Фото: ЕПА

Некои размислувања во врска со евентуалната испорака на ракети со долг дострел од САД за Украина

  • „Не знам со какво оружје ќе се води третата светска војна, но четвртата светска војна ќе се води со камења, лакови и стрели“, своевремено изјавил Алберт Ајнштајн, запрашан за милење како би се водела третата светска војна. Иако потеклото на овој цитат често се дебатира, поентата е кристално јасна. Влијанието што нуклеарната војна би можела да го има врз светот би било разорно, а овој цитат го доловува тоа во една едноставна реченица

Изворно, томахавк е име на оружје направено од остар камен како сечило и дрво како дршка, направено од американските Индијанци и наменето за блиска борба. Зборот томахавк потекнува од домородниот израз „тамахаак“, во превод – „тој сече“. Најраните томахавки имале камена глава фиксирана со кожни врвки или тетиви на дрвена рачка, а подоцна почнало да се користи метално сечило. Денес, пак, со името томахавк се нарекува едно од најсофистицираните оружја. Суперсонична крстосувачка ракета со долг дострел во посед на американските вооружени сили (и на Британската кралска морнарица). Ракетата „томахавк“ е на млазен погон, наменета за сите временски услови, за операции на копнен напад од бродови и од подморници. Од воведувањето на оригиналниот дизајн во 1970 година, направени се најмалку шест варијанти и повеќе надградени верзии на ракетата „томахавк“, вклучувајќи варијанти што можат да се лансираат од воздух, од море и од копно со конвенционално вооружување и, се разбира, со нуклеарни боеви глави. И токму во овие зборови „се крие“ и предизвикот на дискусиите што се најактуелни, а се врзани за ракетите „томахавк“ и за војната во Украина…

„Томахавките“ би значеле премин од прокси-војна кон непосреден американско-руски воен судир

Во последните десет дена, една од клучните теми за надворешна политика на повеќето светски медиуми е можната испорака на крстосувачки ракети „томахавк“ со долг дострел од страна на САД во Украина, што неодамна го потврди и американскиот претседател Доналд Трамп како отворена можност. Тој го направи тоа неформално, во својот авион пред претставниците на медиумите, за време на повратниот лет од Блискиот Исток. Трамп не го крие, како што вели, своето незадоволство од рускиот претседател Владимир Путин кога станува збор за запирање на војната во Украина, па затоа споменатата опција со испораки на „томахавк“ ја става во игра. Москва, од своја страна, ја остава можноста за продолжување на дијалогот со Вашингтон, иако тврди дека Трамп, всушност, за разлика од неговиот претходник Џо Бајден, слуша што вели Русија, но на крајот не го зема предвид нејзиното мислење и продолжува да ги наметнува своите решенија. Во исто време, руското раководство предупредува дека испораката на споменатите ракети за Украина би била „разорна за американско-руските односи“, додека нивната употреба за напади врз руски цели би ја сметало за конечно, директно влегување на САД во војната против Русија. Со други зборови, Москва би го сметала споменатиот потег како стратешки премин на украинската војна од прокси-американска војна меѓу САД и Русија во директна американско-руска војна од која нема враќање. Вистинската опасност, според воените аналитичари, е фактот дека ракетите „томахавк“ се способни да носат, покрај конвенционалните боеви глави, и нуклеарна боева глава. Во таков контекст, аналитичарите потенцираат дека во еден таков случај „Кремљ не може да знае каква боева глава (силина) носат, доколку овие ракети бидат испукани“. Така, во согласност со новоусвоената руска нуклеарна доктрина, „Москва би морала промптно соодветно да реагира за да ја заштити својата национална безбедност“.

Во Киев завладеа позитивна еуфорија по изјавата на Трамп за „томахавките“

Вистинска еуфорија ги зафати високите украински функционери, вклучително и украинскиот претседател Володимир Зеленски – кои јавно изреагираа дека „ќе користат ракети ’томахавк‘ за напад врз најголемите руски градови – Москва и Санкт Петербург, по што Путин би бил принуден да побара од Трамп прекин на огнот“! За издвојување е дека и високи украински функционери беа во Вашингтон, каде што се разговарало за опцијата за испорака на ракети „томахавк“. Наводно, според западни медиуми, имало и директни телефонски разговори деновиве меѓу Трамп и Зеленски на оваа тема. Како и да е, воените аналитичари пишуваат дека „евентуалната испорака на ракетите ’томахавк‘ за Украина би била прва употреба на американско стратешко оружје против друга нуклеарна сила од крајот на Втората светска војна, што би ги фрлило во вода сите претходни договори, правила и ограничувања што биле применети во овој поглед и ја определиле рамката за однесувањето на САД и Русија (поранешен СССР) во сферата на нивната меѓусебна и глобална стратешка безбедност“. Р.С.


