Фото: „Нова Македонија“

Повод: Јавно омаловажување и потценување на својата држава од страна на поранешни носители на највисоки државни функции

  • Деновиве на една од националните телевизии бевме сведоци на вербални искажувања и ставови на адреса на нашата татковина – Македонија, елаборирани од поранешен највисок македонски државен функционер, по кои многу од нас се почувствуваа поразени, длабоко разочарани, изневерени. Но, од друга страна, и освестени. Кога некој што имал таква висока позиција што отвора и висока перспектива за опсервација за настани и личности поврзани за Македонија ќе искаже такви потценувачки ставови за сопствената држава, тогаш тоа е аларм од највисок степен за сите општествени чинители
  • Обидувајќи се да најдат соодветно толкување и образложение за стравотно дефетистичките ставови на експретседателот на Македонија, кој веројатно имаше и своја цел, нашите соговорници, професори што имаат искуство со овој политичко-социолошки феномен, познат и во науката, ги образложуваат со – смирувачки тонови. Имено, тие зборуваат за „примери од класиката“ за она што се нарекува во политичките науки „какистократија“: владеење и поведенија на најнеспособните и најнекомпетентни можни „државници“ и политичари властодржци. Какистократијата (од старогрчки – κακιστος „најлош“) е систем на власта со кој управуваат/управувале најлошите, најмалку квалификувани или најбескрупулозни граѓани… Но со која цел?

Многу е невообичаено, во најмала рака непатриотски, неумесно, нефер… кога поранешни носители на највисоката власт во македонската држава јавно ја омаловажуваат својата држава и активно ги слабеат државните позиции на сите полиња. Додека легитимно избраната власт се обидува, на свој начин, со неидентичен приод како доскорешниот, употребувајќи други форми и алатки, да изгради динамична позиција за својата држава и нација, која ќе значи благосостојба, раст и развој, некој доскорешен носител на високи државни функции, до скоро високо етаблиран поради својството што го носи, прави удар што ќе предизвика стравотна ерозија на државата, институциите и на нацијата.

Етикети за Македонија со омаловажувачки и потценувачки контекст

Поранешниот претседател Стево Пендаровски во интервјуто за ТВ Сител рече дека „секој кој ја води македонската држава мора да знае дека како мала држава на Балканот без ресурси, не личело ниту пак било национален интерес да стоиме до Америка“. (?!)
Тој исто така се искажа дека „ние (Македонците, Македонија н.з.) кај трансакционен претседател имаме многу малку да понудиме“, алудирајќи на претседателот на САД, Трамп, ставајќи му недолична квалификација со експлицитни белези на навреда кон личноста… Пендаровски кажа и дека „не може држава со 1,8 милиони луѓе да биде коспонзор на Резолуција во ООН, барабар со Америка“ (!?)…
Повеќе консултирани професори, наши соговорници, во земјава, регионов, соговорник од скандинавските земји, како соговорник, професор во САД, веднаш идентификуваа „невообичаеност, неумешност во изразот“, а некои и „несреќна изјава“, која повеќе „зборува за личноста која ги искажала тие ставови“.
Професори и експерти по меѓународно право зборуваат и за „аналфабетизам и тотално непознавање на меѓународноправната материја“ што не смеел да си ја допушти форматот на таква личност, освен ако тоа не е смислена провокација за продолжување и продлабочување на несогласувањата по повеќе прашања во македонското ткиво.

