Процесот на барање правда и одговорност за злосторства против човештвото на Западен Балкан никако не може да биде целосен ако не биде спроведен и во Македонија. Неспроведената правда за хашките случаи, дури и да бидат исполнети сите стандардни и неправедни услови што ни се поставуваат на патот кон ЕУ, дури и земјата да стане членка на Унијата…, ќе претставува компромитација на владеењето на правото не само за Македонија туку и за Европската Унија
Неспроведената правда за хашките случаи ќе претставува компромитација на владеењето на правото
За разлика од посветениот и близок ангажман на меѓународната заедница за расчистување и спроведување на правдата во случаи поврзани со воени злосторства и злосторства против човештвото, во речиси сите земји што беа зафатени од оружени (и крвави) конфликти при распадот на поранешна Југославија, мошне симптоматично и контроверзно, кога станува збор за злосторства од таков вид извршени од припадници на ОНА во Македонија, во 2001 година – патот до правдата за жртвите на овие злосторства е оставен на националното македонско правосудство. Ако за Косово, поради реалниот ризик од влијанија и закани на тие што се обвинети за такви злосторства врз сведоците и целиот правосуден систем е формиран Специјален (меѓународен) суд, Хашкиот трибунал му ги врати на македонскиот судски систем четирите предмети т.н. хашки случаи, упатувајќи своевиден политички предизвик за целата држава. Во „специјалниот“ политички амбиент во Македонија, кој трае и 23 години по „затворањето“ на оружениот конфликт од 2001 година со Охридскиот рамковен договор, процесирањето на случаите „Мавровски работници“, „Гробници Непроштено“, „Липковска брана“ и „Водство на ОНА“, некако се чини дека станаа тема што сите политички субјекти и правосудни фактори сакаат да биде заборавена, во име на мирот во земјата и меѓуетничките односи.
Правниот „трик“ за таквиот заборав е најден во автентичното толкување на Собранието од 2011 година на Законот за амнестија од 2002 година. Но „техничкиот проблем“ за постигнување „целосен заборав“ е што станува збор за злосторства против човештвото што никогаш не застаруваат, па секогаш остануваат предизвик за капацитетите на македонското правосудство и држава, но не и за меѓународната заедница, која секаде на други места за вакви случаи непосредно се ангажира за постигнување на правдата. Се чини дека истото тоа се случи и по писмото на поранешната комесарка за човекови права при Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, испратено на почетокот од годинава, со кое практично бараше активирање на хашките случаи од Македонија со препораката за „справување со насилното минато и поодлучно движење кон социјална кохезија, правда и помирување во државите од регионот“. Во меѓувреме заврши мандатот на комесарката Дуња Мијатовиќ, што повторно го остави како отворено прашањето за интересот на меѓународната заедница за правдата за македонските хашки случаи.
Но некои од осомничените и потенцијални обвинети за извршување и командна одговорност за злосторствата против човештвото во 2001-та, во македонските хашки случаи, се најдоа на „мапата“ за сведоци на Специјалниот суд за воени злосторства во Косово. Познато е во македонската јавност дека станува збор за Али Ахмети, лидерот на сега опозициската ДУИ во Македонија, кој инаку бил еден од основачите и член на главниот штаб на ОВК во Косово, од каде што го прелеа и оружениот конфликт во Македонија во 2001 година, како лидер на ОНА. И покрај тврдењата на неговите сопартијци дека бил поканет како сведок за случувања на Косово од 1998 до 2001 година, сепак правниците со меѓународно искуство велат дека до крајот на процесот во Специјалниот суд за Косово не е извесно за секој од „повиканите“ во какво својство ќе заврши – дали како сведок или како обвинет.
Сепак, гледано од аспект на јасната тенденција на меѓународната заедница за расчистување со „насилното минато во регионот“, се чини дека станува збор на создавање амбиент за политичко маргинализирање и на осомничените (иако можеби судски недокажано) за учество во злосторства што не застаруваат, односно на оние со милитантно минато.
Пред да станат членки на ЕУ, Словенија и Хрватска, државите што произлегоа од некогашната југословенска федерација, мораа да прикажат „чисто досие“ од Хашкиот трибунал во однос на постигнатата правда за секое сомневање и обвинение за злосторства против човештвото извршени во конфликтите при распадот на Југославија и по него. Со многу драматични (политички) ситуации во изминативе дваесетина години, расчистувањето со насилното минато, особено со импликации за злосторства против човештвото, се случуваше во Србија, а колку и да беше комплицирано, со тоа во голема мера расчисти и Босна и Херцеговина. Во Црна Гора, паралелно со преговорите што ги води со ЕУ, „дискретно“ се оддалечуваат од власта политички ликови осомничени за поврзаност со криминални активности, дури и за шверц со цигари. На ред дојде дури и Косово, за кое е формиран Специјален суд во Хаг (не станува збор за Трибуналот), кој е дел од судскиот систем во Косово, каде што им се суди за воени и злосторства против човештвото на некогашните лидери на УЧК, кои беа и носители на највисоки државни функции по прогласувањето на независноста на оваа земја. Процесот на барање правда и одговорност за злосторства против човештвото на Западен Балкан никако не може да биде целосен ако не биде спроведен и во Македонија. Неспроведената правда за хашките случаи, дури и да бидат исполнети сите стандардни и неправедни услови што ни се поставуваат на патот кон ЕУ, дури и земјата да стане членка на Унијата…, ќе претставува компромитација на владеењето на правото не само за Македонија туку и за Европската Унија.
