Повод: Концертот на Марко Перковиќ-Томпсон во Загреб
Хрватскиот пејач Марко Перковиќ-Томпсон во саботата одржа концерт на хиподромот во Загреб, на кој присуствуваа неколку стотини илјади луѓе. Штабот формиран за следење и обезбедување на овој концерт изјави дека се продадени околу 450.000 билети, од кои 350.000 биле во Хрватска, додека менаџерот на Томпсон, Здравко Баришиќ, за Хина изјави дека на концертот имало 504.000 луѓе. Во деновите пред концертот беше пласирана информација дека е постигнат светски рекорд за продадени влезници за соло-изведувач.
Според организаторите, за безбедноста беа ангажирани околу 6.500 полицајци, а на терен имаше 200 медицински лица и беа организирани 40 мобилни и 26 стационирани екипи. Во близината на хиподромот, каде што се одржа концертот, беше формиран медицински центар со 200 кревети. За безбедноста на концертот беа ангажирани 5.000 обезбедувачи, распоредени на 520 влеза. Противпожарната служба исто така беше во состојба на готовност.
Контроверзна кариера со манифестации на усташки и фашистички декор
Марко Перковиќ–Томпсон е роден на 27 октомври 1966 година во селото Чавоглаве. Името Томпсон го добил како борец во Хрватската војна за независност, по американската автоматска пушка „томпсон“, која ја користел на фронтот. Неговата група, формирана во 1991 година, стекна широка популарност во Хрватска уште во воените години со синглот „Бој на Чавоглаве“, во кој првата строфа започнува со усташкиот повик „За дом – спремни!“. За неговите концерти се вели дека комбинираат народна и рок-музика со силно изразен шовинистички набој. Затоа, Томпсон има забрана за настап во неколку земји, но и поради „симпатиите кон усташкиот режим од Втората светска војна“.
Во 2003 година хрватскиот новинар Матија Бабиќ јавно ја осуди изведбата на песната и го критикуваше општествениот третман на Томпсон како мејнстрим уметник. Во 2007 година израелскиот историчар Ефраим Зуроф напиша дека концертите на Томпсон се претвораат во манифестации на екстремен национализам, со публика што носи усташки симболи и маици со ознаките на Црната легија, а некои и даваат нацистички поздрави.
Перковиќ во своја одбрана постојано повторува дека тој е „музичар, а не политичар“.
Француската новинска агенција АФП деновиве ги дефинираше Томпсон и враќањето на нацистичката култура и идеологија во Хрватска преку неговите настапи и неговата публика: „Во последниве години Хрватска бележи растечка толеранција кон своето пронацистичко минато, а критичарите ги обвинуваат властите дека не ја санкционирале употребата на усташките симболи“.
Центарот „Симон Визентал“, водечка еврејска група за човекови права, го обвини Томпсон за величање на геноцидот во неговите текстови и рече дека прикажувањето на усташките симболи на неговите концерти не било „ниту случајност ниту грешка“.
Поради флертувањето со усташтвото, на Томпсон му беше забранет настап во многу европски земји, што деновиве го објавија и странските медиуми, особено во Германија, Швајцарија и Франција, кои ги предупредија своите граѓани да не патуваат во Загреб овој викенд на концертот на „десничарската поп-ѕвезда“.
Остра осуда на поранешната хрватска премиерка Косор
Јадранка Косор, поранешна хрватска премиерка и поранешна претседателка на ХДЗ (од каде што на крајот беше исклучена), поради концертот на Марко Перковиќ-Томпсон во Загреб го крена гласот.
Поранешната премиерка на Хрватска го окарактеризира концертот како „славење на криминална држава“ пред која официјален Загреб се поклонува за да ѝ се додворува на публиката на Томпсон, иако тоа е спротивно на хрватскиот устав и законите на Европската Унија, во која спаѓа и самата Хрватска.
Поранешниот премиер го коментираше видеото што го објави Томпсон од генералната проба, на кое, меѓу другото, се ракува со премиерот Андреј Пленковиќ, кој на пробата дојде со министрите Давор Божиновиќ и Томo Медвед.
– Замислете дека во Германија, на пример, претседателот на парламентот и премиерот се поклонуваат пред пејач што ги крши уставните вредности на таа земја. Во Република Хрватска, членка на ЕУ и НАТО, се отворија нови пандорини кутии. Не само што државата и градот се во служба на еден човек туку и телевизиите се во служба. Восхит и возбуда додека во центарот на Загреб навивачите веќе пеат песни од времето на злосторничката држава. Медиумите не известуваат за ова – остро истакна Косор на социјалната мрежа „Икс“.
Хрватски „Индекс“: Томпсон и неговите обожаватели сеоднесуваат како војната сè уште да трае
Порталот „Индекс“ во својот коментар за концертот наведува дека „иако војната во Хрватска заврши пред 30 години, а државата и народот се оптоварени со голем број проблеми неповрзани со војната, Томпсон и неговите 300.000 или 500.000 обожаватели на хиподромот се однесуваа како војната сè уште да трае“.
„За нив, сè се сведува на војна, пресметка, поделба и етикетирање. Или сте во војна во иста формација и ров со Томпсон и неговите следбеници или сте во војна не само против нив туку и против Хрватска“, се наведува во коментарот.
„Јутарњи лист“ во својот коментар наведува дека „добро е што концертот на Томпсон се одржа, бидејќи со тоа што не реагираа, хрватските власти ја покажаа реалноста во која живее хрватското општество и вредностите што ги претставува владејачката Хрватска демократска заедница“.
Реакции и во регионот за инсигниите на концертот на Томпсон
Концертот на Томпсон е поддршка за фашизмот и антисемитизмот, зошто Европа молчи?!
Концертот на Марко Перковиќ-Томпсон предизвика огромно внимание во соседна Србија. Претходно, во деновите пред концертот, српското Министерство за надворешни работи им препорача на српските граѓани да не патуваат во Загреб на концертот на Томпсон.
– На граѓаните на Република Србија им се препорачува да не патуваат во Загреб до 6 јули поради концертот на Марко Перковиќ-Томпсон планиран за 5 јули на загрепскиот хиподром. Со оглед на тоа што се очекуваат околу 500.000 посетители, престојот во Загреб во тој период сигурно може да биде ризичен за граѓаните на Република Србија – објави Министерството на својата веб-страница.
Српските медиуми блиски до Владата го нарекуваат концертот „усташки“ поради песните на Томпсон што ги величат усташите и Независната Држава Хрватска (НДХ).
По тој повод се огласи и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој изјави дека тоа е „најголемиот концерт во светот, концерт за поддршка на неонацистичките вредности, усташките вредности“.
– И цела Европа ќе молчи. Хрватите се експерти за демократија, отсекогаш било така, и во 1941 година тие беа експерти за демократија, секојпат ни држеа предавање за демократија – рече Вучиќ.