Фото: Игор Бансколиев

Претседателот на Комисијата за надворешни работи во германскиот бундестаг, Михаел Рот, деновиве на македонските политичари им наметна една дилема, која гласи: „Прашањето што треба секој да си го постави не е како може јас да ѝ помогнам на мојата партија, туку како можам да помогнам и да придонесам за мојата земја“, мислејќи на Македонија. Токму во тој стил, „Нова Македонија“ ја разработи темата и анализираше како политичарите може најмногу да ѝ помогнат и да придонесат за Македонија. Впечатокот и ставовите на нашите соговорници се дека треба прво да го вратиме суверенитетот на државата, па потоа да преговараме со тим на ЕУ што ќе се придржува до нормите на меѓународното право и ќе ја третира Македонија како суверена држава. А бидејќи суверенитетот на државата произлегува од граѓаните, актите и договорите спротивни на одлуката на суверенот се ништовни и треба да бидат и правно поништени

Штом пратениците од македонското собрание се вратија од летниот одмор, веќе вториот ден започна кампањата на европските политичари во Скопје, како за подготовка за терен за уставните измени, со кои треба да се додадат нови малцинства во преамбулата на македонскиот устав. Кампањата, која пред некој ден ја започна Михаел Рот, поранешен министер за Европа на Германија, а сега пратеник и претседател на Комисијата за надворешни работи во германскиот Бундестаг, е со особен акцент на додавање на Бугарите во македонскиот устав, зашто тоа е услов за целосно легитимирање на преговарачката рамка за Македонија со ЕУ и уште еден предуслов (но веројатно не и последен) за почеток на преговори за членство во Унијата. Предизвикот што им го постави Рот на македонските политички партии, односно на пратениците, пред сѐ на оние од опозицијата, беше содржан во изјавата: „Земјава во однос на ова прашање со преговорите направи веќе многу, така што останува уште малку… Знам дека на многумина воопшто не им паѓа лесно кога станува збор за овие уставни промени, но прашањето што треба секој да си го постави не е како може јас да ѝ помогнам на мојата партија, туку како можам да помогнам и да придонесам за мојата земја“.
Иако политичките актери во Македонија во ваквите изјави со поставување предизвик ја препознаваат истата шематизирана реторика на европските политичари и лидери што доаѓаа да лобираат за референдумот за Преспанскиот договор и промена на името на државата, во 2018 година (само засега на пониско ниво), сепак ценат дека одговорот на европскиот предизвик за државничко однесување на македонските политичари и одговорност спрема Македонија е спротивен од она што го заговара Рот.
– Точно, ако се мисли и се мислело на државните интереси, француско-бугарскиот документ не смее да оди понатаму. Стоп за уставните измени! Партиите ама баш ич не се важни. Ама државата е! – веднаш реагираше на социјалните мрежи професорката Солза Грчева, лидерка на партијата Глас за Македонија, која понатаму ја оценува како срамна таквата реторика на политичари од ЕУ спрема една мала земја како Македонија, која постојано е под уцени и ултиматуми од соседните земји-членки на ЕУ, а Унијата застанува зад нив, погазувајќи ги своите декларирани вредности за инклузивност и право на самоопределување.
Кога станува збор за капацитетот на македонските политичари да носат државнички одлуки што ќе ја одразуваат волјата на мнозинството граѓани, професорката Грчева смета дека уште со Преспанскиот договор тие го напуштиле патот на Македонија како суверена држава, со свои политики, кои го заштитуваат националниот интерес.

– По која цена ние трчаме во ЕУ? Македонскиот народ е државотворен народ во Македонија, а тоа е повеќе од 80 отсто против уставните промени за внесување на Бугарите во преамбулата на македонскиот устав, кои всушност ЕУ ги легитимираше како свои бугарските уцени за почеток на нашите преговори за членство во Унијата. Пратениците во македонското собрание и сите политичари од власта не смеат повторно грубо да ја погазат волјата на народот, како што тоа го направија со Преспанскиот договор. Вака наметнатите уставни измени, со уцена, само ја отвораат портата за нови уцени понатаму. Францускиот предлог за преговарачката рамка со бугарските услови не е прифатлив за Македонија и не смее да помине ни како фаза во процесот на евроинтеграции. Со евентуалното изгласување на уставните измени и целосно прифаќање на францускиот предлог на преговарачката рамка, не само што Бугарите ќе влезат во македонскиот устав (што можеби и не е најголемиот проблем на предлогот) туку се легитимира опцијата утре од Софија да ни кажуваат кој треба да се лустрира во Македонија, кој да оди во затвор, да чекаме одобрение од таму не само за учебниците во македонското образование туку и за работните тетратки… Сето тоа ќе се случува зашто прифаќањето на така конципираната преговарачка рамка е поврзано со обврската за исполнување на протоколот за спроведување на Договорот за добрососедство. Пратениците од опозицијата, но и од позицијата, имаат особена одговорност да не дозволат да поминат уставните измени. Нема зошто да брзаме во ЕУ, која во овој миг е на најниско ниво од своето постоење, со немоќно и најлошо раководство. Се создаваат нови историски моменти, а ние и така ќе останеме надвор од Унијата уште 30-40 години. Не мораме да се истрчуваме. Треба прво да го вратиме суверенитетот на државата, па потоа да преговараме со тим на ЕУ што ќе се придржува до нормите на меѓународното право и ќе ја третира Македонија како суверена држава – вели професорката Солза Грчева.
Според Тодор Петров, претседателот на Светскиот македонски конгрес, државниот интерес се дефинира преку слободно изразената волја на мнозинството граѓани.

– Кој и да е на власт во Македонија, на кое и да е ниво: собрание, претседател на државата, влада, судство, позиција, опозиција…, треба да ги почитува одлуките на граѓаните искажани на двата референдума, во 1991 и 2018 година. Преку тие референдуми, со слободно изразена волја на граѓаните е дефиниран националниот интерес на државата. И сите политички одлуки спротивни на изразената волја на граѓаните се ништовни. Бидејќи суверенитетот на државата произлегува од граѓаните, актите и договорите спротивни на одлуката на суверенот треба да бидат судски поништени. Во таков контекст, одлуките за промена на името на државата, со импликации на загрозување на националниот идентитет, врз основа на билатерални договори, се ништовни, а постои основа во законот за тие што ги потпишале овие договори кривично да одговараат за велепредавство – вели Тодор Петров.
Претседателот на СМК посетите на европските политичари во Македонија, по одржувањето на политичкиот состанок со ЕУ во Брисел, означен како „почетна фаза на отворањето преговори“, ги оценува како нивни напор да изнудат уставни измени.

– Без уставни измени нема ефективна преговарачка рамка и почеток на преговори за Македонија со ЕУ. Но не верувам дека ќе успеат да го издејствуваат потребното мнозинство за уставните измени условени од Бугарија, а прифатени од ЕУ како европски и наметнати на Македонија. Некоректноста во бугарското (и сега европско) барање е во тоа што ги наметнуваат Бугарите во македонскиот устав, без волја за реципроцитет, односно прифаќање на постоењето на македонско малцинство во Бугарија. За жал, ниту позицијата ниту опозицијата во Македонија немаат политички и дипломатски капацитет да издејствуваат таков реципроцитет, бидејќи имаат ист геополитички ментор, на скопското кале – вели Тодор Петров.