Тоа што десетици законски предлози и предлози за кадровски решенија, битни за непречено функционирање на системот и на секојдневниот живот на граѓаните, во моментов чекаат да бидат разгледани и усвоени додека опозицијата и власта меѓусебно си ја префрлаат одговорноста за застојот, не е изолиран случај или резултат на моменталната ситуација предизвикана од војната во Европа, пандемијата на коронавирусот или на некој трет „надворешен“ фактор, туку константа на македонската парламентарна демократија, немоќна да го оправда своето постоење дури ни со многубројните, повеќе или помалку ефикасни, посредства на внатрешните и на надворешните фактори
ПО КОНСТАНТНИТЕ БЛОКАДИ НА ЗАКОНОДАВНИОТ ДОМ
Илузијата дека со изгласувањето на Декларација за осуда на воените напади што ги загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина со 104 гласа „за“, три „против“ и еден „воздржан“, блокадата на Собранието е надмината, во најдобар случај, ќе потрае до наредната пленарна или комисиска седница. Во меѓувреме, десетици законски предлози и предлози за кадровски решенија, битни за непречено функционирање на системот и на секојдневниот живот на граѓаните, чекаат да бидат разгледани и усвоени додека опозицијата и власта меѓусебно си ја префрлаат одговорноста за застојот. Но тоа, за жал, не е моментална или изолирана ситуација предизвикана од војната во Европа, пандемијата на коронавирусот или на некој трет „надворешен“ фактор, туку константа на македонската парламентарна демократија, немоќна да го оправда своето постоење дури ни со многубројните, повеќе или помалку ефикасни, посредства на внатрешните и на надворешните фактори.
Добро контролираниот механизам за следење на партиските директиви
Бескрајниот серијал на меѓусебни блокади и подметнувања не заврши ниту во ситуацијата на вкрстување на досега најголемата и најкомплексна планетарна криза предизвикана од пандемијата и на еден од најсложените безбедносни предизвици во историјата, со кој, поради проблемот околу Украина, во моментов, се соочуваат Европа и светот.
А и двата фактора, исто како и многу други што, иако неспоменати сепак се присутни, наметнуваат потреба од брзи и ефикасни решенија заради приспособување на животот во Македонија кон актуелните состојби и процеси, за што, барем според општиот впечаток, освен во протоколарниот дел, Собранието не покажува дека е на висината на задачата. Неговата законодавна функција со, според неподелените мислења, навистина ретки исклучоци, се сведува на, од партиските центри, добро контролираниот механизам за гласање дури и во случаите кога, најчесто само формално, како потписници на законодавните иницијативи се јавуваат самите пратеници.
Поделбите се структурни и опстојуваат со години
На димензиите и на некои од последиците на проблемот неодамна укажа и самиот претседател на државата, Стево Пендаровски.
– Поделбите помеѓу политичките партии, а, за жал, и меѓу граѓаните, стануваат сѐ подлабоки и тој јаз не може да се надмине со едно обраќање повеќе во Собранието или на таканаречени лидерски средби. Да беше можно досега ќе имав обраќања секоја недела во законодавниот дом. Иако причините за поделбите се структурни и опстојуваат долги години, тензиите драстично пораснаа кон крајот на минатата година по неуспешниот обид за формирање ново парламентарно мнозинство и ескалираа, практично, во блокада на парламентот, кој со месеци не може да го комплетира составот, на пример, на една од најзначајните институции во секоја држава – Уставниот суд. Потребно е многу повисоко ниво на политичка култура, одговорност и толерантност на политичките лидери едни кон други, затоа што ако ние се однесуваме на таков начин, граѓаните нема да се однесуваат многу поразлично – изјави Пендаровски.
Трпат и економијата и граѓаните
Претходно, во текот на изминатата година, меѓу другите, и невладината „Фајнанс тинк“ укажуваше на тоа дека блокадите на работата на Собранието се ризик што носи сериозни последици врз економијата.
– Во таа смисла, задоцнетата реализација или нереализацијата на економските мерки за справување со последиците од корона-кризата носи висок ризик од дополнително забавување на економската активност, што ќе се рефлектира врз остварување раст значајно понизок од проектираниот – предупредија од „Фајнанс тинк“.
Кај граѓаните на Македонија, пак, меѓу сите други, сѐ уште е присутна фрустрацијата, а во одредени случаи и материјални штети, од минатогодишниот неколкумесечен застој во издавањето на личните документи поради тоа што Собранието не можеше да ги изгласа законските измени за усогласување со новото име на државата.