Испораката на ракетите со долг дострел „томахавк“ сѐ уште е енигма

Трамп: Ако нема мировен договор, можеби ќе го направиме тоа, а можеби и нема…

Според „Њујорк тајмс“, Министерството за војна (преименуваното Министерството за одбрана на САД) развило „планови за продажба или трансфер на ракети ’томахавк‘ доколку претседателот на САД ги нарача“. Сепак, трансферот е полн со огромни тешкотии, не само затоа што на Украина ѝ недостигаат потребните лансери: ниту има морски лансери, ниту пак копнени. За лансирање на ракетите „томахавк“, на Украина ќе ѝ требаат воени лансери „тајфун“. Но, со овој потег, според воените аналитичари и соговорници на „Њујорк тајмс“, САД би се доближиле до директен конфликт со Русија. Во вчерашниот број на „Нова Македонија“ цитиравме неколку американски воени аналитичари, кои тврдат дека „Вашингтон би можел да ѝ обезбеди на Украина само од 20 до 50 ракети „томахавк“, што нема значително да ја промени динамиката на конфликтот“. Но, принципиелно, испораката би можела да има многу поголема политичка специфична тежина. На тој начин, според аналитичарите, „се создаваат реални загрижености за ескалација на тензиите со Русија, нагласени од неодамнешните предупредувања на Кремљ до Вашингтон за оружје со долг дострел за Украина“. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во неделата нагласи дека „проблемот со ракетите ’томахавк‘ предизвикува „екстремна загриженост“.
– Во моментов навистина е драматичен мигот во однос на ескалацијата на тензиите од сите страни – изјави тој за руската државна телевизија.
Во последните денови, Трамп посочи дека заканата за испраќање ракети „томахавк“ во Украина би можела да го донесе Путин на преговарачка маса. Тој рече дека планира директно да разговара за ова прашање со рускиот претседател. Но неговиот најнов топло-студен одговор на медиумите по ова прашање,остави уште повеќе прашалници во јавноста…
– „Томахавките“ се неверојатно оружје. И очигледно на Русија не ѝ се потребни. Ако нема мировен договор, можеби ќе го направиме тоа. Можеби нема. Но можеби ќе го направиме тоа – рече Трамп. Тој е уверен дека може успешно да изврши притисок врз земјите да постигнат мировни договори откако успешно посредуваше во договор за прекин на војната во Газа. Според новиот план за финансирање договорен претходно оваа година, сојузниците на НАТО веќе купуваат американско оружје и муниција, а потоа ги префрлаат во Украина. Данска, Норвешка, Шведска, Холандија, Германија и Канада досега финансираа четири пратки американско оружје и опрема, во вкупна вредност од околу две милијарди долари.
– Оваа поддршка е клучна – изјави во вторникот портпаролот на воената команда на НАТО, полковник Мартин О’Донел.
Лиана Фикс, членка за Европа во Советот за надворешни односи, рече дека испораката на „томахавките“ „зависи од тоа дали Путин може да дојде до Трамп и да му испрати порака: Доналд, не можеш да го направиш ова или ќе има нуклеарна војна“.
Од друга страна, забележува таа, гледаме координиран притисок од Европа да ги принуди САД да обезбедат посуштинска поддршка на Украина. Стариот свет е убеден дека само активни и обединети чекори против Русија ќе го принудат Путин да ги намали своите специјални операции во Украина. Р.С.


Дали Трамп блефира?