Македонија „врие“ од неискористени ресурси

– Ниту е Македонија мала држава, ниту е без ресурси, како што тврди Пендаровски. Велејќи вака, тој покажува аспирации за ревизија на историјата, незнаења и за географијата на својата татковина. Поранешниот претседател би морал да знае, или да има чуено макар од други, дека низ илјадалетијата и низ вековите Македонија била „Копчата на светот“ – „Catena mundi“, оти поради својата географска положба била и е крстосница меѓу Истокот и Западот. Дека Македонија е земја, која со својата Вардарска Долина е од исклучително значење за енергетиката не само за Балканот туку и за цела Европа – велат нашите соговорници, помалку и навредени од констатациите на поранешниот македонски претседател.
– Нема Македонија ресурси, како што е убеден Стево Пендаровски? Не е точно, Што е, на пример, со лорандитот, кој го има во рудникот „Алшар“, на планината Кожув? Само во Македонија и никаде на друго место во светот, тој природен минерал, што ги препознава реакциите, кои доаѓаат директно од јадрото на сонцето? Чул ли Пендаровски за лорандитот дека е природен геохемиски детектор на најситните честички на сонцето – неутрината, што значи дека единствено тој во експериментите во светските лаборатории може да ги препознае силината и моќта на реакциите на сонцето?
Имал ли можност Стево Пендаровски да дознае дека уште во раните 80-ти години од минатиот век американскиот астрофизичар Мелвин Фридман бил заинтересиран за минералите од „Алшар“, особено за лорандитот, со цел да ги користи минералите на талиумот од „Алшар“ како детектори за неутрина, кои потекнуваат од Сонцето? Во 1978 година бил одржан и таен состанок на Владата на тогашна СФРЈ, за да се разговара за тоа дали рудникот „Алшар“ треба да ѝ се отстапи на американската вселенска агенција НАСА за истражување, заради користење на лорандитот за вселенски цели, вели еден геолог, научник и истражувач, поттикнат од неодамнешните пишувања токму во „Нова Македонија“.
– Треба ли, според „визиите“ на Пендаровски, Македонија да се забие во некое безначајно ќоше на периферијата на Балканот и Европа и да чека како сираче некој друг да се погрижи за судбината нејзина и на сите нејзини граѓани или е многу подобро нејзиното државно-политичко раководство да се растрча низ светските метрополи и геополитички центри, со цел да се води самостојна и проактивна политика? Што и се прави овие денови и месеци?
Пендаровски е „загрижен за политиките на новиот американски претседател Трамп, но особено за ставот што го зазеде македонската влада“ и тој убедува дека „давање изјави од типот новото нормално ќе го преплави светот е гол аматеризам во политиката“. На овој начин Пендаровски само потврдува дека, всушност, тој самиот бил залутан во домашната македонска политика и во меѓународната политика, експлицитни се нашите соговорници.

Феноменот „какистократија“

Како претседател на Република Македонија, поточно на „С. Македонија“, Стево Пендаровски беше класичен пример на она што се нарекува во политичките науки „какистократија“ (најнеспособните и најлоши можни „државници“ и политичари властодржци што добиле можност да практикуваат власт), велат нашите соговорници, политиколози и социолози. Какистократијата (од старогрчки – κακιστος „најлош“) е систем на власта со кој управуваат најмалку компетентните или најбескрупулозни граѓани. Со своето додворување кон меѓународните центри на политичката моќ, со претседателствувањето целосно спротивно на автентичните македонски државно-национални интереси и сосема во согласност со интересите на „добрите соседи“ таквите носители на власта покажуваат тотално какистократски модел, велат соговорниците, потсетувајќи на неговата изјава дека „македонскиот народ е стока“, како и на изјавата дека „јас кога не би бил претседател и јас би се селел од Македонија“…
Соговорниците по малку резигнирано, но длабоко разочарани за своите претходни поодамнешни избори за претставници на власта тврдат дека „политичката изборна зрелост кај нашите граѓани зрее и на ваков начин“.
– Нам ни е само чудно што тој сѐ уште не се иселил од ова „мала држава“ како што најави дека ќе направи, кога нема да биде претседател. Или можеби не е чудно што е сѐ уште во Македонија бидејќи му стасува огромната доживотна претседателска пензија.
Ако сѐ уште не се решил какистократот поранешен претседател да се исели од оваа за него „безначајна македонска држава“, тогаш може барем да се „исели“, да го снема од јавниот и политичкиот живот, да замолчи и да престане да ја урива позицијата на Македонија, да пројави барем ронка човечки и македонски морал, на тој начин што нема, на радост на други, да ја омаловажува државата, која ќе го плаќа прескапо како политички пензионер – остри се нашите соговорници, искажувајќи го своето мислење со сета своја патриотска жестина.

Свето Тоевски