Еден од непосредните безбедносни предизвици за кои повремено (главно инцидентно) се зборува во македонската јавност се реинтеграцијата, ресоцијализацијата и рехабилитацијата на македонските државјани повратници од боиштата во странски држави или, според членот 322-а од Кривичниот законик, сторители на казниво дело учество во странски војски и полиции. Сепак, во македонското општество справувањето со оваа нуспојава, како последица од воените конфликти во светот, е регулирано институционално
Глобалните предизвици од воените жаришта, навидум далеку од Македонија, сепак на посреден и непосреден начин имаат сериозен потенцијал да се рефлектираат како безбедносен ризик за македонските граѓани и државата. Еден од таквите непосредни безбедносни предизвици за кои повремено се зборува во македонската јавност се реинтеграцијата, ресоцијализацијата и рехабилитацијата на македонските државјани повратници од боиштата во странски држави или, според членот 322-а од Кривичниот законик, сторители на казниво дело учество во странски војски и полиции. Сепак, во македонското општество справувањето со оваа нуспојава на воените конфликти во светот е регулирано институционално. Активностите и дејствата што ги спроведуваат надлежните институции во Македонија се базираат на Националниот план и процедурите за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски и членови на нивните семејства, усвоени од страна на Владата, а за чија координација и имплементација е надлежна канцеларијата на националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам.
Во средината на јули 2021 година, Владата на Република Македонија објави дека успешно го заврши процесот на репатријација на македонските државјани од Сирија и Ирак за четворица мажи странски терористички борци, пет жени и 14 деца.
Владините служби тогаш информираа дека процесот е спроведен во согласност со обврските на Република Македонија што произлегуваат од меѓународното право, меѓународното право за човекови права, меѓународното хуманитарно право, стандардите и резолуциите на Советот за безбедност при Обединетите нации. Националниот план за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски на Република Македонија е усогласен и во голема мера произлегува од обврските што земјава ги има како членка на НАТО и Глобалната коалиција за борба против Исламската држава, во соработка со стратегискиот партнер САД. Тоа е своевиден конкретен доказ дека земјава останува посветена во примената на највисоките стандарди во борбата против насилниот екстремизам и тероризмот, со цел осигурување безбедност, сигурност, стабилност и просперитет на највисоко ниво за граѓаните на нашата земја и пошироко во регионот.
Функционалноста и ефектите од програмата РРР
Според информациите од надлежните институции, групата на повратници од боиштата во Сирија и во Ирак од 2021 година е последната организирано спроведена операција на враќање македонски граѓани во државава од странски воени жаришта. Оние повратници (претежно мажи) за кои беше докажано дека активно учествувале во дејствата на странските војски беа осудени во судски процеси во Македонија и некои од нив сѐ уште ја издржуваат затворската казна. Но исто така и жените повратници (сопруги на борците) беа подложени на истрага од надлежните служби за обезбедување докази за нивно можно учество во инкриминирани дејства, и тоа за секој случај поединечно. Денес надлежните велат дека за ниту една од жените не биле добиени докази за казненоправна одговорност, односно ниту една од повратничките од боиштата во Сирија и во Ирак не е осудена. Тие, заедно со децата, речиси година и пол се вклучени во процесот на нивно рехабилитирање, ресоцијализирање и реинтегрирање (РРР) во заедницата, односно во општеството. Последните ажурирани информации покажуваат дека на странски боишта се заминати вкупно 143 македонски државјани, од кои со репатријација се вратени 68. Со нивна согласност, во процесот на рехабилитирање, ресоцијализирање и реинтегрирање во заедницата биле вклучени 58 лица (мажи и жени). Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) спроведува програма, наречена „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“, конкретно наменета за повратниците од странските воени жаришта.
На странски боишта се заминати вкупно 143 македонски државјани, од кои со репатријација се вратени 68. Со нивна согласност, во процесот на рехабилитирање, ресоцијализирање и реинтегрирање во заедницата биле вклучени 58 лица (мажи и жени). Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) спроведува програма, наречена „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“, конкретно наменета за повратниците од странските воени жаришта
– Поради својата геостратегиска положба, Македонија, како и другите земји од Западен Балкан, не е имуна на насилен екстремизам и тероризам како транснационални и трансрегионални феномени. Насилниот екстремизам, спротивставувањето на тероризмот, вклучувајќи го и враќањето на странските терористички борци и нивните семејства, е веќе голем предизвик за нашите институции и за целата земја.
