Токму во односот кон Македонија, изминативе години ЕУ целосно потфрли на секој план, ги погази дадените ветувања, го прекрши меѓународното право, ги погази сопствените Копенхашки критериуми… Со ваквата своја политика, особено кон Македонија, Европската Унија од демократска, прогресивна и правдољубива институција се претвори во синоним за „политики на двоен колосек“, па дури и за манипулации и измами. Тоа е веќе препознаено во земјава, во целиот регион, па и пошироко. Затоа сега, секоја нејзина нова порака предизвикуваа длабоки сомнежи и неверување кај граѓаните, не само во Македонија туку и пошироко
КРШЕЊЕТО НА МЕЃУНАРОДНОТО ПРАВО, УЦЕНИТЕ И ПРИТИСОЦИТЕ НЕ СЕ ЕВРОПСКИ НИТУ СЕ КОПЕНХАШКИ КРИТЕРИУМИ
На три дена пред почетокот на собраниската седница за уставните измени привидно како да спласна притисокот на меѓународната заедница за внесување на Бугарите во Уставот, иако од политички кругови дознаваме дека лобирањата и притисоците овој пат се пренасочени на друго нетранспарентно ниво, во стилот на таканаречената подземна или тајна дипломатија. Но самите облици на разни надворешни лобирања и притисоци, кои стануваат сѐ поинтензивни без разлика дали се јавни или тајни, го ставаат под голем сомнеж целиот процес на бараните уставни измени. Во јавноста и меѓу граѓаните се добива впечаток дека и овој пат Европската Унија и меѓународната заедница сакаат да наметнат нешто неприродно, нешто што е спротивно од волјата на мнозинството македонски граѓани и носи мноштво замки за иднината и опстојување на нацијата и државата. За аналитичарите нема сомнение дека ваквото однесување на европските емисари е во целосна спротивност со принципите на меѓународното право, а се коси и со основните постулати и вредности на кои се темели Европската Унија. Со други зборови, токму во односот кон Македонија изминативе години, ЕУ целосно потфрли на секој план, ги погази дадените ветувања, го прекрши меѓународното право, ги погази сопствените Копенхашки критериуми, така што сега секое ново нејзино барање предизвикува сомнеж и неверување кај граѓаните, не само во Македонија туку и пошироко. Со ваквата своја политика, особено кон Македонија, Европската Унија од демократска, прогресивна и правдољубива институција се претвори во манипулатор, блефер, прекршител на правото, продуцент на лажни вести или, со еден збор, антипод на самата себе. Особено во односот кон Македонија, ЕУ стана синоним за измама и тоа е веќе препознаено во целиот регион и пошироко.
Според аналитичарите, токму францускиот, или таканаречен европски предлог, во кој се вклучени сите бугарски барања и уцени, кои се антиевропски и противправни, најмногу ги разочарал и ги изневерил очекувањата на македонските граѓани.
– Дијалогот што беше препознаен како најемблематичен продукт на компромисната и мирољубива политика на Македонија, креаторите на предлогот сами го претворија во антипод на сето тоа. Затоа и во земјите во кои македонските компромисни договори требаше да станат извозен продукт и да бидат мотивација и инспирација за решавање замрзнати конфликти (во Србија, Косово, БиХ) се случи обратното.
Македонскиот пример таму беше дочекан како последно предупредување против каков било можен компромис: „Не правете компромиси. Видовте како ги зафркнаа Македонците откако го сменија името?“ Тоа беше пораката што ја исчита регионот од политиките на големите. Затоа, наместо чекор напред, довербата кон демократските икони отиде десет чекори назад.
Оттука, по 2019 година, и на европската, и на американската администрација требаше да им биде јасно дека во земја, која не по своја волја добила привремена референца и променила и знаме и име, политички неодговорно, дипломатски непристојно и човечки безобразно е повеќе да се спомнува зборот „компромис“ или синтагмата „спроведете го уште ова“ – оценува новинарката Катерина Блажевска во колумната насловена „Погрешен модел“.
Но да се потсетиме само какви сѐ пораки испраќаа европските челници изминатиот период.
Антиевропските пораки на странските емисари
Изминатите месеци, куп странски емисари ја посетија Македонија со една иста цел, убедување на јавноста и политичарите за, како што велат, неопходноста за уставни измени.
Тука беа Лоранс Бун од Франција, Ана Лирман од Германија, Шимон Шинковски вел Сенк од Полска, министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и на Словачка, министерот за надворешни работи на Шпанија, Хосе Мануел Албарез Буено, и кој ли уште не. Буквално ечеа пораки за наше (раз)убедување од Вашингтон, Париз, Брисел, Берлин… Деновиве растрчани во нова тура лобирања се уште куп дипломати, чија мисија е да креираат амбиент и да овозможат услови за евентуална нова интервенција во Уставот.
И повторно истата реторика што ја слушавме и години претходно. Сменете знаме, сменете име, сменете идентитет, сменете историја, сменете устав, ајде само уште ова итн. Но тоа не е ниту суштината на ЕУ ниту суштината на демократијата. Токму ваквиот европски приод е анти ЕУ и ги урива темелите на кои почива самата Унија.