  • Или навистина е подготвен за радикална, прва вистинска ескалација на украинската војна со сосема непознати и непредвидливи последици

Омаловажувањето на воениот и нуклеарен потенцијал на Русија, кое можеме да го следиме на социјалните мрежи од геополитички неписмени или медиуми чија единствена цел е да заработат пари и/или да шират чиста пропаганда, нема никаква врска со реализмот и може да им наштети на сите – едноставно треба да се игнорира. Тие редовно се базираат на наводно скромни руски воени резултати, а исто така редовно избегнуваат да се осврнат на два важни факта.
– Прво, дека ова е исклучително сложен воен конфликт, целосно надвор од рамките на досегашното водење војни, со примена на голем број технолошки иновации, целосно ново оружје и вештачка интелигенција – и тоа од двете страни;
– И второ, Русија де факто е во војна не само со Украина туку и со целиот НАТО-сојуз, без чија помош за Киев оваа војна ќе завршеше одамна. И води војна под тежината на невидени економски и финансиски санкции на својот грб, и економски се справува релативно добро, за разлика од ЕУ, која е во растечки проблеми. Затоа, мора да ја игнорираме класичната пропаганда (да не ги спомнуваме мислењата на гореспоменатите неписмени) и конечно да разбереме дека Европа и светот навистина се соочуваат со пресвртница во историјата, бидејќи украинската војна не може да трае вечно.
Ракетите „томахавк“ би можеле да ја направат таква – историски момент – не поради нивната моќ (бидејќи воопшто не се меѓу најмодерните или најсмртоносни ракетни системи од двете страни на барикадите, а Русите веќе имаа можност добро да ги проучат за време на нивната сириска кампања и американското испукување на околу 60 „томахавки“ врз поединечни сириски армиски бази за време на првиот мандат на Трамп), туку поради психолошката улога што ја играат во ова. Во овие и такви околности, голем број аналитичари и на Запад и во Русија сега го поставуваат главното прашање: дали Трамп блефира или навистина е подготвен за радикална – всушност, прва вистинска ескалација на украинската војна со сосема непознати и непредвидливи последици? Р.С.


Изјава на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за моменталните меѓусебни односи на Москва и Вашингтон:

Постои меѓусебно концептуално разбирање меѓу Вашингтон и Москва, но Брисел ја мати водата

  • Доколку се реализираат испораки на ракети со долг дострел во Украина, тоа би предизвикало колосална штета на перспективите за нормализирање на односите меѓу Москва и Вашингтон, предупреди во јавноста рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров пред неколку дена изјави дека „самитот меѓу Русија и САД, одржан на 15 август во Алјаска, не бил дипломатски пробив, туку обид за меѓусебно разбирање во врска со решавањето на украинскиот конфликт“. Имено, во интервју за весникот „Комерсант“, Лавров нагласи дека е постигнато „меѓусебно концептуално разбирање“ меѓу Вашингтон и Москва, но дека Европската Унија, како што оцени, „прави сè за да го забави или да го промени курсот на САД по ова прашање“!
– Јасно кажавме како го гледаме процесот на решавање на конфликтот. Претседателот Трамп рече дека мора да се консултира со своите сојузници и тој процес сега е во тек. Сепак, партнерите од НАТО вршат силен притисок, обидувајќи се да го одложат секој конкретен чекор – изјави деновиве рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Рускиот министер нагласи дека европските земји и украинските власти се обидуваат да ја претстават ситуацијата како личен конфликт меѓу претседателот Владимир Путин и Доналд Трамп, што, според него, не е вистина.
– Европа сака да ја започне оваа „Трампова војна“ што е можно побрзо и посигурно – додаде Лавров, истакнувајќи дека тимот на Трамп е единствениот во западниот блок подготвен да се справи со основните причини за конфликтот – вклучувајќи го и прашањето за проширувањето на НАТО и положбата на населението на териториите историски развиени од Русите.
Тој, исто така, изрази жалење за „дрските ултиматуми“ што доаѓаат од Киев и одредени европски престолнини, оценувајќи дека таквата реторика ги поткопува сите шанси за мир.
Во врска со најавената можност на претседателот на САД да испорача крстосувачки ракети „томахавк“ во Украина, Лавров одговори дека тоа не е поврзано со договорите постигнати во Енкориџ.
– Ниту една од неговите изјави за ракетите не влијае на она што концептуално се разгледувало во Алјаска – истакна Лавров.
Според него, Русија останува „верна на резултатите од преговорите“ и очекува дека САД нема да дозволат западните сојузници да го уништат процесот што штотуку започна.
– Доколку се реализираат испораки на ракети со долг дострел на Украина, тоа би предизвикало колосална штета на перспективите за нормализирање на односите меѓу Москва и Вашингтон“, предупреди рускиот министер за надворешни работи. Р.С.