Некои од повратниците се соочија со судски процеси и се осудени на неколку години затвор. Некои сè уште ја отслужуваат казната, а некои се веќе ослободени. Поддршката за реинтеграција на овие лица значи и поддршка на заедниците да им помогне во тој процес, со што ќе се спречи рецидивизам т.е. повторување на делото.
МЦМС започна да ја спроведува програмата „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“ во јули 2021 година, во партнерство со неколку граѓански организации: НЕКСУС – граѓански концепт, Иницијатива за европска перспектива, Плеиадес и Хоризон цивитас. Финансиската поддршка ја обезбедува Глобалниот фонд за ангажираност и отпорност на заедницата (ГЦЕРФ).
Програмата вклучува работа со повратниците и нивните семејства, работа со заедниците, работа со работниците од првата линија (психолози, социолози, педагози, наставници и сл.) и работа со институциите.
Работата со повратниците и нивните семејства подразбира психосоцијална поддршка што ја спроведуваат тимови на психолози, психотерапевти, психијатри, во соработка со центрите за социјална работа. Ваквата поддршка започна во мај 2022 година. За неа, сите вклучени ги имаат добиено потребните безбедносни сертификати од релевантните агенции во земјава. Покрај тоа, за дел од нив се подготвуваат индивидуални планови, во кои се разгледуваат можностите за активирање на тоа лице на пазарот на трудот. Индивидуално се согледуваат потребите и можностите за квалификација или преквалификација што би можела да им обезбеди посигурна егзистенција и економско зајакнување. Тимовите што работат помагаат да се олесни и пристапот до социјалните услуги на овие лица.
Работата со работниците од првата линија е насочена кон зајакнување на нивните капацитети за работа со оваа категорија лица, најчесто преку обуки и подготовка на прирачници за работа. Работата со институциите е фокусирана на подобрување на комуникацијата и координацијата, како и на зајакнување на нивните капацитети – вели Гонце Јаковлевска од МЦМС.
Безбедносно-социјалните импликации со ресоцијализацијата на повратниците
Според податоците на народниот правобранител од пред осум-девет месеци, (крајот на јуни 2023), во македонските затвори казна за учество во странски војски, полиции и паравоени формации отслужувале 15 осуденици. Само еден од нив бил пријавен да учествува во проект за ресоцијализација и реинтеграција, но по кратко време се откажал. Претходно целата обука, пак, ја поминал еден затвореник, но по излегувањето од другата страна на решетките исчезнал и повеќе не комуницирал со службите што требало да му помогнат да се снајде надвор. Периодот од кога датираат овие податоци е индикативен, бидејќи тогаш е прогласена кризна состојба во Македонија, поради настани поврзани со затворот „Идризово“, односно радикализација на затворениците од едно затворско крило, каде што казната ја отслужуваат 11-мина осудени повратници од боиштата во Сирија или во Ирак. Во тоа крило, затворски казни отслужуваат уште деведесетмина осуденици за најразлични дела, а според извори во Министерството за правда, под идеологијата на радикалниот ислам веќе потпаднале неколкумина. Има и случаи каде што не само муслимани туку и православни ја презеле оваа верска идеологија, која, според учењето на овие војници на ИСИЛ, кои проповедаат насилство, е спротивна од она што го проповеда исламот. Единаесеттемина осудени повратници од боиштата во Сирија или во Ирак се осудени на затворски казни од три до тринаесет години, од кои, според надлежните извори, на четворица издржувањето на казната им завршува годинава.
Ваквите информации создаваат особен предизвик како за програмата за рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција во заедницата на повратниците од странските боишта, така и за прашањата за безбедносните импликации од дејствувањето на слобода на овие повратници од странските боишта со очигледно непроменета идеолошка матрица на размислување. Од надлежните институции, како канцеларијата на националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, уверуваат дека без оглед дали (не) прифатиле да бидат вклучени во програмата РРР, и покрај тоа што ја отслужиле казната, овие лица сепак ќе бидат под законски безбедносен надзор, како дел од превентивните мерки за заштита на јавната безбедност.