СВЕДОШТВА НА ДЕЦАТА БЕГАЛЦИ ОД ГРЦИЈА

Кога кон крајот на март 1948 година братчињата Паскал (9) и Никола (7) заедно со сестричките Анастасија (15) и Злата (13) ќе заминат на север од нивното родно село Сетома, Костурско, дома ќе останат само мајка им Ставрула и двете постари сестри Костадина (19) и Евгенија (17).
Татко им Борис веќе подолг период не бил дома. Пред крајот на 1944 година, со Првата егејска бригада заминал во денешна Република Македонија. Тој ден дечињата од селото си играле по двориштата во ова прекрасно село под Вичо. Теренот е таков што од Сетома како на дланка се гледаат Костур и Костурско Езеро. Иако селото спаѓало во ослободените територии од ДАГ и НОФ, и партизани севезден врвулеле низ него, грчката војска знаела и таму да заталка. Судири немало, бидејќи во името на безбедноста на населението, партизаните, во такви случаи, крадешкум се повлекувале кон планините, на Вичо.
Критичниот ден селските жени ја забележале непријателската војска уште кога излегувала од Костур. Прва цел им била да се скријат децата на безбедно место. Жените веќе знаеле дека војската и полицијата катадневно шетаат низ селата за, по наредба на кралицата Фридерика, да најдат дечиња за нејзините небаре хуманитарни логори. Целта била децата да се превоспитаат на Пелопонез и да израснат во, за тоа време, современи јаничари.
Никола, односно Коле, како што го нарекувале, заедно со другарчињата бил во дворот на Ѓурчови. Ѓурчовица ги собрала децата, ги качила на таванот и ги затскрила во пченицата од претходната жетва.
Тој ден, во друго маало, војската собрала три дечиња што си играле по улиците и ги однела во Костур. Но бидејќи „уловот“ бил слаб, утредента дечињата им биле вратени на родителите. Следејќи го движењето на војската, партизаните се вратиле уште попладнето во Сетома, во куќата на Борис Гилевски, и соопштиле дека и тука веќе не се безбедни. Затоа го активирале планот за евакуација. Набрзина биле собрани 33 деца од критичните семејства, од партизански и патриотски фамилии. Биле повикани и двете мајки, Александара-Цеца (20), братучетка на Гилевци и Калиопи (40), поточно тетка Љопа, како што ја нарекувале децата.

Во Унгарија
– Вечерта целата група, заедно со нашите вистински мајки, тргнавме на север, по падините на Вичо. Мајка ми на магаре врза два коша. Во кошовите стави малку слама. Потоа, во едниот ме натовари мене, во другиот брат ми Паскал. Сестрите Анастасија и Злата беа поголемки и нив ги водеше за раце. За сигурност патувавме само ноќе. Така, иако Желево не е којзнае колку далеку, две ноќи патувавме до него. Бидејќи Желево беше собирен центар за тој дел од Костурско, во селото останавме два дена, додека да пристигнат и другите групи. Седевме и спиевме по дворовите, во црквата и крај селската рекичка. Кога се собраа повеќе од илјада деца, мајките ги вратија назад по нивните села, а ние тргнавме во Преспа. Ни беше потребна само една ноќ да стигнеме до Љубојно. Таму останавме ден-два. Мензата ни беше на отворено. Во многу казани се вареше убава храна. Но нѐ имаше толку многу, што во селото немаше доволно лажици. Ние четворицата, и братучедите Лука, Рина и Циља, јадевме во круг, со една лажица. Од Љубојно, со запрежни коли и камиони нѐ пренесоа до железничката станица во Битола. И таму имало собирен центар. Којзнае колку беше долга композицијата и колку композиции од Битола се испратени на север, кон Белград и уште подалеку. Знам дека групата од нашето и уште од некои села беше во вагон во средината на композицијата. Бидејќи тоа беше товарен воз што патуваше надвор од возен ред, којзнае на колку места стоевме, чекајќи ги возовите од редовните линии.
Сепак, по ден или ден и половина, стигнавме во Бела Црква. Таму композицијата ја преполовија. Нашиот вагон од средината остана последен. Половина деца останаа во Бела Црква, друга половина продолжија понатаму. По неколку часа стигнавме во Будимпешта. Сите деца нѐ однесоа во една касарна. Во касарната најпрво ни ги истрижаа косите и ни ги зедоа и искинаа алиштата, полни со вошки. Потоа нѐ избањаа. Ни дадоа тренерки и нова облека. Тие денови ни вршеа и лекарски прегледи. Во касарната останавме цел месец. Потоа нѐ распоредија по разни домови. Во тој период во Унгарија имаше 2.800 деца од Егејска Македонија. Сите деца од нашето село, заедно со двете мајки, нѐ однесоа со лимузини во Печуј. Нѐ сместија во кругот на фабрика за кожи. Ни дадоа две воспитувачки. Двете го имаа името Марија. Едната беше Русинка, другата Унгарка. Не оти ги разбравме, ама ни беа воспитувачки, кои со нас комуницираа повеќе со гестикулации. По пет-шест месеци нѐ вратија во Будимпешта и пак нѐ сместија во касарна, која во меѓувреме ја преуредиле во дом Захаријадис. Таму почнавме да го учиме унгарскиот јазик. По една година нѐ префрлија во селото Деиг, во дворецот на грофот Фештетич. Бројката на децата постојано се менуваше меѓу 400 и 500. Во тој дворец всушност почнавме со школување. На нашите деца им предаваа ранети партизани што се лекуваа во Унгарија, на Грчињата – студенти од Кипар и унгарски учители. Во Деиг, кое дете ќе завршеше основно, го испраќаа во некое од средните училишта во Унгарија. Кога завршив седмо одделение, ме префрлија во домот Алмади крај езерото Балатон. Таму завршив осмо одделение – раскажува Коле без да земе здив, чиниш повторува денес гледан филм.
Најстарата сестричка меѓу нив, Анастасија, додека тројцата учеле редовно школо, завршила индустриско училиште и се вработила во текстилна фабрика во Будимпешта. Злата и Паскал се запишале во гимназија. Паскал сакал да учи уметничко училиште, но тамошните закони не го дозволувале тоа, бидејќи не бил државјанин на Унгарија.

