Повод: Сто педесет и една година од раѓањето на Крсте Петков Мисирков (18.11.1874 – 26.7.1926 година), прв дел
- Книгата „За македонцките работи“ во 1903 година била забранета и уништена, додека авторот Крсте Петков Мисирков добивал закани од платеници дека ќе биде убиен. Но неговиот син Сергеј Мисирков во 1945 година донесе еден зачуван примерок во Скопје и ѝ го подари на слободната македонска држава
На нашата јавност добро ѝ е познато историското значење на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков, посветена на македонската нација, македонскиот јазик и воопшто на македонската историја. Ние Македонците треба да знаеме и да паметиме дека „За македонцките работи“ е наша библиска книга, чија вредност се огледа во фактот што во историско-научна смисла таа е нашиот траен темелник, за волја на вистината, книгата уште од теоретски аспект е неодминлива, исклучително образложена и крајно аргументирана студија посветена на македонскиот јазик еднакво, историски припаѓајќи и втемелувајќи ја македонската национална мисла и смисла на постоење.
Во книгата, покрај предговорот, се објавени и следните пет текста: 1) Шчо напраифне и шчо требит да напраиме за однапред; 2) Имат ли се нужда од македонцко научно литературно другарство; 3) Националниот сепаратизам: земјиштето на које се имат развијено и ќе се развијат за однапред; 4) Состауала, состауат и можи ли Македонија да состауа од себе оделна етнографцка и политичка јединица и 5) Неколку зборои за македонцкиот литературен јазик.
Далеку би нѐ одвело набројувањето на сето она што Мисирков го поминал во својот живот, затоа што школувањето, творештвото и животот му биле исполнети со многу пречки и тешкотии, од кои некои биле дури и непремостливи. Сепак, Крсте П. Мисирков, селејќи се од еден во друг град, односно од една во друга држава, во Србија, Македонија, Бугарија и во Русија, исклучително наоѓал во себе сили со кои успевал да ги надминува сите пречки и да твори и да развива активности во одбрана на македонската нација. Како плод на тие негови заложби создал импозантно дело, така, покрај книгата „За македонцките работи“, тука се вбројува и научното списание „Вардар“, но и активната соработка со свои прилози во „Македонски глас“, собирајќи македонски народни умотворби, но се пројавил и како преведувач од други јазици на својот мајчин македонски јазик.
Книгата по кратка постапка е запленета и уништена од бугарската власт
Но малку е познато дека книгата „За македонцките работи“ од Крсте П. Мисирков уште со самото печатење во „Либералниот клуб“ во Софија во 1903 година имала трагична и горчлива, еднакво и непредвидлива судбина. Бугарската власт откога дознала што сѐ е напишано во книгата за македонскиот народ, неговиот јазик и историја, молскавично ја запленила и целиот тираж го уништила. Ама вечно правило е дека книгите не горат, не гнијат во земја, а можат да излезат дури и да бидат заклучени зад дванаесет врати. Тие ќе опстојат, зашто се појаки и од огнот и од земјата и од темнината. Можат да бидат уништени сите примероци, но сепак, секогаш ќе остане барем еден отпечатен примерок за да ја сведочи за век и веков вистината што е напишана на нејзините страници.
Ваква сурова, но и трагична судбина доживеала по самото печатење првата и единствена книга на нашиот светилник Крсте Петков Мисирков, „За македонцките работи“, во 1903 година. Таа по печатењето веднаш била запленета во печатницата на „Либералниот клуб“ во Софија и по брза постапка била уништена. Но неколку примероци, по игра на судбината, што се вели, биле спасени, односно не биле уништени од бугарската власт и полиција… Првиот примерок – уникат, и неколкуте спасени примероци тајно ги добил самиот автор Крсте П. Мисирков. За жал, нема сведоштво каде и како ги чувал и ги зачувал единствениот уникатен примерок и другите неколку примероци сѐ до неговата смрт на 26 јули 1926 година, ама се знае дека на смртната постела, држејќи ги рацете на својата сопруга Екатерина Михајловна Мисиркова и на синот единец Сергеј, им шепнал, односно им ја кажал својата единствена и последна желба, поточно аманет, првиот печатен уникатен примерок на книгата „За македонцките работи“ што во најстрога тајност го чувал и зачувал и другите неколку примероци по цели 23 години од печатењето, кога-тогаш, да ѝ бидат предадени на слободната држава на македонскиот народ – Македонија.
Многу е важно да се каже и дека објавувањето на книгата „За македонцките работи“ целосно му го сменила и дотогаш сиромашниот живот на Крсте Петков Мисирков. Имено, по излегувањето од печат на неговата книга во декември 1903 година, нејзиниот автор Крсте П. Мисирков, за жал, бил подложен на горчливи и неиздржливи маки и болки. Откога го изнатепале, платените тепачи смртно му се заканиле дека ќе го убијат, по што тој бил принуден веднаш да ги напушти Софија и Бугарија и да побара спас бегајќи во Русија. Таму, тој во градот Берјанск се вработил како гимназиски професор (1904/5 год.), потоа се преселил во градот Одеса, па во Кишинев, каде што останал сѐ до 1918 год. Но тука не завршуваат неговата голгота и преселба, бегајќи пред непријателите и спасувајќи го својот и животот на семејството, тој се вратил повторно да живее во Софија.
