Фото: „Нова Македонија“

Во потрага по „дипломатска лансирна рампа“ за малите држави

  • Дипломатијата не се гради ад хок. Потребна е долгорочна „фабрика за кадри“ – од селекција на млади таленти, преку специјализирани обуки, до јасна поддршка за нивно кандидирање во меѓународни институции како Обединетите нации, ОБСЕ и Советот на Европа

Малите држави немаат луксуз на тишина. Во свет во кој геополитиката повторно станува арена на моќ и влијание, успехот не зависи само од територијата, населението или од БДП туку од умешноста да се позиционираш, да создаваш мрежи и да градиш влијание. Пример за тоа е Бугарија, која и покрај својата големина, успеа да изгради видливи позиции во меѓународните институции.
Името на Кристалина Георгиева денес е синоним за глобално финансиско лидерство преку Меѓународниот монетарен фонд. Бугарија имаше свои претставници и во УНЕСКО (Ирена Бокова во два мандата), а нејзините дипломати често се позиционирани во значајни европски и мултилатерални формати, како што се сега Николај Младенов на чело на Советот за Газа, или Петар Стојанов и Соломон Паси. Тука ќе ги додадеме и комесарските места во ЕУ. Доволно за да ја видиме силата на една мала земја со влијателна дипломатија.
Македонија, од друга страна, има претставници како што е Радмила Шекеринска, која е заменик-генерална секретарка на НАТО, но таа досега нема направено ниту една иницијатива за Македонија, имено, како да не е дел од македонската системска стратегија за национално позиционирање. Многумина дипломати воопшто немаат дилема дека ние имаме кадри за тоа, но тие веќе се во поодминати години, па затоа попрецизно е прашањето дали имаме континуитет во нивно натамошно создавање, поддршка и вмрежување. На пример, за потсетување, македонскиот дипломат Срѓан Керим беше претседател на Генералното собрание на ООН во 2007-2008 и од тогаш речиси ништо не се случи од тој формат, ако не го заборавиме Бујар Османи како претседавач со ОБСЕ, што беше фијаско за македонските национални интереси и за нејзиното позиционирање пред светот. Наместо дипломатски плодови, од тој негов мандат, повеќе личен отколку државен, собравме дипломатски „отровни печурки“.

Системска кадровска стратегија: фабрика за дипломати

Дипломатијата не се гради ад хок. Потребна е долгорочна „фабрика за кадри“ – од селекција на млади таленти, преку специјализирани обуки, до јасна поддршка за нивно кандидирање во меѓународни институции како Обединетите нации, ОБСЕ и Советот на Европа.
Тука клучни се т.н. привремени позиции („secondment“) – каде што државата финансира свои експерти во меѓународни тела. Тоа не е трошок, туку инвестиција во влијание. Земјите што го разбираат тоа, долгорочно ги зголемуваат својата видливост и моќ на аргумент. Тоа покажува и дека државата има проактивна позиција во надворешната политика.

Економска дипломатија: од протокол кон динамични деловни активности, СДИ, извоз и висока трговска размена

Економската дипломатија мора да стане приоритет. Укинувањето на економските промотори беше чекор назад. Денес, државите се натпреваруваат за инвестиции, пазари и технолошки партнерства. Наместо класична амбасадорска рутина, потребни се специјализирани економски аташеа, партнерства со дијаспората, стратешки настапи на саеми и бизнис-форуми, да бидат опфатени лобистички куќи во клучни престолнини. Малите држави преживуваат преку паметно економско вмрежување. Саемот во Србија (ЕКСПО 2027) е доказ зошто е тоа инсистирање од страна на северниот сосед. И тие имаат подолга традиција на дипломатијата.

