Осврт: Панамскиот Канал – една од клучните фигури на геостратегиската табла
Неодамна „Франс прес“ (АФП) објави дел од договорот меѓу Панама и САД, во кој, според споменатата новинска агенција, „американските воени трупи ќе можат да бидат распоредени во низа бази по должината на Панамскиот Канал“. Аналитичарите веднаш реагираа дека Владата на Панама направила навистина „голема отстапка за претседателот Доналд Трамп во насока на неговата интенција да го врати влијанието врз виталниот воден пат во Панама“.
Имено, споменатиот договор, официјално потпишан од високи воени претставници од двете земји, им овозможува на американските вооружени сили да распоредат свој воен персонал во објекти (контролирани од Панама) за обука, вежби и „други активности“. Но, исто така, од друга страна, договорот не им дозволува на САД да градат свои „постојани бази во близината на каналот“. Но без разлика на таа ограничувачка клаузула, аналитичарите тврдат дека „САД добија одлична можност за да распоредат неодреден број персонал во базите, од кои некои Вашингтон ги изгради кога ја зазеде зоната на каналот пред неколку децении“.
Реакции во Панама поради прекумерната дарежливост кон САД
Лидерот на опозицијата во Панама ја критикуваше владата за „дозволување бесрамна инвазија“ со тоа што им дозволи на американските трупи да се распоредат во земјата.
Во врска со споменатиот договор меѓу САД и Панама, а во врска со користењето на Панамскиот Канал, огранокот на „Транспаренси интернешнл“-Панама, како и опозициската партија Втор пат бараат Панама да ги објави деталите за своите тајни договори со САД, со кои се верува дека не само што се дозволува лоцирање американски трупи во три поранешни воени бази туку се дозволува и „прв и слободен пристап од страна на американската морнарица по воден пат“. Лидерот на партијата Втор пат, Рикардо Ломбана, рече дека „без разлика како кој сака да го нарече ова, она што може да го препознаеме во дел од договорот е класично воспоставување воени бази“. Тој ја обвини американската влада за „камуфлажна инвазија“.
Наспроти ова, за издвојување е информацијата што ја објави „Гардијан“, во која се вели дека „американскиот министер за одбрана Пит Хегсет дополнително открил дека потпишал договори со Панама за заштита на Панамскиот Канал од кинеско влијание“.
Панама до скоро тесно соработуваше со Пекинг, но потклекна под притисокот на новата администрација на САД
Панама се повлече од кинескиот глобален проект „Еден појас, еден пат“. Имено, Пекинг финансираше развој на инфраструктурата на Панамскиот Канал, низ кој секоја година минуваат околу пет проценти од сите стоки што се тргуваат низ целиот свет. Но поради притисокот на Вашингтон, Панама се повлече од кинескиот „Еден појас, еден пат“. Во една претходна наша анализа веќе известивме дека паралелно „САД направи и голем притисок и кон ’ЦК Хачисон‘, компанија со седиште во Хонгконг (Кина), која се согласи да продаде два пристанишни објекта во близината на Панамскиот Канал на американската инвестициска фирма ’Блекрок‘ – американска компанија, светски најголема, за управување со инвестиции, со седиште во Њујорк“. Но откога Пекинг негативно реагираше за овој преддоговор за купопродажба на две пристаништа, „ЦК Хачисон“ малку ретерираше за потпишување на договорот со САД. Трамп изрази поширока загриженост за доминацијата на Кина во глобалната бродоградба и превоз, предлагајќи високи царини за кинеските бродови што влегуваат во американските пристаништа, иако тие би можеле да се намалат по реакцијата од американските увозници, исто како што ги ослободи компјутерите и паметните телефони од царини. За потсетување, Кина гради 1.000 прекуокеански брода годишно, во споредба со само 10 изградени во Соединетите Американски Држави.
