нас. Домати и краставици продаваме на Зелениот пазар во Скопје, но од година на година станува сѐ потешко. Поради високите температури, доматите скапуваат, пребрзо создаваат, краставиците се сушат, ниту редовното полевање на помага некогаш – укажува Маја Д. од скопско Катланово.
Таа посочува дека долго време бараат помош од институциите и апелираат да бидат санирани системите за наводнување, како најесенцијален дел за успешно земјоделско производство и одгледување домашни земјоделски производи, но и дека ефектите од барањата на земјоделците за мелиоративните системи сѐ уште се многу мали.
Мелиорацијата во земјоделството е поширока палета на зафати, која во добар дел зафаќа и обезбедување ефикасно наводнување
Според нашите соговорници, повеќе од десетина професори од земјоделскиот факултет, „многу фактори влијаат на тоа почвата да биде во добра состојба“.
– Еден од докажаните начини да се осигуриме дека земјиштето што го обработуваме ќе обезбеди квалитет во производството е – мелиорацијата. Овој процес значи, пред сè, правилно обликување на теренот; следно, хемиските и физичките својства на почвата се подобруваат или, доколку е потребно, целосно се обновуваат. Но, екстремно важен дел од овој процес е и регулирањето на условите на водата во почвата – велат нашите соговорници.
Мелиорацијата е исклучително важен зафат, кој чека да биде реализиран. Како процес, мелиорацијата им е есенцијално потребна на земјоделските површини. Таа особено е неопходна во индустриските и постиндустриските области, а преку процес на системска и систематска мелиорација мора да се инсистира на брза реализација на мелиоративните зафати во близината на железнички пруги (Повардарието, Тиквешкиот Регион), воени бази (Криволак) или аеродроми (Скопското Поле и Струшкото Поле). Во тој дел значаен ефект може да има и државата на централно ниво, како капитална инвестиција во националното земјоделство, но треба да партиципира и локалната самоуправа, во делот од секундарното и терцијарното реализирање на системскиот проект за мелиорација на земјоделските површини, тврдат сите наши соговорници.
Сорти семиња што имаат пократка вегетација и култури што опстојуваат во сушни периоди
Од друга страна, експертите укажуваат на идејата дека е потребно формирање стручен тим од областа на аграрот што ќе изработи студија што ќе утврди како да се приспособи земјоделството на климатските промени и која ќе им биде достапна на сите земјоделци во поедноставена форма, за да можат да ги детектираат новите предизвици на земјоделството.
– Со помош на генетичари треба да се создадат сорти семиња што имаат пократка вегетација и култури што опстојуваат во сушни периоди. Сортите со пократок период за вегетација можеби ќе даваат помалку род, но ќе има род. Факт е дека културите со подолг рок на вегетирање имаат поголем род, но поради временските непогоди, кои стануваат сѐ почести, има опасност засадените култури со подолг период на вегетирање да бидат уништени од обилни дождови, силни ветришта или од суша. Притоа, потребно е да се избираат сорти што се поотпорни на болести, со што ќе се намали потрошувачката на пестициди и истовремено ќе се произведуваат поздрави продукти – објаснува за „Нова Македонија“ пензиониран професор од земјоделски науки.
Професорот потенцира дека земјоделството е сектор што е директно погоден од климата и метеорологијата и дека поради растот на температурите, честите суши, но и уништувањето на родот од силни ветришта или обилни дождови проследени со град, ќе бидат неопходни адаптации.
Професорот укажува дека и поради временските влијанија, кои сѐ почесто негативно се одразуваат на земјоделските култури, како и бавната (системска) реакција на државата и на надлежните во делот од директната и блиска соработка со земјоделските компании и индивидуалните производители (некоординираност, несинхронизираност, отсуство на востановен механизам за комуникација, непостоење на државна агенција што би била активна на терен и во функција на земјоделството и земјоделците како чадорна структура за насоки за планирање, производство и пласман на земјоделските производи), производството на разни земјоделски продукти ќе има тенденција, за жал, на намалување. Уште еднаш, професорот од сето свое искуство нагласува дека сериозен проблем се недостигот од вода и намалувањето на врнежите, поради што ќе мора да се инвестира во системи за наводнување!!!
Агротехнички мерки што се применуваат во соседството
Експертите укажуваат дека низ земјите во соседството веќе се применуваат агротехнички мерки што помагаат во одржување на влажноста, кои би можеле да се применат и кај нас, како земја што се соочува со сѐ почести сушни периоди и со нагли промени.
– Потребни се агротехнички мерки со кои ќе се штеди вода, а такви мерки веќе се применуваат во Грција и Шпанија, а може да се применат и кај нас. Има мерки што се познати и како подземно наводнување, кои исто така имаат позитивен ефект. Од друга страна, може да се избираат и културите по издржливоста. Но недостига комуникација меѓу институциите и теренските работници и потребна е поголема соработка за примена на соодветни и најдобри сорти и мерки за заштита на земјоделството – вели уште еден соговорник земјоделец. Е.Р.
Објавени повици за системи за наводнување и бунари, набавка на приклучна механизација, заштитни мрежи и опрема за преработка на фарма
Минатиот месец беа објавени три нови јавни повици за финансиска поддршка на руралниот развој за 2025 година: Повик 05/2025, Повик 06/2025 и Повик 07/2025.
1. Повик 05/2025 покрива:
– Набавка на опрема за систем за наводнување „капка по капка“, конструкција на бунари и други зафати на површинска вода;
– Набавка на машини за разбивање мраз;
– Набавка на системи против замрзнување;
– Заштитни мрежи и заштитени фолии;
– Инвестиции во опрема за воспоставување електрични огради во пчеларник за заштита од дивеч.
2. Повик 06/2025 се однесува на:
– Приклучна земјоделска механизација.
3. Повик 07/2025 е наменет за:
– Инвестиции во опрема за производство на храна од животинско и/или неживотинско потекло од мал обем;
– Инвестиции во опрема за производство на вино, алкохолни пијалаци и пиво од мал обем.
За сите три јавни повици максималната вредност е 600.000,00 денари по корисник! Може да аплицираат сите земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства. Крајниот рок за доставување на барањата е 11.7.2025 година. Е.Р.