Улогата на ОН во меѓународниот поредок од главна стана епизодна (2)
- Каква транзиција и каква реформа ѝ се потребни на ООН за да може да се зачуваат меѓународното право и самата светска организација, кои се толку потребни и за Македонија и за сите други помали држави во светот? Малите земји практично како да не можат речиси ништо да сторат сами. За нив е од клучно значење постоењето на ред и поредок, врз кој почиваат меѓународните организации како ООН. Почитувањето на меѓународното право и на Повелбата на Обединетите нации е единствениот начин да се стави ред во овој исклучително хаотичен свет, во кој геостратегиските интереси на „големите држави“ станаа посилни од секаква меѓународна правна норма
- Потребни се структурни, функционални, меритократски, демократски реформи, а треба да се зајакне и улогата на Генералното собрание, како претставничко тело на нациите. Не мислам дека проширувањето на Советот за безбедност со неколку нови постојани членови, со ексклузивно право на вето, само по себе ќе значи поголема гаранција за мирот, за безбедноста, иако ми е јасно дека односот на силите на глобалната сцена денес не е оној од 1945 година. Како претставничка на мала држава, верувам дека во овој орган треба да се зголеми учеството на помалите држави за да се заштитат од реалната опасност од поголемите, го истакна македонската претседателка своето становиште за ОН токму во Организацијата на Обединетите нации
Свето Тоевски
Во својата научна статија со наслов „Малите држави и мултилатералниот систем: трансформирање на глобалното управување за подобра иднина“, Адам Лупел, Каевкамол Питакдумронгкит и Џоел Нг., како тројца врвни експерти за меѓународни односи, нагласуваат дека „токму малите држави играат клучна улога во одржувањето и унапредувањето на мултилатерализмот и меѓународното право во услови на растечки геополитички тензии и глобални предизвици“!
Малите големи држави
Според нив, претставувајќи го мнозинството земји членки на ОН, малите држави во голема мера се согласуваат за потребата од одржување на меѓународното право, поддршка на мултилатералната соработка и институциите на глобалниот поредок и придржување кон целите и принципите на Повелбата на ОН.
– Малите држави можат и треба да бидат катализатори за промени, нудејќи пат напред во услови на геополитички тензии меѓу поголемите држави. Малите држави треба да работат заедно, за да ги изнесат своите ставови за тоа како да се ревидираат и да се ажурираат методите на работа на различните тела на ОН. Потребно е зајакнување на основните принципи на меѓународната соработка: малите држави треба да ги водат и да ги поттикнуваат сите земји членки во нивното обврзување постојано да се почитува Повелбата на ОН. Треба да се прошират и да се зајакнат различните меѓурегионални коалиции за глобално владеење. Малите држави треба да ги вградат своите ставови во спектарот на „напредни“ и „долгорочни“ разговори што се водат во ОН во врска со иднината на светот. Потребно е да се изгради посилен мултилатерален систем во корист на сите држави во светот – посочуваат тројцата споменати автори на научната статија.
И претседателката на Република Mакедонија, Гордана Силјановска-Давкова, ја истакнува заложбата за длабоки реформи во ОН
Во горенаведената насока е и размислувањето на претседателката на Република Mакедонија, Гордана Силјановска-Давкова, која на 22 септември 2024 година во својот говор во ООН на темата „Мултилатералните решенија за подобро утре“ ја истакна заложбата за длабоки реформи во светската организација, како и за градење зајакнат мултилатерализам во светот.
– Храбрите потфати се неможни без длабоки реформи во ООН, зајакнат мултилатерализам во одлучувањето, развиен механизам на спреги и сопирачки во односите меѓу генералниот секретар, Советот за безбедност и Генералното собрание, поголема инклузивност и транспарентност на процесот на одлучување, како и решителност и ефикасност во справувањето со енормните закани за мирот, одржливиот развој и човековите права. Потребни се структурни, функционални, меритократски, демократски реформи, а треба да се зајакне и улогата на Генералното собрание, како претставничко тело на нациите. Не мислам дека проширувањето на Советот за безбедност со неколку нови постојани членови, со ексклузивно право на вето, само по себе ќе значи поголема гаранција за мирот, за безбедноста, иако ми е јасно дека односот на силите на глобалната сцена денес не е оној од 1945 година.