Американско-кинеското надмудрување за Панамскиот Канал сѐ уште трае
Засега, факт е дека САД остануваат најголемиот корисник на каналот. Имено, во 2019 година, 66 отсто од товарниот сообраќај што минувал низ каналот го започнал или го завршил своето патување во американските пристаништа. Од друга страна, каргото насочено кон Кина сочинува 13 отсто од сообраќајот. Сепак, Кина е примарен извор на производи што минуваат низ слободната трговска зона „Колон“, а нејзиното растечко присуство во и околу каналот го направи овој скратен воден пат генератор на конкуренцијата меѓу САД и Кина. Влијанието на Кина во Панамскиот Канал само се зголеми од 2017 година, кога тогашниот панамски претседател Карлос Варела ги прекина дипломатските врски со Тајван и ја призна НР Кина, дополнително отворајќи ја вратата на Кина. Кинеските компании во голема мера беа вклучени во договорите за инфраструктура во и околу каналот во секторите логистика, електрична енергија и градежништво. Овие проекти природно се вклопија во кинеската иницијатива „Нов пат на свилата“. Панама беше првата латиноамериканска земја што се приклучи кон оваа иницијатива во 2018 година. Сите овие настани го зајакнаа веќе постојното кинеско присуство и оттогаш кинеските компании се позиционираа на секој крај од Панамскиот Канал преку договори за концесија на пристаништа. Во 2016 година, во договор вреден 900 милиони долари, кинеската „Лендбриџ груп“ ја презеде контролата врз островот Маргарита, најголемото пристаниште во Панама на атлантската страна и во слободната трговска зона „Колон“, најголемата слободна трговска зона на западната хемисфера. Договорот го воспостави контејнерското пристаниште Панама-Колон (PCCP) како пристаниште за мегабродови, а изградбата и проширувањето ги изврши компанијата за градежништво „Чајна комуникејшнс констракшн компани“. Така, Кинезите беа во можност да ја искористат предноста на проширувањето на каналот во 2016 година. Покрај тоа, во март 2021 година, панамската влада започна процес на обновување на закупот на „Хачисон портс ППЦ“, подружница на „ЦК Хачинсон холдингс“ со седиште во Хонгконг, која служи како оператор на пристаништата Балбоа и Кристобал, двата главни јазли на Панамскиот Канал на страната на Пацификот и Атлантикот.
Покрај инфраструктурните проекти, напорите за управување со водите се исто така клучен извор за влез на кинеските компании. Планот објавен во септември 2020 година предвидуваше воспоставување систем за управување со водите за борба против сушата, која го загрозува каналот, но исто така ќе влијаеше на локалниот пристап до вода во следниот половина век. Ова претставуваше уште една можност за кинеските инвеститори да го зголемат своето присуство во Панама независно од каналот. Иако голем дел од законот за канали на САД истече откако каналот ѝ беше предаден на Панама, еден клучен договор останува активен – Договорот за трајна неутралност и функционирање на Панама-САД каналот, што гарантира трајна неутралност на каналот со фер пристап за сите. Имено, само Панама може да управува со каналот или да одржува воени инсталации на територија на Панама. Но Соединетите Американски Држави го задржаа правото да употребат воена сила за да го одбранат каналот од каква било закана. Така, според Вашингтон, „секоја потенцијална кинеска закана за неутралноста на каналот би можела да ги активира американските сили преку овој договор“, што значи дека сегашните и идните кинески интервенции треба да се разгледаат имајќи го предвид потенцијалниот одговор на САД.
Со проширувањето на кинеското влијание во Панама, каналот ќе продолжи да биде точка на тензии во односите меѓу САД и Кина. Кина не управува со каналот, туку управува само со две пристаништа на двата краја, што значи дека нема влијание врз стоките што минуваат низ каналот. Сепак, зголемената контрола од страна на кинеските компании врз операциите за претовар на товар за Соединетите Американски Држави и други земји е предмет на сѐ поголема нервоза на Вашингтон, што Трамп, на свој начин, ќе се обиде да ја намали. П.Р.
Потсетување на некои историски факти во односите меѓу Панама и САД во врска со Панамскиот Канал
Во 1903 година, САД ја поддржаа независноста на Панама од Колумбија и за возврат ја презедоа контролата врз зоната на Панамскиот Канал. Потоа, во 1914 година САД ја завршија изградбата на стратегиски важниот Панамски Канал. Во текот на првата половина на 20 век, САД ја задржаа воената и административната власт над зоната, што постепено предизвика незадоволство во Панама.
Последните американски воени бази во Панама беа напуштени во 1999 година, рокот договорен во Договорот Торихос-Картер од 1977 година за предавање на каналот во панамска сопственост.
Според договорот за неутралност на каналот, ниедна странска сила не може да „одржува воени сили, одбранбени локации и воени инсталации на својата национална територија“. Панама, исто така, ја одбележува како историски настан американската инвазија во 1989 година, со процени за цивилни жртви што се движат од стотици до неколку илјади, насочени кон соборување на диктаторот Мануел Нориега.
Историјата бележи дека благодарение на Панамскиот Канал, на почетокот на дваесеттиот век, кога се заврши Панамскиот Канал, САД за првпат во историјата можеа да имаат одреден степен на контрола врз Тихи и Атлантски Океан. Тоа беше од клучно значење во обете светски војни. Во Првата светска војна немало напредни воздухопловни сили, па затоа „надмоќноста сѐ уште се барала на море“: Светската моќ беше во согласност со поморската моќ. Американците знаеја дека им е повеќе од потребен Панамскиот Канал за брзо движење на бродовите и морнарицата од исток кон запад. Преку контролата на океаните, Американците почнаа да ја диктираат динамиката на геополитичките односи. Без сомнение, Панамскиот Канал беше дел од таа стратегија на САД за надворешна политика да стане најмоќната земја во светот, што се оствари за време на Втората светска војна. Но да не се занемари: И економското влијание на каналот беше огромно. Тоа овозможи драстично олеснување на трговијата меѓу двата океана. Поради ова, Волстрит даде голема поддршка на идејата и помогна во финансирањето на проектот.