Во опширната анализа на Стивен М. Волт, колумнист на „Форин полиси“ и професор по меѓународни односи на универзитетот „Харвард“, од која издвојуваме неколку покарактеристични делови, силна е пораката за што побрз прекин на воените дејства, односно како што нагласува: „Она што ѝ треба на Украина е мир, а не долготрајна војна на истоштување“. Професорот во својата анализа предлага интересен начин како и САД и Кина, всушност, со заеднички сили да му стават точка на воениот конфликт
На Украина и на Русија им треба мировен план со активно учество на големите сили
Во рамките на една подлабока и подолготрајна опсервација на состојбите поврзани со Украина, како и увидот во низата документи на Пентагон од страна на авторите на текстот, Стивен М. Волт, колумнист на „Форин полиси“ и професор по меѓународни односи на универзитетот „Харвард“, се заклучува со констатација дека „на САД им треба план Б за Украина“.
Имено, во наративот на анализата се истакнува дека „недоволно опремените, недоволно обучени украински сили што сега се подготвуваат за пролетна офанзива, веројатно, нема да постигнат далекосежни придобивки против одбраната на Русија. Храбрите ветувања на администрацијата за евентуален триумф на Украина, веројатно, нема да се исполнат“…
А во меѓувреме, Украина ќе претрпи дополнителна штета, вклучувајќи го и импактот, кој ќе биде многу поголем и за остатокот на светот.
Што да се направи за војната да прекине?
Во опширната анализа на колумнистот на „Форин полиси“, Стивен М. Волт, професор по меѓународни односи на универзитетот „Харвард“, се изразува сомневање дека „повеќето високи функционери во администрацијата на Бајден ја разбираат оваа сурова реалност, што и да кажат во јавноста“.
– Иако сè е можно во време на војна, тие не очекуваат Украина да постигне драматичен пробив или руската армија да пропадне. Наместо тоа, тие се надеваат дека вооружените сили на Украина ќе направат доволно добро за да го убедат рускиот претседател Владимир Путин да се придвижи кон прекин на огнот и на крајот да преговара за целосен мировен договор. Меѓутоа, ако украинската офанзива оди лошо, Путин нема да брза да преговара. Иако на Русија би ѝ било подобро ако војната заврши, тој веројатно нема да запре додека не се постигне неговата главна воена цел – стратегиска неутрализација на Украина.
Професорот Волт јасно го поставува прашањето, во вакви услови и околности, што всушност да се прави.
Имено, во анализата се подвлекува дека некои геополитички аналитичари се надевале дека „Кина може да ги искористи своето влијание и моќ за да ја натера Москва да склучи договор и да ги прекине борбите, но дека тие надежи досега биле разочарувачки“.
Сепак, во анализата се тврди дека „дозволувањето војната да се одолжува бескрајно, претставува проблем и за Пекинг“! Зошто?
– Кина е желна да ги поправи оградите со Европа; да добие трговијата, инвестициите и напредната технологија да течат непречено.
Затоа, има некоја причина да се верува дека лидерите на Кина би сакале војната да заврши порано отколку подоцна и дека во соодветни околности тие би биле подготвени да го искористат своето влијание кон таа цел, се вели во анализата.
Сценарио на Кина и сценарио за САД
Анализата на професорот отвора низа интересни прашања од геостратегиски аспект. Имено, се отвора прашањето „што ако Пекинг продолжи со своите успешни напори за посредување меѓу Иран и Саудиска Арабија позиционирајќи се како посредник на мирот во Украина?“
– Ако Кина може да го постигне тоа – мора да се признае, многу големо „ако“ – ќе ги зајакне нејзините напори да ги прикаже САД како сила во опаѓање, која е подобра во сеење расправии и конфликти отколку во поттикнување соработка, и ќе го загрее имиџот на Кина како моќ во подем, искрено посветена на мирот и хармонијата.
Во анализата е поместена една идеја на професорот од Харвард.
– Значи, еве една дива идеја: имајќи предвид дека и Пекинг и Вашингтон имаат интерес да ја завршат војната, администрацијата на Бајден треба да ја покани Кина да ѝ се придружи во заеднички напор да ги доведе двете страни на преговарачка маса. Всушност, САД ќе понудат да го користат своето влијание за да го испорачаат Киев, а Пекинг ќе се согласи да го искористи својот напор за да ја испорача Москва. Ако успеат, двете држави ќе ја поделат заслугата и ниту една не би можела да тврди дека има пропагандна победа над другата.