Културна и идентитетска дипломатија: наративот како оружје

Во време на наративни конфликти, културата станува инструмент на влијание. Ако не ја раскажуваме сопствената приказна, некој друг ќе ја раскаже наместо нас. Потребна е стратегија за културни центри во европските метрополи, дигитална дипломатија, поддршка на преводи, високобуџетни филмови, уметност и академски конференции, постојано присуство во европски медиуми. Но и тука треба да се има национален филтер за да не испраќаме на платена функција залутани ликови. Наративот за македонскиот идентитет, историја и европска перспектива мора да биде презентиран аргументирано, академски и дипломатски, некогаш низ некои културни форми и длабоко емотивно, потресувачко.

Спортска дипломатија: меката моќ што обединува

Спортот е универзален јазик. Успесите на националните тимови создаваат позитивен имиџ што ниту една дипломатска нота не може да го постигне. Инвестирањето во спорт, меѓународни турнири и во спортско брендирање е дел од меката моќ што ја користат сите модерни држави.

Лобирање и сојузништва во ЕУ

Наместо конфронтација со посилните соседи – членки на Европска Унија – потребна е стратегија на градење сојузништва. Малите држави успеваат кога создаваат блокови на интереси: со централноевропските, со скандинавските итн. Лобирањето не е веќе табу или со негативен контекст. Тоа е легитимен инструмент на модерната политика. Професионални лобистички компании, аналитички центри и пријателски парламентарни групи во Брисел можат да ја зголемат видливоста на нашите аргументи.

Национален консензус за надворешна политика

Но ниту една дипломатска офанзива нема да успее ако внатрешно сме поделени, велат наши соговорници, дипломати од кариера.
– Потребен е минимум консензус меѓу власта и опозицијата за клучните национални позиции. Надворешната политика не смее да биде дневнополитичка алатка. Македонија нема демографска или економска тежина за да наметнува, но има интелектуален и дипломатски потенцијал да влијае. Патот кон „висока дипломатска кондиција“ бара стратегија, инвестиција и трпение. Не станува збор за блокирање на хегемонизмот со реторика, туку за создавање реална мрежа на сојузници, експерти и позиции во системот. Малите држави што ја разбираат играта не викаат гласно – тие тивко се позиционираат таму каде што се носат одлуките. Прашањето не е дали можеме. Прашањето е дали конечно ќе одлучиме веќе сериозно да почнеме да ја играме долгата игра – велат нашите соговорници. Р.Н.M; Х.И.


Боцевски: Потребен е влез на единствениот
европски пазар преку вешти дипломатски потези

Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор, Ивица Боцевски, во гостување на телевизијата Алфа ги изнесе своите ставови за евроинтеграциите на Македонија, нагласувајќи ја потребата за влез на земјава во единствениот европски пазар, како и важната улога на македонската дипломатија во овој процес.
– Нам во моментов ни е потребен влез на единствениот европски пазар. Не значи дека нема да бидеме застапени во институциите на ЕУ, само нема да имаме право на глас. Со спогодбата за стабилизација и асоцијација мораме да се усогласуваме со директивата на ЕУ, тогаш ќе бидеме внатре во единствениот пазар. Во тој случај би биле нешто како Норвешка, Исланд и Лихтенштајн, кои се дел од единствениот економски простор, но не се дел од ЕУ. Можно е додека ние стигнеме таму, Исланд да стане дел од Унијата – истакна Боцевски, додавајќи дека во тој процес треба да дојде до израз македонската дипломатија со неколку вешти потези што, пред сѐ, ќе оневозможат реализирање на чудовишните идеи што доаѓаат од другата страна на границата, мислејќи на спорот со Бугарија.
Тој нагласи дека Македонија досега не пропуштила шанса за влез во ЕУ, што често може да се слушне во јавните дебати.
– Во македонската јавност често се дебатира што македонските политичари пропуштиле, а доколку било реализирано ќе сме биле во Европа. Немало таква шанса. Македонија никогаш немала отворена врата за полноправно членство во Европската Унија. За Македонија никогаш не била донесена одлука за прием. Кога во ЕУ ќе се донесе таква одлука, ништо не може да го спречи приемот. Досега не постоел лидер на Македонија што работел против европската интеграција. Секој лидер и претседател и премиер, шансата што ја имал, ја користел до максимум – порача Боцевски. П.Р.