– Замислете во Британија да отидеа европски емисари да ги разубедуваат тамошни власти и граѓани како да гласаат во однос на брегзит. Или во Франција да отидеа и да му кажат на Макрон како да го реши проблемот со внатрешните немири и жолтите елеци итн. Уставното уредување на една држава, кој треба да влезе во Уставот и на кој начин се исклучиво внатрешно прашање на една суверена и независна држава. За тоа право на одлучување имаат само македонските граѓани. Секое надворешно лобирање, мешање отстрана, давање сугестии и препораки е кршење на демократските начела и на меѓународното право. Патем тоа е и крајно безобразно и потценувачки – коментираат граѓаните со доза револт од ваквиот однос на меѓународната заедница кон Македонија.
Пет највидливи крајности од кои ЕУ треба да се засрами
Мешањето и упадите однадвор во македонските работи и нашата внатрешна политика се многу, но сепак во продолжение издвојуваме пет најкарактеристични примери и крајности од кои ЕУ треба да се засрами.
Највисоките челници на Европската Унија (меѓу кои државни канцелари, министри, претседатели на држави) пред пет години изјавија дека Преспанскиот договор и промената на името на државата широко ќе ги отворат вратите на Македонија во ЕУ. Дека, наводно, тоа е последниот услов за нашата евроинтеграција.
Се покажа дека ова е најголемата лажна вест продуцирана и дистрибуирана директно од кујната на ЕУ. Никој досега не понесе одговорност во ЕУ за оваа огромна измама кон нашата држава. Македонија практично жртвуваше сѐ, а не доби ништо.
Следната противречност со која се кршат принципите на меѓународното право се однесува токму на предложените уставни измени и мешањето термини и поими во преамбулата на Уставот. Сето ова добро го знаат европските емисари, кои никогаш не би направиле нешто слично во нивните устави, но без срам и перде тие го бараат тоа од нас.
– Формулацијата на преамбулата е правно збунувачка и политички конфузна. Во иста реченица се споменуваат граѓаните на земјата, преку кои се истакнува граѓанскиот карактер на Уставот, од една страна, и македонскиот народ, дел од албанскиот народ и другите народи, од друга страна, преку кои се истакнува националниот карактер на Уставот, создавајќи уште на самиот почеток во Уставот целосна забуна со мешање термини и поими, кои не се употребуваат во меѓународното право – смета професорката Тања Каракамишева,
И според професорката Мирјана Најчевска, „вметнувањето на Бугарите во преамбулата на Уставот воопшто не е техничка работа, туку станува збор за суштинска промена што го отсликува минатото на државата врз кое, пак, се темели нејзината иднина.
-Внесувањето на Бугарите во Уставот е гаранција дека ќе започне процес на агресивна асимилаторска политика на Бугарија кон Македонија – вели Најчевска.
Со предложените уставни измени, во сегашна форма, се менува и карактерот на државата, што понатаму ќе има фатални последици врз македонскиот национален идентитет, односно се прави обид за постепена деноминација на македонскиот народ како носечки конститутивен и државотворен елемент на македонската држава, велат правниците.
Понатаму. Целокупната своја досегашна политика кон Македонија, Европската Унија ја базираше на методите на притисок и уцена. Таквиот нејзин пристап е целосно недемократски и крајно потценувачки. Заканите и уцените не се никаква европска вредност и тоа го знаат сите во Брисел, но продолжуваат и понатаму со истата политика.
Тоа евидентно се одразува преку сѐ поголемиот евроскептицизам и недоверба во ЕУ кај македонските граѓани. Така, анализата на Институтот за демократија и фондацијата „Конрад Аденауер“ за македонскиот процес на пристапување кон ЕУ покажува дека евроскептицизмот во државата расте, а дури 80 проценти од етничките Македонци се противат на уставните измени.
Следна видлива крајност и противречност е кршењето на Копенхашките критериуми како единствен меродавен критериум за евроинтеграција. Токму ЕУ во односот кон Македонија грубо ги крши критериумите што самата ги има воспоставено и кои претходно важеле за другите земји. Под Копенхашки критериуми спаѓаат демократијата и владеењето на правото, стабилноста на институциите, заштитата на човековите права и правата на малцинствата, како и постоењето функционална пазарна економија. Сите овие услови Македонија одамна ги има исполнето. Но на Македонија сега ѝ се наметнуваат редица нови билатерални прашања, промена на историјата, промена на учебниците и уште куп други услови, кои немаат никаква врска со Копенхашките критериуми.
И конечно како највидлива крајност и противречност што ЕУ ја тренира сиве изминати години, токму врз Македонија, е внатрешното прекршување на низа европски и светски правни начела, правила и кодекси, меѓу кои спаѓа и правото за самоизјаснување и самоидентификување познато како јус когенс. Токму принципот јус когенс е општо прифатена европска и светска норма, која подразбира право на самоопределување и интегритет, право на правна и суверена еднаквост, право на државен и територијален суверенитет и интегритет, право на политичка назависност, право на немешање во строга внатрешна надлежност, право на недерогирање на елементите од правниот субјективитет итн. Но сите овие права, норми и начела, дефинирани со јус когенс, ЕУ грубо ги прекрши во однос на Македонија, преку уцените и мешањето во нашите внатрешни работи, кршењето на правото за самоопределување, дерогирањето на политичката независност, кршењето на правото на суверена еднаквост итн.
И по сето ова може ли да му се верува на ваквиот Брисел?