Фото: „Нова Македонија“

Совети на д-р Анета Јовковска за нашите читатели

Солидарноста и емпатијата се вредности што не се вродени, туку се градат низ воспитанието, образованието и личниот пример. За нивното негување, клучно е да започнеме уште од најраната возраст. Еве како може да се постигне тоа:

1. Преку образование – формално и неформално
Еден од најважните начини да се поттикнат солидарноста и емпатијата е преку образовниот систем. Образованието може да придонесе за прифаќање на културните, религиските и социјалните разлики, што, пак, е суштински чекор кон градење општество базирано на солидарност. На пример, изборниот предмет Етика во религиите, кој се изучува во шесто одделение, е извонредна можност учениците да се запознаат со вредностите на различните религии чие учење поттикнува на заедништво, емпатија и хуманост. Учениците учат за моралните и етичките вредности што ги обединуваат сите религии, како што се љубовта и грижата кон ближниот, почитувањето на другиот и правдата. Преку изучувањето на овој предмет, религиозните и културните разлики можат да станат мостови за разбирање наместо бариери. Доколку предметот би бил задолжителен и би се изучувал во повеќе години во текот на образованието, ќе има сила да создаде генерации што ќе бидат поосетливи кон проблемите на другите.
Кон тоа би ја додала и потребата од вклучување практична настава, каде што учениците би организирале акции како што се собирање помош за ранливи групи, посети на старски домови или активна поддршка за децата со посебни потреби. Понатаму, поттикнување на учениците да работат на проекти за решавање реални проблеми во нивната заедница, како што е уредување јавен простор или собирање средства за локални хуманитарни организации. Поканување гостински предавачи (хуманитарци, психолози, теолози) што ќе зборуваат за искуства што ќе ги инспирираат децата.

2. Преку личен пример – најмоќниот метод на учење
Децата најдобро учат од тоа што го гледаат. Ако возрасните покажуваат емпатија и поддршка во своите односи, тие ќе станат инспирација за младите. Родителите можат да го покажат тоа преку секојдневни акти на љубезност, како што е помагање на сосед, посетување болен пријател или учество во добротворни активности. Наставниците можат да ги поттикнат учениците со сопствени примери, како споделување примери за хуманитарни дела во кои учествувале. Заедницата може да организира настани каде што се манифестира солидарноста, како јавни акции за поддршка на социјално загрозените граѓани.

3. Преку мали секојдневни гестови
Дури и најмалите акти на добрина можат да имаат огромно влијание. Еве неколку примери: Прашањето „Како си?“ кога некој изгледа загрижено, со искрен интерес за одговорот. Понуда за помош – да му се помогне на соседот во носење тешки торби, да се понуди превоз или да му се помогне некому со задача што му е тешка. Споделување – дали е тоа дел од храна, облека или дури време, секој чин на споделување го носи духот на солидарноста. Поддршка за локални иницијативи – учество во акции за чистење на околината, донирање во хуманитарни фондации или присуство на настани за поддршка на ранливи категории.

4. Долгорочни иницијативи за поттикнување на солидарноста и емпатијата
Долгорочните иницијативи се клучни за создавање општество што ги негува солидарноста и емпатијата како основни вредности. Еве неколку предлози:
– Воведување локални хуманитарни клубови за млади: Тие клубови можат да организираат проекти за помош на заедницата, како што се собирање донации, поддршка за ранливи категории или волонтирање во старски домови и болници.
– Меѓугенерациски програми: Организирање активности во кои младите ќе поминуваат време со постарите, разменувајќи искуства и учејќи ги нивните вредности. Ваквите програми помагаат во градењето разбирање и меѓусебна почит меѓу генерациите.
– Создавање дигитални платформи за солидарност: Тие платформи можат да служат за споделување инспиративни примери на добрина и помош, како и за поврзување луѓе што сакаат да волонтираат или да донираат.
– Ако започнеме со образованието, го покажеме тоа со личен пример и го вградиме во нашето секојдневие, ќе создадеме општество што ќе биде обединето и поцврсто во справувањето со предизвиците. Преку ваквите иницијативи, солидарноста ќе се промовира не само како одговор на моментални кризи туку и како трајна вредност што ќе ја збогати секоја заедница. Ж.З.


Како да ја поттикнеме емпатијата во дигиталната ера?

Емпатијата започнува со мали гестови, но може да прерасне во големи дела ако ја негуваме како начин на живот. Современото општество може да направи повеќе за да ги поттикне емпатијата и солидарноста преку создавање платформи, програми и иницијативи што ги поврзуваат луѓето. А ние, како поединци, секојдневно имаме можност да покажеме дека ја разбираме важноста на грижата за другите. Тоа можеме да го направиме на многу начини:
– Преку совесно користење на технологијата: Искористете ги платформите за да споделувате позитивни примери и иницијативи што инспирираат солидарност.
– Понудете ги своето време и поддршка во организациите што имаат за цел да помогнат, како што се хуманитарни организации или иницијативи за поддршка на локални проекти.
– Разговори лице в лице: Иако технологијата е корисна, ништо не може да ја замени вредноста на личниот контакт. Одвојте време за блискиот круг на луѓе и за отворени, искрени разговори. Ж.З.