Како претставничка на мала држава, верувам дека во овој орган треба да се зголеми учеството на помалите држави за да се заштитат од реалната опасност од поголемите – го истакна таа своето становиште за ОН токму во Организацијата на Обединетите нации.
Тогаш таа побара да им се стави крај, како што нагласи, на непочитувањето, заобиколувањето и селективната примена на повелбата, како во македонскиот случај.
Малите држави во меѓународниот поредок за својата безбедност и сигурност се потпираат на нормите од Повелбата на ОН и врз меѓународното право
Да заклучиме: Малите држави имаат суштинска улога во Обединетите нации, но тие и ги потпираат својата безбедност, сигурност и одржлив раст токму врз нормите од Повелбата на ОН и врз меѓународното право. Малите држави, како и Македонија, инсистираат нивната иднина да биде строго поврзана, преплетена со почитувањето на нормите утврдени во Повелбата на ОН и врз меѓународното право, затоа што Повелбата на Обединетите нации се заснова на суверената еднаквост на сите нејзини членки. Таа повелба повикува на „почитување на принципот на еднакви права и самоопределување на народите“.
Ова го бараат во целост Македонија и македонскиот народ, да дојде до израз во навестената и повеќе од потребна реформа на Обединетите нации. Многу мали држави се меѓу најсилните и најефикасните застапници на мултилатерализмот, кој мора многу да се брани и да се развива, бидејќи денес е нападнат од сите страни.
Малите држави можат да обезбедат поддршка на мултилатералните напори за решавање сложени прашања за мир и безбедност преку служење како медијатори, поддршка на мировниот процес и градење мир. Малите држави, како и Македонија, можат да станат предводници на мислата и политиката за иднината на светот. Светот во криза има потреба од акција, соработка и доверба. Потребно е секоја земја да го направи својот дел. Македонија веќе го прави својот дел.
Еден друг аспект за неопходноста на промените во ОН
ОН размислуваат за сеопфатна реформа на системот, но поради внатрешната финансиска криза…
Обединетите нации размислуваат за сеопфатна реформа што би вклучувала спојување клучни агенции и прераспределба на ресурсите низ целиот свет, како одговор на тешката финансиска криза предизвикана од намалувањето на донациите, вклучувајќи ги и од САД. Според интерен документ, означен како „строго доверливо“ (во кој имала увид информативната агенција Ројтерс, н.з.), предлогот би ги консолидирал различните тела на ОН во четири главни области: мир и безбедност, хуманитарна помош, одржлив развој и човекови права.
Натаму, еден од порадикалните предлози вклучува спојување на оперативните делови на Светската програма за храна, УНИЦЕФ, Светската здравствена организација (СЗО) и агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР) во една голема хуманитарна организација. Се разгледува и интеграцијата на агенцијата на ОН за сида со СЗО, како и намалување на бројот на преведувачи на состаноците со цел да се заштедат пари. Во документот се споменува и можноста за консолидирање на Светската трговска организација (СТО) со агенциите за развој на ОН, иако СТО веднаш нагласи дека не е дел од тие разговори, бидејќи работи како независна институција.
Драстичната рационализација на трошоците би вклучувала и преместување на дел од персоналот од скапи градови како што се Њујорк и Женева на поевтини локации. Според друг интерен меморандум, од високи претставници на ОН било побарано да достават список на работни места што би можеле да се дислоцираат, заради кратење на трошоците.
САД, најголемиот донатор на ОН, моментално имаат обврски кон ОН околу 1,5 милијарда долари за редовниот буџет и дополнителни 1,2 милијарда долари за мировни операции. Реномираниот медиум „Ројтерс“ објавува дека „намалувањата на донациите, кои започнаа за време на претходниот мандат на претседателот Доналд Трамп, дополнително ја влошија финансиската состојба во системот на ОН“… Св.Т.