Редакциска опсервација
- Во услови на нестабилни меѓународни енергетски пазари, домашното производство и рационалното управување со ресурсите стануваат клучен инструмент за енергетска сувереност
Изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека електроенергетскиот систем е стабилен отвора пошироко прашање: за перспективноста и одржливоста на оваа стабилност и како таа долгорочно да се постигнува. Зашто таа е клучот не само на енергетската туку и на националната стопанска стабилност. Во услови на нестабилни меѓународни енергетски пазари, домашното производство и рационалното управување со ресурсите стануваат клучен инструмент не само за енергетска сигурност туку и за макроекономска стабилност.Домашното производство како столб на сигурноста
Функционирањето на блоковите 1 и 3 во РЕК „Битола“ повторно ја потврдува централната улога на јагленот во македонскиот енергетски микс. Со околу 80 илјади тони јаглен во Битола и дополнителни 160 илјади во Кичево, системот располага со солидна краткорочна база за производство.
Оваа „домашна базична енергија“ има неколку клучни предности. Прво, независност од увозни ценовни шокови, второ, предвидливост во производството, трето, можност за брза реакција во кризна состојба… итн. Сепак, зависноста од јаглен носи и ограничувања, особено во контекст на еколошките стандарди и долгорочната енергетска транзиција, но и тие предизвици се решливи, за што подетално пишувавме пред некој ден.Хидроакумулациите веродостоен стабилизатор
Со околу 40 отсто исполнетост на акумулациите, хидроенергијата претставува важен бафер во системот. Иако ова ниво е доволно за околу еден месец производство во екстремни услови, тоа истовремено сигнализира дека хидролошките фактори остануваат предмет на сериозен пристап за менаџирање со тие ресурси. Во вакви услови, комбинирањето на термо и хидроресурси е клучно за балансирање на дневните осцилации, за намалување на потребата од скап увоз и за одржување на стабилноста на мрежата.
Мазутот како кризна алатка, не како стратегија
Најавената интервенција со 2.000 тони мазут ја покажува подготвеноста на Владата да интервенира директно во системот преку ЕСМ. Причината лежи во ценовните политики на Регулаторна комисија за енергетика, кои директно влијаат врз трошоците на производство.
Мазутот, иако поскап и еколошки неповолен, има важна улога како резервен извор во критични моменти, како средство за стабилизирање на пазарот, како механизам за спречување ценовни шокови…
Но, долгорочно, неговата употреба не може да биде одржлива стратегија, туку само привремена интервенција. Сепак, интервенцијата е во функција на граѓаните.Енергијата и инфлацијата: тесна врска
Контролата на цената на електричната енергија е директно поврзана со инфлацијата. Секое зголемување на трошоците за струја ги зголемува производствените трошоци на компаниите, се прелева во цените на основните производи, го намалува животниот стандард на граѓаните…
Оттука, интервенциите во енергетскиот сектор не се само технички туку и економски мерки со широка општествена импликација.Консолидација и краткорочна стабилност
Според Владата, состојбата е стабилизирана благодарение на подобрената хидролошка состојба, консолидацијата на рудниците и на зголеменото домашно производство. Оваа комбинација создава краткорочна сигурност, но истовремено го отвора прашањето за долгорочната стратегија: како да се одржи стабилноста без постојани интервенции.
Диверзификација и ефикасност
За да се избегне влез во инфлаторна спирала и нови енергетски шокови, Македонија ќе мора да се фокусира на диверзификација на енергетските извори, инвестиции во други извори на електрична енергија, па и на модули на мали нуклеарни централи, на зголемување на енергетската ефикасност и на подобро управување со резервите.
Тековната стабилност на електроенергетскиот систем е резултат на внимателен баланс меѓу домашното производство, резервите и државните интервенции. Но оваа стабилност е интервентна и треба да се надгради со структурни реформи.
– Домашната базична енергија останува клучен амортизер на кризата, но иднината ќе зависи од способноста системот да се адаптира кон новите економски и енергетски реалности. Западните развиени земји веќе бескомпромисно го прават тоа, затоа што националното стопанство и благосостојбата на нивните граѓани им се на прво место. Зошто Македонија би постапувала различно? Поради уцените на Брисел за евроинтеграција? Тоа е нонсенс. Барањата од либералните бриселски елити и по оваа основа веќе стануваат дегутантни – посочуваат наши енергетски експерти.
