Коцките од детството
Ставрула, нивната мајка, по завршување на Граѓанската војна во 1949 година, со група партизани заминала за Албанија, а оттаму со брод до Полска. Од Полска стигнала во Чехословачка. Благодарение на Црвениот крст, децата постојано биле во контакт со таткото Борис и мајката Ставрула. Во 1954 година Ставрула конечно им се приклучила на своите деца во Унгарија. Тогаш започнувало и подготвување на документите за заминување за Република Македонија. Осум години по разделбата во Желево, кон средината на 1956 година, Ставрула и нејзините четири деца пристигнале во Република Македонија, каде што веќе се наоѓал таткото Борис. Тука, Коле и Злата се запишале во гимназија, а Паскал во средно уметничко училиште. Бидејќи во Унгарија тренирал во пионерски тимови, Коле се запишал во фудбалската школа на ФК Работнички. Постапно, во најубавите денови на Работнички, станал и првотимец. Завршил Економски факултет и се вработил во ЖТП-Скопје.
Дванаесет години останал во Работнички, потоа две години играл за Вардар од Неготино, каде што ја сретнал медицинската сестра Нада, со која ќе формираат семејство и ќе го добијат Борис. По двете години во Вардар, Коле заиграл и за МИК од Автокоманда, а на крајот и за Локомотив, чиј тренер подоцна ќе биде долги години.
Со децении Коле мечтаел да се врати во Егејот, да си ги посети двете постари сестри, кои таму формирале семејства и од нив има четири внуци и осум правнуци. Чекал да види кога ќе завршат ветените три месеци за враќање крај родното огниште и оживување на детските слики што му се врежале во сеќавањето. Дури пет децении по разделбата, желбата ќе му се посреќи. Дури во 1998 година за првпат како возрасен ќе го види родниот крај.
Бидејќи е пензионер на Железница, со режиска картичка можел поевтино, а со тоа и почесто да патува до Солун. Кога му се заарнило, почнал да мечтае да преспие ноќ во местото каде што му било прекинато детството. И тоа му се остварило. Отпатувал до Солун со воз, па до Костур со автобус, а потем, со мерак, пеш до Сетома. Таму на местото на нивниот дом, негов братучед изградил нова прекрасна куќа. Братучедот го премолил да преспие во куќата. Коле ничкум, клекнал крај некогашната плевна и долго во ноќта си го враќал филмот со сликите од детството. Му требало цела ноќ да ги оживее спомените. Денес Никола Гилевски-Коле сонува докрај да го состави мозаикот на прекинатото детство. Здравје боже, си вели, само здравје. Уште летово или некој месец подоцна, ќе отпатува во Унгарија да ги собере камчињата од неговиот живот што останале низ домовите во таа земја.