Европското знаменце како оправдување
Наспроти тоа, во исто време, благодарејќи и на моќта на парламентарното мнозинство, во законодавниот дом со восхитувачка брзина се донесуваа законите од „особен интерес“ за претставниците на власта. Доволно беше само да им се стави европското знаменце на што, во редовните годишни извештаи реагираат и од Европската комисија, а евроамбасадорот Дејвид Гир и ги предупреди пратениците да не ги злоупотребуваат скратената постапка и европското знаменце во предлагањето на законите.
– Собранието мора да биде функционално, блокадите да се надминат, а власта и опозицијата повеќе да соработуваат – порача тој, потенцирајќи да не се злоупотребува европското знаменце и да има помала употреба на закони по скратена постапка.
Неинвентивните законодавци
Но за каков и колкав потенцијал на луѓето што народот ги избира за свои пратеници во законодавниот дом може да се зборува покажува фактот што јавноста, освен на иницијативата за спроведување лустрација што ја поведе и истурка некогашниот претседател на Собранието и лидер на Либералната партија, Стојан Андов, не се сеќава дека некој од пратениците предложил и за тоа успеал да издејствува општа согласност, за некое од своите решенија.
За разлика од западните земји, каде што избраните претставници на граѓаните навистина се ангажираат во решавањето на системските и на секојдневните проблеми на луѓето, во Македонија тие, за каква било активност или реакција, чекаат партиска директива.
И МАНУ ќе се обиде да ги лоцира причините за блокадите
А што се однесува до постојната уставна и законска основа за какви било корекции во таа насока, од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) оценуваат дека претходно ќе треба да се мапираат подлабоките системски слабости.
– Во делот на институциите честопати наидувавме на голем број уставни празнини или недоречености. Да ги спомнам само уставните одредби што се однесуваа на конституирањето на Собранието, кои малку поради нејаснотијата на уставните одредби, повеќе поради лошото толкување, предизвикаат блокади на Собранието. Според тоа, тоа прашање ќе биде отворено, а ние, како академија, како центар за стратегиски истражувања, оваа година планираме една серија расправи со сите овие научни кругови, со колегите од Уставниот суд, со колегите од судовите, за уставни промени, а можеби и за ревизија на целиот устав од почеток – најави неодамна академикот Владо Камбовски.
Календар на активности за поквалитетна и поаргументирана дебата
Конечно, како што посочуваат некои невладини организации, кои, меѓу другото, ја следат и активноста на Собранието, потребно е и воведување на подолгорочен календар на активности и на седници за законодавците, по примерот на парламентите на западноевропски земји. Преку календарот на седници и на други активности, како што објаснуваат, ќе се овозможи предвидливост на работата на Собранието, како и повеќе време за пратениците да се подготват за точките од дневниот ред.
– Со времето на располагање и поголемата предвидливост, пратениците ќе можат навремено да се информираат околу предлог-законите, измените и дополнувања на закони, извештаи на регулаторни и независни тела и други акти во Собранието. Предвидливоста на седниците ќе придонесе за поквалитетна и аргументирана дискусија – потенцираа од институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје, кој го истражува развојот на доброто управување, владеењето на правото и европските интеграции, а од 2014 година ги следи и квалитетот на дебатата во Собранието и медиумското известување за работата на Собранието.
(Не)споивоста на отворените листи со една изборна единица
Едно од решенијата за надминување на тој проблем што, засега, се нуди, се отворените листи, за кои, во услови на големиот број предлози за корекции на изборниот систем, допрва треба да се решава. Во таков случај, гласачите би имале можност да препознаат и избираат компетентни политичари, кои во досегашната работа покажале вештини и знаења во одредени области, а не да се гласа за партијата, при што би било логично дека кандидатите повеќе би се занимавале со гласачите, а не со партискиот лидер.
– Отворените листи се неоспорно демократска придобивка, но ако тие промени се воведат неподготвени, можат да го демолираат процесот на гласање. Отворени листи значат дека гласачите ќе можат не само да гласаат за листата на одбраната партија туку и внатре во листата да посочат кои пратеници им се фаворити. На тој начин, листата по гласањето се прераспределува така што пратениците со најголем број индивидуални гласови влегуваат први во Собранието. На тој начин, гласачите ги избираат омилените политичари, а не партијата, па логично е дека кандидатите повеќе би се занимавале со гласачите, а не со партискиот лидер, што за нашата ситуација е многу добро. Проблемот е што ако паралелно се воведат и една изборна единица и отворени листи, гласачкото ливче ќе биде ноќна мора за гласачите: сите кандидати (120) на едно изборно ливче, под секоја партија, каде што гласачите треба не само да ја одберат партијата туку и да назначат кои од понудените 120 пратеници им се фаворити, што може да направи за едно ливче на просечен гласач да му требаат по десет минути поради што автоматски гласањето не може да се спроведе – објасни во една од неговите последни колумни политичкиот аналитичар Петар Арсовски. Д.М.М.