Каков пакет за проширување на ЕУ станува (реална бриселска) опција?
- Извори позиционирани високо во администрација на ЕК брифираат дека ЕУ многу скоро би била подготвена за инстантен групен прием на земјите од Западен Балкан, со тоа што тој пакет би се дополнил со Украина и Молдавија. На тој начин ќе се гласа одеднаш за зачленување на сите земји. Резервираноста што ја имале „постарите земји членки на Унијата“ била бајпасирана така што „брзиот прием ќе биде со т.н. членство со ограничени надлежности“, односно новите членки нема да имаат право на вето, на еврокомесари и веројатно уште на некои други можности со кои би влијаеле врз заедничката европска политика
Ако внимателно се анализираат сигналите што доаѓаат од одредени влијателни групи во рамките на Европската Унија, станува извесно дека 2030 година дефинитивно е поставена како некаква временска рамка до која на овој или на оној начин би се заокружил процесот на проширување.
Ваквата перцепција се добива по зачестените изјави на некои европски претставници дека парцијалниот прием би внел дополнителни проблеми во Унијата, но крајната цел е како во целата приказна поврзана со проширувањето да се протне Украина без да има опструкции од страна на некои земји членки.
Според дипломатски извор од европската влада, ЕУ многу скоро би била подготвена за инстантен групен прием на земјите од Западен Балкан, со тоа што тој пакет би се дополнил со Украина и Молдавија. На тој начин ќе се гласа одеднаш за зачленување на сите земји. Резервираноста што ја имале „постарите земји членки на Унијата“ била бајпасирана така што „брзиот прием ќе биде со т.н. членство со ограничени надлежности“, односно новите членки нема да имаат право на вето, на еврокомесари и веројатно уште на некои други можности со кои би влијаеле врз заедничката европска политика.
Меѓурешение што би значело повеќе интеграција, но без полноправно членство?!
Индикатор за оваа состојба неодамна во Собранието изнесе и претседателот на Комисијата за европски прашања и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, во своето обраќање за време на разгледувањето на најновиот Извештај на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Македонија кон ЕУ за 2025 година.
Според него, неименуван висок претставник на ЕУ бил мошне јасен во неговото излагање оти „во моментот во ЕУ не постои консензус за нови полноправни членки и дека е време да почне да се размислува за некое меѓурешение што би значело повеќе интеграција, но без полноправно членство“.
Милошоски дополни дека дури и албанскиот премиер Еди Рама, чија земја неодамна го отвори последното поглавје во преговарачкиот процес со ЕУ, побарал Албанија да стане дел од Унијата дури и без да има право на вето или еврокомесари, ниту, пак, одлучувачки глас, односно да биде примена со скратени надлежности.
– Ние можеме да мислиме што сакаме за албанскиот премиер, овие негови забелешки откако се многу добро примени сигналите, дека во ЕУ во моментов не постои консензус за полноправно членство и затоа секој бара поинаков начин да се приклучи, затоа треба и Македонија да ги бара другите форми на придружни и алтернативни членства – оцени Милошоски.
Брисел има интерес од приемот на земјите од Западен Балкан…
И дел од познавачите на евроинтегративните состојби сметаат дека евентуалното проширување на Европската Унија ќе оди исклучиво во пакет.
– Проблем не се земјите од Западен Балкан, тие ќе бидат оставени да се валкаат во сопствената кал уште многу долго бидејќи на Брисел не му е гајле за нас. Клучното прашање е како да ги пикнат Украина и Молдавија внатре имајќи го предвид противењето и на Унгарија, но и на Словачка, но да не ја заборавиме и Полска, која ќе почувствува сериозен удар врз својата економија со украинскиот прием. Како излезно решение се гледа приемот на сите во пакет, земјите од Западен Балкан, плус Украина и Молдавија. Ќе се гласа за целиот пакет одеднаш, а не за секоја земја одделно. Дополнително, пакетот за прием ќе биде специфичен, односно новите земји членки нема да бидат со целосни права, односно нема да можат да ставаат вето, нема да имаат свои еврокомесари и нема да учествуваат во носењето на клучните одлуки важни за Унијата. Замислата е овие ограничени права да важат сѐ додека секоја нова членка не ги исполни целосно потребните услови, а во меѓувреме ќе се спроведуваат и внатрешните реформи на Унијата. Ова за Европа е вин-вин ситуација. Прво, го затвора прашањето со проширувањето, ги утврдува целосно европските граници, го затвора отворениот простор во кој постоеше опасност од трети влијанија, но што за нив е можеби најважно, добиваат слободен пристап до евтина работна сила од Балканот. Имено, експериментот на германската канцеларка Меркел за работна сила од неевропските земји се покажа како целосно нефункционален, па затоа сега почнува депортацијата на мигрантите, кои воопшто не се вклопија во западните општества. Напротив, нивното однесување придонесе за јакнење на радикалните сили. Од друга страна, Балканот и традиционално бил извор на работници низ Европа со векови, па затоа сега се прават овие чекори. Во суштина, Европа се води исклучиво од сопствениот економски интерес, додека балканските земји од потребата да добијат јасна потврда дека нивните децениски жртви не биле залудни и дека и тие, без оглед што ќе имаат ограничени надлежности, сепак ќе бидат дел од европското семејство и ќе имаат пристап до европските фондови – сметаат аналитичарите.
Според нив, зад можното брзо интегрирање на земјите од Западен Балкан и на Украина и Молдавија може да се кријат и поинакви сценарија во кои не сакаат да веруваат.
– Факт е дека зад потезите што ги влече Европската комисија не може да се насети мирновременски економски развој, туку сите средства и проекции се насочуваат кон воените капацитети. Во Бугарија се зајакнува производството на оружје, во Германија исто, Србија им е важна бидејќи е сериозен производител на оружје, така што страшно би било ако сето ова се прави како подготовка за еден поширок воен конфликт на европско тло. Тоа нема никому да му донесе добро, а најмалку на Европа и особено на помалите и послаби земји, кои при едно вакво црно сценарио би биле целосно девастирани. Сепак, да се надеваме дека оваа милитаризација на Европа повеќе е во насока на испраќање порака некому, а интеграцијата на земјите од Западен Балкан всушност да биде вистинската работа што ќе води кон едно ново европско обединување и создавање на силна и кредибилна ЕУ – заклучуваат соговорниците, голем дел од нив долгогодишни аналитичари на состојбите во рамките на Унијата.

