Звучи пресилно? Секако дека е така, но има некои историски преседани за ваков вид соработка на големите сили. Во екот на Студената војна, на пример, САД и Советскиот Сојуз заеднички ги поддржуваа резолуциите на Советот за безбедност на ОН, кои ставија крај на Шестдневната војна во 1967 година и воспоставија прекин на огнот за време на Октомвриската војна во 1973 година. Околностите беа донекаде слични на ситуацијата денес, бидејќи двете суперсили сакаа борбите да запрат и секоја мораше да направи притисок врз своите клиенти да се согласат. Навистина, како што покажува Гален Џексон во извонредната нова книга „Изгубениот мир“, советските водачи постојано се обидуваа да го натераат Вашингтон да свика сеопфатна мировна конференција за Блискиот Исток на која секој ќе игра еднаква улога, само за да биде спречен од американското противење.
Волт: Има некоја причина да се мисли дека предлогот може да успее
Харвардскиот професор тврди дека „договорот со заедничко посредништво на САД и Кина, исто така, ќе биде поверојатно да опстои, бидејќи Москва и Киев ќе имаат помала веројатност да се откажат од договорот договорен и благословен од нивните главни покровители. Така, ако Кина и САД навистина сакаа да организираат мировно решение во Украина, има некоја причина да се мисли дека таквиот напор може да успее“.
– Но ова не значи дека би било лесно! Вистински мировен договор би барал договор за мноштво трнливи прашања (на пр., граници, помош за реконструкција, репатријација на затвореници, одговорност за воени злосторства, безбедносни гаранции, транзитни аранжмани за Црно Море и Азовско Море итн.) и ниедно од нив не би било лесно да се среди. Администрацијата на Бајден ќе мора да се повлече од својот претходен триумфализам и секој таков напор несомнено ќе предизвика остри критики од појасните сојузници на НАТО, особено оние во Источна Европа, како и отпор од некои, ако не и повеќето Украинци.
Понатаму, американските функционери, како што се вели, „можеби не сакаат да му дадат на Пекинг еднаков статус во овој напор и тие несомнено би се загрижиле дека давањето улога на Пекинг во завршувањето на војната ќе го олесни повторното ангажирање на САД за приближување кон Европа и ќе ги намали долгорочните напори за обединување против Пекинг“.
А има очигледни ризици и за Кина: завршувањето на војната ќе ги остави САД слободно да се фокусираат на Азија, што е веројатно последното нешто, како што пишува во анализата, што го сака кинескиот претседател Си Џинпинг.
Заклучокот на професорот е со едно метафоричко прашање…
– Дали ова би функционирало? Не знам. Искрено, се сомневам дека околностите не се поволни – барем не сè уште – и за таков предлог би бил потребен вид имагинативен скок што беше недостижен меѓу американските дипломати во последниве години. Но главните алтернативи изгледаат полоши и трошоците за обидот и неуспехот би биле скромни. И ако на администрацијата на Бајден не ѝ се допаѓа оваа идеја, сигурно се надевам дека има подобра на ум. Едвај чекам да дознаам што е тоа, вели во својата анализа Стивен М. Волт, колумнист на „Форин полиси“ и професор по меѓународни односи на универзитетот „Харвард“.
„Фајненшл тајмс“: ЕУ нема да воведува повеќе нови санкции против Русија
Влијателниот британски медиум „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на свои извори, објави дека новите санкции на ЕУ против Русија ќе бидат „ограничени на мерки против заобиколување на минатите ограничувања, а нема да има повеќе нови санкции против цели сектори на руската економија“.
– Завршивме со санкциите. Ако воведеме повеќе санкции, ќе има повеќе исклучоци од санкции отколку мерки за санкции – рече изворот на „Фајненшл тајмс“.
Неодамна, Франција, Унгарија и други земји им се спротивставиле на санкциите против големата руска државна компанија „Росатом“, која е поддржана од Германија.
За потсетување, денеска на агендата на Европската комисија (ЕК) е 11-от пакет европски санкции. Последниот 10-ти пакет санкции на ЕУ беа усвоени на 25 февруари и вклучуваа три руски банки. Не е тајна дека антитурските санкции имаат многу негативно економско влијание врз самата Европска Унија и нејзината висока инфлација, но и врз други делови од светот, на земјите во развој, кои најмногу страдаат во оваа голема геополитичка битка на трошење меѓу Западот и Истокот.