Семејството на Мисирков, сопругата Русинка Екатерина Михајловна и неговиот син единец Сергеј Мисирков, иако многу пропатило во Софија, по неговата смрт, исто така, продолжило да ја чува неговата книга за да не падне во рацете на бугарската власт и полиција, која сепак, дознала дека неколку примероци од книгата се спасени. Затоа постојано душкала и упаѓала и вршела претреси во нивниот дом, настојувајќи по секоја цена да ги открие и тие неколку зачувани примероци, за да ги уништи. Како им поминале тие години од животот на Екатерина и Сергеј Мисиркови, кои го примиле и го носеле со себе трајно аманетот на нејзиниот автор Крсте Петков Мисирков, само тие си знаеле, поради тоа што криеле и како живееле во страв и немилост. Но најважно од сѐ е што трајно ги зачувале неколкуте примероци, меѓу нив и првиот отпечатен примерок уникат и засекогаш ја исполниле последната и единствена желба, односно аманет на нејзиниот автор Крсте П. Мисирков.
За книгата на Мисирков се знаело дека постои, но бугарската власт го криела тоа
Освен власта, ќе повториме, само малкумина упатени во Софија знаеле за постоењето на книгата на Крсте П. Мисирков, па дури јавно била објавена и една рецензија за неа од филологот Александар Теодоров Балан, истакнат професор на Софискиот универзитет, кој важел за неприкосновен авторитет. И, толку…
Со почетокот на Втората светска војна, вардарскиот дел на Македонија повторно бил окупиран во 1941 год. од страна на фашистичка Бугарија, со што бил остварен сонот за голема Бугарија. Поради новите окупаторски околности, македонските студенти што студирале во Белград и во други градови од кралството Југославија сега биле принудени своите студии да ги продолжат во Софија. Меѓу нив биле и Блаже Конески, потоа Илија Милчин, Лазар Мојсов и др. Конески ги продолжил студиите по филологија на Софискиот универзитет и откога слушнал за постоењето на книгата на Крсте Петков Мисирков посакал да ја најде. Како дошло до тоа, тој во своите спомени го истакнува следното.
– Се сеќавам дека ја побарав книгата во универзитетската библиотека во Софија и мене службеникот ми рече: зошто ви треба таа книга? Јас не знаев дека е таа… под клуч. Јас реков: па имам… професорот ми даде таква семинарска работа. Но книгата не ја добив – истакнува тој.
Од сведочењето на Блаже Конески уште дознаваме дека, сепак, за постоењето на книгата знаеле Кочо Рацин, Никола Јанков Вапцаров, Коле Неделковски, но и други Македонци. Дури имаме сведоштво од синот Сергеј Мисирков дека Коле Неделковски, на крајот од 1940 година, дошол во нивниот дом во Софија и лично од неговата мајка Екатерина добил еден зачуван примерок од книгата „За македонцките работи“. Притоа, Коле Неделковски ѝ ветил дека истата таа ќе биде разгледана – читана во Македонскиот литературен кружок (кој постоел од 1938 до 1942 год.), кој го раководел Никола Ј. Вапцаров и дека е планирано истата таа да биде повторно печатена како второ издание. Но, за жал, до тоа не дошло. Исто така и професорот Круме Кепески, кој бил испратен од новата народна македонска власт на тримесечно студиско истражување во Софија, од 15 септември до 15 декември 1944 година, имал можност да ја користи книгата „За македонцките работи“ од Крсте П. Мисирков и од неа да препише делови за свои потреби…
Но, сеќавајќи се понатаму, Блаже Конески признава дека кога бил член на комисиите за составување на македонската азбука и на македонскиот правопис во 1944/45 год. не му биле познати книгата на Крсте П. Мисирков и неговото творештво. За ова тој го додава уште и следното свое сведоштво: „Јас прв напишав приказ на книгата на Мисирков, кај нас, во 1945 година, во ’Нова Македонија‘ излезе… Кога бев во јуни 1945 година во Софија со Митко Зафировски, тогаш ја прочитав таму книгата на Мисирков. Си направив белешки и објавив опширна статија под наслов ’Една македонска книга‘. И, тоа беше прв чекор на популаризација на Мисирков кај нас“.
продолжува утре
Автор: Мишо Китаноски
Крсте Петков Мисирков меѓу стожерните македонски великани претставени во проектот на „Нова Македонија“ – „Гласот на револуционерите повторно се слуша!“
Крсте Петков Мисирков е човекот што во македонската национална меморија останува запаметен како филолог, кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис, славист, историчар, етнограф, аналитичар на националните и политичките проблеми, публицист, собирач и истражувач на македонското народно творештво. Тој е меѓу истакнатите македонски великани претставени во проектот на „Нова Македонија – „Гласот на револуционерите повторно се слуша!“



































