Загриженоста за загадувањето ја натера ЕУ да ја намали финансиската поддршка за постројки за претворање отпад во енергија и да воведе политички обврски наменети да ги насочат земјите од ЕУ кон рециклирање. Тоа значително го намали износот на јавни средства наменети за согорување отпад во споредба со поголемите суми наменети за позелени проекти, како што се постројките за рециклирање
Повод: Добивање енергија со согорување на сметот
Потребата за евтина енергија се претвори во глобална потрага по сѐ што може да значи компонента при производството на енергија, па во таа насока фокусот беше свртен и кон сметот како можност да се постигне таквата цел.
Всушност, намерата беше да се поентира двојно, прво големите градови ефикасно да се решаваат од сметот без да се градат огромни депонии, кои никој не ги сака во своја близина, а втората клучна цел беше да се обезбеди енергија преку согорување на градското ѓубре.
Европските искуства и планови беа разгледувани и во Македонија, каде што и ден-денес постои сериозен проблем со правилното фрлање на отпадот, немањето доволно депонии според највисоки стандарди, постоењето на диви депонии каде што се пали сѐ и сешто.
Поради тие причини на проектот за согорување на сметот и добивање енергија од овој процес се гледаше во извесна смисла како на добро решение, но најновите податоци од Европа покажуваат дека горењето на отпадот можеби и не е толку добра идеја.
Големиот европски експеримент со согорување ѓубре станува хронична главоболка
Секоја година дури 200.000 метрички тони отпад од цела северозападна Шпанија се транспортираат со камиони до пречистителната станица „Гипускоа“, лоцирана на периферијата на малото баскиско село Зубиета. Таму сметот се сортира и се внесува во џиновски инсинератор, генерирајќи доволно електрична енергија за напојување 45.000 дома.
Фабриката „Гипускоа“ требаше да биде еколошка алтернатива на депонијата, но тоа очигледно се враќа како бумеранг. Имено, месното население ги обвини сопствениците на фабриката и регионалната влада за кршење на законите за животна средина на Европската Унија и испуштање опасни нивоа на загадување во околните води, воздух и почва. Тоа дури и предизвика кривична постапка.
„Гипускоа“ не е единствен случај. Низ цела Европа стотици постројки за претворање отпад во енергија никнаа како печурки во текот на годините, изградени врз ветувањето дека согорувањето на ѓубрето за производство на електрична енергија е подобро за животната средина отколку неговото закопување во депонија.
Но студиите сè повеќе откриваат дека загадувањето генерирано од овие постројки, исто така, им штети на животната средина и на здравјето на луѓето. Во меѓувреме ЕУ масовно го намали финансирањето за вакви проекти, додека општините сè уште го враќаат долгот што го натрупале за да ги финансираат.
Во најдобар случај, според критичарите, постројките за претворање на отпадот во енергија ризикуваат да станат непопуларни остатоци од погрешна политика за отпад. Во најлош случај, постојните постројки финансирани од долгови би можеле да станат „заглавени средства“, кои се борат да најдат доволно ѓубре за согорување за да се осигурат дека остануваат комерцијално одржливи.
Самата „Гипускоа“ беше финансирана со обврзници во вредност од 80 милиони евра, чиј датум на отплата е 2047 година. Фабриката, со други зборови, треба да продолжи да работи уште две децении – без оглед на еколошките трошоци.
Белаустеги Куеста се жали дека инсинераторот сега увезува „остатоци што не се ни остатоци од домаќинствата“ за да се прехрани, пишува бриселски „Политико“.
Мнозинскиот акционер во фабриката „Гипускоа“, францускиот инвестициски фонд „Меридијам“, не ги коментираше наводите на „Политико“.
Проблемот со отпадот во Европа
Во моментот на територијата на ЕУ работат околу 500 постројки за претворање отпад во енергија и согоруваат околу една четвртина од секојдневниот отпад во Европа, покажуваат податоците на лоби-групата за претворање отпад во енергија ЦЕВЕП.
Операторите на постројките и нивните инвеститори велат дека овие печки се неопходни ако Европа сака да ја исполни својата цел да испраќа помалку од 10 проценти од отпадот од домаќинствата на депонии до 2035 година.
Според податоците на „Евростат“, во 2022 година Европејците генерирале приближно 190 милиони метрички тони отпад од домаќинствата.
И покрај тоа што рециклира околу 40 проценти – повеќе од кој било друг регион – ЕУ сè уште закопува голем дел од своето ѓубре. Повеќе од 50 милиони метрички тони комунален отпад беа испратени на депонии во ЕУ во 2023 година, доволно за да се покрие центарот на Париз со куп ѓубре во висина од 20 метри.
Претворањето отпад во енергија се смета за малку почиста алтернатива: околу 58 милиони метрички тони беа согорени во 2023 година, од кои речиси сите беа искористени за производство на енергија, покажуваат податоците на ЕУ. Законите на ЕУ за отпад бараат од компаниите да им дадат приоритет на повторната употреба и рециклирањето пред согорувањето и депонирањето на отпадот.
– Главната цел на постројката за претворање на отпадот во енергија не е да произведува енергија; нејзината примарна цел е да управува со отпад што не може да се рециклира – објасни Патрик Дорвил, виш економист во одделот за кружна економија на Европската инвестициска банка.
Сепак, придобивките од производството на енергија често се она што лобито за претворање на отпадот во енергија го рекламира кога ја промовира технологијата.
– Со една недела преостанат отпад од вашето домаќинство, имате доволно топлина за да го загреете вашиот дом најмалку осум часа – пишува ЦЕВЕП во својата брошура за 2025 година.
Лобито исто така тврди дека околу 10 проценти од централното греење во Европа доаѓа од енергијата произведена со согорување отпад и дека технологијата придонесува за производство на обновлива енергија и пренасочување на депониите. С.Т.
(продолжува)