Во судењето за воените злосторства и злосторства против човештвото на лидерите на некогашната ОВК од Косово особено е видлив напорот на меѓународната заедница да го „исчисти својот образ“, кога станува збор за правдата, што не може да се каже за ангажманот околу расчистувањето на хашките случаи на слични зло
Специјализирано обвинителство на Косово со седиште во Хаг силно згазна на крвавите „опашки“ за злосторствата извршени од поединци на Ослободителната војска на Косово
Продолжен притворот на поранешните лидери на ОВК обвинети за воени злосторства
По секое продолжување на притворот од институцијата наречена Специјален суд на Косово (всушност Специјализирани совети и Специјализирано обвинителство на Косово со седиште во Хаг) на водачите на поранешната ОВК, речиси веднаш се активираат повици за протести на Албанците на плоштадите на европските градови, од одредени ветерански организации или индивидуални поранешни соработници. Истото тоа се случи и по новото продолжување на притворот на Хашим Тачи и Кадри Весели, кои се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото. Во образложението на решението се наведува дека Советот констатирал дека доколку тие бидат ослободени, постои ризик да побегнат или да влијаат на сведоците и да се мешаат во работата на судот. Тачи и Весели се во судски притвор во Шевенинген од ноември 2020 година, кога беа уапсени на Косово. Ним им се суди заедно со водачите на т.н. ОВК, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи.
На 30 септември 2022 година Специјалното обвинителство против четворицата поднесе потврдено дополнето обвинение во 10 точки, со кое ги товари за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во незаконски притвори, т.н. ОВК во Косово и Албанија. Тие се обвинети за неправедно лишување од слобода, мачење и убивање луѓе. Во обвинението се наведува дека воените злосторства и злосторствата против човештвото за кои се товарат се извршени во периодот од март 1998 најдоцна до септември 1999 година, во 42 нелегални притворски центри на ОВК во Косово и во Албанија врз најмалку 407 приведени, од кои најмалку 98 се убиени.
Специјализираното обвинителство во Хаг претходно соопшти дека има повеќе од 300 сведоци што ќе дадат изјави во текот на оваа судска постапка. Таканаречената ОВК во текот на 1998 и 1999 година изврши голем број злосторства, убиства и киднапирања врз припадници на армијата и полицијата на тогашна Југославија, Срби и други неалбанци, како и Албанци што не прифатија да бидат нејзини помагачи или членови.
Специјалното обвинителство секогаш истакнува и тврди дека има доволно докази за да ги докаже обвиненијата за четворицата лидери на поранешната ОВК, но и дека тие сѐ уште имаат такво влијание во Косово што, ако се бранат од слобода, можат да влијаат, односно да го саботираат процесот.
Поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, уште на почетокот на судењето се изјасни за невин пред Специјалниот суд за воени злосторства на Косово со седиште во Хаг. Судот ги обвини него и уште тројца други поранешни водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) за воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучувајќи и прогон, убиства, тортура, присилно исчезнување и други извршени злосторства.
Формирањето и постоењето на Специјализирани совети и Специјализирано обвинителство на Косово со седиште во Хаг претставува напор на меѓународната заедница за затворање на кругот на правдата за злосторствата против човештвото направени на територијата на државите од некогашна Југославија, денес почесто нарекувани под заедничкото име – Западен Балкан. Претходно, со работа заврши т.н. Хашки трибунал, кој процесираше случаи на воени злосторства и злосторства против човештвото сторени во војните по распадот на Југославија. Иако со седиште во Хаг, т.н. Специјален суд на Косово, кој е дел и од косовскиот правен систем, сепак не е дел од некогашниот Хашки трибунал. Поради комплексните релации во Косово и фактот што им се суди за воени и злосторства против човештвото на некогашните лидери на УЧК, кои беа и носители на највисоки државни функции по прогласувањето на независноста на оваа земја и сѐ уште имаат влијание и некаков авторитет врз локалните институциите, во Специјалниот суд работат исклучиво судии, обвинители, истражители со висок меѓународноправен профил.
Овој суд всушност треба да расчисти со „опашките од злосторствата“ на ОВК, за да се отстранат аргументите за неспроведена правда и одговорност од Косово, во процесите за позиционирање на оваа земја во меѓународните институции, што е особен предизвик, како и во процесите на евроинтеграција, кои се особено сложени поради односите со Србија.
Сепак, во судењето за воените злосторства и злосторства против човештвото на лидерите на некогашната ОВК од Косово особено е видлив напорот на меѓународната заедница да го „исчисти својот образ“ кога станува збор за правдата, што не може да се каже за ангажманот околу расчистување на хашките случаи на слични злосторства во Македонија, извршени во 2001 година од „екстензијата“ на ОВК во земјава, наречена ОНА. Ј.П.