Според консултираните професори, „има уште еден исклучително важен момент од гледна точка на Република Македонија: Мултиполарноста и мултиполарниот свет не се само распределба на економските богатства туку и зголемени барања за суверенитет и идентитет“!
Исчекор во мултиполарниот свет и развивањето на мултиинтеграцијата како потреба на Македонија (2)
Република Македонија е дел од европскиот континент и бесмислено е и неможно да го одбегнува, градејќи релации, позиции и политика само кон региони и меридијани подалеку и надвор од Европа. Во таа смисла, за Македонија не треба да се толкува дека гради политики на евроскептицизам, дека одбегнува асоцијативни сојузи со ЕУ. Можеби се создава впечаток на разочарување и перцепција кај граѓаните на државава дека расте незадоволството од односот на Унијата, но причината секако тежишно треба да се бара во Брисел. И тоа не една причина, туку многу повеќе акумулирани една врз друга: и тоа од морално-етички, па сѐ до тешки политички недоследности и политики на ЕУ на два колосека, како и правни прекршувања на меѓународното право и фундаменталните принципи на кои се темели ЕУ.
Наместо папагалскиот рефрен „нема алтернатива за евроинтеграцијата“, ќе треба и ќе мора во сѐ поголема мера да се развива како реална политичко-економска алтернатива директната политичка и економска соработка со државите од европскиот континент, минус дезавуирачкиот идентитетски пристап на Брисел, кој ѝ го наметна на Македонија.
Милитаризирањето на Унијата уште еден аргумент плус зошто паѓа рејтингот на Брисел
Вака како што Брисел ги менаџира предизвиците од надворешната и безбедносна политика на ЕУ, аналитичарите издвојуваат перцепции што идентификуваат силен впечаток дека всушност „ЕУ станува извор на опасност“, од кој Македонија треба да се заштити.
– Извор на опасност, а не „рајска евроградина“! Зошто? Затоа што ЕУ започнува да се милитаризира, да се подготвува за војна или, пак, за продолжување на војната во Украина, ќе издвои 800 милијарди евра за военоодбранбени цели во следните четири години… Наместо за подобрување на животот на своите европски граѓани, ќе троши за купување оружје и за создавање европска армија! Токму тука се појавува и јазолот за нашата земја. Зошто барабар со високоразвиените западни земји урнисаната Македонија економски и финансиски слепо да ја следи новата „заедничка надворешна и безбедносна политика“ на ЕУ, па да купува ново оружје и да се подготвува за судир со Русија, наместо да збира сила да влезе во нова реформска политика во стопанството, енергетиката, да обезбеди евтини пари за инвестиции, за отворање нови работни места? Сега е на повидок голема шанса да почне да закрепнува и да го крева своето БДП, да ги реформира образовниот и здравствениот систем? А пред сѐ системски да се ресетира дијагностицирајќи ги сите пропусти на институциите што во сите пори на општеството создале порозна и заробена држава… – во разговор за „Нова Македонија“ истакнуваат неколку наши соговорници.
Интересни размислувања за „поврзаноста на концептот за мултиполарноста од една страна и суверенитетот и идентитетот од друга страна“
Според консултираните професори, има уште еден исклучително важен момент од гледна точка на Република Македонија. Тие истакнуваат дека „мултиполарноста и мултиполарниот свет не се само распределба на економските богатства туку и зголемени барања за суверенитет и идентитет“!
– Овој став го има изнесено токму Жозеп Борел, досегашниот висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на Европската комисија, во својата авторска статија со наслов „Мултиполарност без мултилатерализам“, објавена на официјалната страница на ЕУ, „Европска Унија – надворешна акција“ на 24 септември 2023 година! – истакнуваат соговорниците и додаваат еден интересен факт, дека „на три месеци пред да биде заменет на споменатата еврокомесарска позиција од Каја Калас, лично Борел ќе признае во својата авторска статија дека „веќе живееме во свет што е сѐ повеќе и повеќе мултиполарен“ и во своевидна паника, проткаена со лицемерна европска „загриженост“ тој ќе истакне:
„Во Латинска Америка, во Африка, на Блискиот Исток и Северна Африка, во Азија, речиси сите сега мислат дека постојат веродостојни алтернативи на Западот, не само економски, туку и технолошки, воени и идеолошки… Земјите бараат алтернативи на западниот модел како што моментно се случува во различни земји во Африка. Овие земји се подготвени да соработуваат со тој играч што е способен да ги замени старите играчи… Имаме во исто време сè повеќе влијателни играчи и сè повеќе глобални предизвици… Повеќе не постои коалиција на доминантни сили способни да наметнат глобален поредок. Ако ние (Западот) се откажеме од глобалниот колективен капацитет да поставуваме правила, секој ќе прави што може или како што сака!“.
Во новата мултиполарна ера, суверените држави на кои дотогаш им бил загрозен идентитетот пожестоко ќе побараат – враќање во поранешната состојба!
Консултираните професори издвојуваат за Борел, кој повеќепати повикуваше дека „очекува национално единство за уставните измени“ (иако во негово време упорно се суспендираше македонскиот национален и јазичен идентитет), дека „пред крајот на неговата европска кариера му текна дека суверените држави си го бараат и својот идентитет во мултиполарната ера“?!
– Зарем претходно не беше свесен дека го гази и го негира идентитетот на македонскиот народ – однесување што го пројавуваат и сегашните челници на ЕУ – истакнуваат нашите соговорници.
Затоа, на Македонија, според искажувањата на искусните професори, во овој период ќе ѝ биде потребно и доволно само економско и политичко партнерство со ЕУ и никакви дополнителни инсистирања да се динамизира процесот на евроинтеграции, а најмалку со политички преференции, како што тоа беше за Бугарија. Тоа ќе биде целосно понижување за Македонија – тврдат тие.
Интересно, искусните соговорници се уверени дека „тројниот геополитички танц“ на Република Македонија со трите светски сили е можен, реален и потребен.
Свето Тоевски