Повод: Еврокомесарката за надворешни работи ја заборави нашата земја
зборувајќи за проширувањето на Унијата
Инсистирањето од страна на Европската Унија за уставни измени, без да ги исклучи билатералните прашања од преговарачкиот процес на Македонија, говори само за длабоката хипокризија во која тоне Унијата.
Иако официјалните бугарски власти повторуваат дека Македонија сите отворени прашања околу Преговарачката рамка треба да ги решава со Брисел, европските челници остануваат на тврдиот став дека уставни измени треба да се направат по секоја цена, без самите да понудат некакво „креативно решение“ како што нудат за Украина или за други земји или, пак, да дадат барем некаква гаранција дека по промената на македонскиот Устав условувањата со билатерални прашања конечно ќе завршат.
Најнова потврда дека либералните европски елити неразумно целосно застанаа зад противправните и ирационални барања на бугарската страна, претходно форматирани во протоколите во т.н. француска рамка, оглушувајќи се на македонските барања фундирани на меѓународното право и Копенхашките критериуми за евроинтеграции, е изјавата на шефицата на европската дипломатија Каја Калас во која ја исклучува Македонија од земјите од регионот што се кандидатки за ЕУ.
Таа, зборувајќи на завчерашниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, во ниту еден момент не ја спомена Македонија во обраќањето во кое ја претставуваше состојбата во сите земји кандидати. Калас упати политичка порака до БиХ и до Србија, ги пофали Албанија и Црна Гора, го спомна и Косово, но целосно ја прескокна Македонија и не спомена ниту еден збор. За Албанија и за Црна Гора рече дека прават добри чекори и добри реформи и дека се надева на позитивни приказни околу нив. На Србија ѝ прати порака дека евентуално учество на прославата на 9 Мај во Москва нема да биде дочекано лесно од Брисел, додека за БиХ рече дека е во уставна криза и дека секој обид да дојде до нејзин расцеп е неприфатлив за ЕУ.
Шефицата на европската дипломатија истакна дека стабилноста и безбедноста на Западен Балкан се суштински за ЕУ и дека ако се погледне картата на Европа, јасно е дека овој регион е дел од Европа.
Пред извесно време Калас беше и на мини-турнеја низ Балканот, но и тогаш ја одбегна земјава. Единствено претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, најави дека во средината на мај ќе ги посети шесте земји од Западен Балкан.
Како и да е, повеќе од сигурно е дека игнорирањето на земјава од официјален Брисел ќе продолжи и во следниот период како начин таа да биде принудена да ги направи уставните измени и уште повеќе да си го закомплицира европскиот пат, кој очигледно може да финишира само со целосно идентитетско обезличување.
Аналитичари: ЕУ останува стратегиска цел, но да се работи и на други алтернативи
Некои од домашните аналитичари сметаат дека со прифаќањето ваква преговарачка рамка од страна на претходната влада, всушност Македонија сама се довела во ќор-сокак и дека треба подобро да ги искористи новите геостратегиски прегрупирања имајќи ја предвид европската индолентност.
– Самото недоаѓање на Калас во Македонија кажува сѐ, кажува за нивниот однос кон земјите од Западен Балкан. Јас долго време повторувам, ЕУ не сака да бидеме нејзин дел и затоа континуирано бара начини да нѐ игнорира, ние секако ѝ даваме и причина – вели аналитичарот Синиша Пекевски.
Поранешни дипломати и познавачи на македонско-бугарските односи, пак, сметаат дека штетата со преговарачката рамка е направена и дека опциите се или идентитетско обезличување или барање други алтернативи.
– Бугарија е доследна во своите политики кон Македонија и тоа нема да се смени. Нема ништо скриено во нивните намери и отворено го кажуваат тоа дека уставните измени се само почеток на еден долг пат, кој ако Македонија целосно го изоди во согласност со протоколите и патоказите, тогаш прашање е дали ќе опстои македонскиот идентитет ваков каков што го знаеме. Македонија не смее да се откаже од европската перспектива и треба да продолжи да бара начини како да излезе од слепата улица во која ја одведе претходната влада, бидејќи географски припаѓаме кон Европа, но во меѓувреме треба да си бараме и сопствени патишта, кои утре, имајќи ги предвид новите геостратегиски репозиционирања, може да се покажат полезни за нашите интереси. Впрочем и земјите членки на ЕУ си бараат разни алтернативи, така што добро е што премиерот отиде и во Обединетите Арапски Емирати, добро е да ги продлабочуваме стратегиските партнерства, сега гледаме дека ЕУ ги засилува врските со Кина, така што нема зошто и Македонија да не воспоставува релации со оваа земја врз база на заемни односи и интереси или, едноставно кажано, доаѓа време кога секоја земја мора да има повеќе излезни алтернативи што ќе значат нејзин просперитет. Во меѓувреме гледаме дека дома се засилува борбата со корупцијата и тоа треба да продолжи, да се изврши и општествен притисок за враќање на владеењето на правото, да ги подобриме состојбите во образованието, здравството, економијата и да чекаме кога ЕУ ќе се реформира и евроинтеграциите ќе ги темели на вистински Копенхашки, а не билатерални критериуми – советуваат дипломатите.
Бугарија става јасно до знаење дека уставните измени не се последниот услов што Македонија треба да го исполни. Во исто време Брисел продолжува да притиска за промена на Уставот како единствена можност земјава да продолжи некаков „евроинтегративен пат“, без притоа да даде некакви гаранции или, пак, да реагира на забелешките на официјална Софија дека тоа е само еден од условите што земјава ќе треба да ги исполни и повторно да не е на сигурно дека ќе зачекори на евроинтегративен пат втемелен на Копенхашките критериуми
Дали конечно македонската јавност согледа што значат барањата на Брисел, Париз, Софија…
Евроинтеграциска дупка без дно (на условувања)
Инсистирањето на гаранции од македонска страна за уставните измени се покажува и повеќе од оправдано имајќи го предвид габаритот на преговарачката рамка со Европската Унија во која се вметнати и протоколите, како и постојаното потсетување од бугарска страна дека вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав не е единствениот услов.
Официјална Софија го повтори тоа во неколку наврати, јасно ставајќи до знаење дека македонската страна била навремено предупредена дека Бугарија нема да се откаже од сите наведени точки во протоколите, а кои, меѓу другото, се однесуваат и на идентитетски и историски прашања.
– Многу е важно да се знае дека уставните измени и впишувањето на Бугарите во Уставот како државотворен народ не се единствениот услов… Ние нема ниту да промениме нешто во нашето мислење, ниту пак има нешто што ќе го отфрли т.н. европскиот консензус што беше постигнат во 2022 година – изјави Георг Георгиев, министер за надворешни работи на Бугарија.
Тој, гостувајќи на една бугарска телевизија, појасни дека откако претходната влада на Македонија го прифатила францускиот предлог, сега ЕУ е таа што стои зад консензусот и зад бугарските барања.
– Прво, не се Бугарите, туку е Брисел. Целата ЕУ стои зад тој консензус. Тоа е многу важно и е услов што треба да се повторува постојано. И второ, во тој европски консензус се и протоколите, патната карта за заедниците и малцинствата, придржувањето кон договореното за добрососедството… Сето тоа треба да биде факт. Во спротивно нема да има исполнување на европскиот консензус, нема да има исполнување на заклучоците од Советот – објаснува Георгиев.
Слични изјави во неколку наврати даде и бугарскиот претседател Румен Радев, потсетувајќи дека Македонија мора да ги исполни сите точки од протоколите и од Договорот за добрососедство и пријателство и дека земјава се обврзала на тоа кога ја прифатила преговарачката рамка со ЕУ.
И додека Бугарија става јасно до знаење дека уставните измени не се последниот услов што Македонија треба да го исполни, Брисел продолжува да притиска за промена на Уставот како единствена можност земјава да го продолжи евроинтегративниот пат, без притоа да даде некакви гаранции или, пак, да реагира на забелешките на официјална Софија дека тоа е само еден од условите што земјава ќе треба да ги исполни.
Од сегашна перспектива излегува на површина кусогледоста на поранешната македонска влада, која само за да ѝ се додвори на меѓународната заедница прифати преговарачка рамка обременета со протоколи и патокази што буквално ја туркаат земјата кон идентитетско самоуништување.