Германскиот канцелар Фридрих Мерц во понеделникот објави дека Германија, заедно со Франција, Велика Британија и со САД, ги укинала ограничувањата за дострелот на оружјето што се испраќа во Украина, за да се помогне во борбата против Русија. Со тоа, во ЕУ е вклучено зеленото светло за почнување подготовки за нова форма и содржина за воено-логистичка поддршка на Украина во војната со Русија. Со тоа „Коалицијата на подготвените“, поддржана од Брисел, придонесува состојбата во Украина да ескалира, а не да се движи кон преговарачка маса, како што би сакал Вашингтон
Декларации за мир, а активности во насока на војна (2)
Реномираниот „Дојче веле“ деновиве објави: „Веќе нема никакви ограничувања за дострелот на оружјето испорачано во Украина – ниту од Британците, ниту од Французите, ниту од нас“, рече германскиот канцелар Фридрих Мерц на дигиталната конференција „Европафорум 2025“, одржана во Берлин. Англија, Франција и Германија ќе ѝ ги даваат на Украина своите ракети од најголем дострел.
„Одбрана“ со далекометни
ракетни системи за агресија?!
– Ова значи дека Украина сега може да се одбрани, на пример, со напаѓање воени позиции во Русија… Со многу малку исклучоци, тоа не го правеше до неодамна. Сега може да го прави тоа – појасни Мерц. Тој го повтори својот став во објава на платформата Икс, додавајќи: „Ќе направиме сè што е во наша моќ да продолжиме да ја поддржуваме Украина“.
Ова, поврзано со забрзувањето на милитаризацијата на Европа, значи дека сѐ повеќе се усложнува ситуацијата на Стариот Континент, и на политички и на воено-безбедносен план.
За издвојување е и дека вчера Европската Унија ја одобри својата програма од 150 милијарди евра за зголемување на трошоците за одбрана во блокот. Таканаречената регулатива САФЕ (Безбедносна акција за Европа) првпат беше предложена во март од страна на Европската комисија како одговор на повиците на земјите членки за финансиска и политичка поддршка за исполнување на новите одбранбени цели, претставени од НАТО за можна интервенција во корист на Украина, ако САД го префрлат своето тежиште од интерес на други меридијани во светот: поконкретно во Индопацификот и на западната полутопка. Во конечниот акт на ЕУ се нагласува: „Заканите што ги претставуваат Русија и Белорусија се од особена итност и важност. Затоа мора да се реагира итно“.
Поради времето потребно за развој на производите од воен карактер и зголемување на капацитетот за индустриско производство низ целата Европска Унија, регулативата наведува дека ќе биде „од витално значење“ Унијата да започне со поддршка на земјите членки „колку што е можно поскоро да се оспособат и многу брзо да нарачуваат воена опрема“. Брисел прво одговори на повиците на земјите членки со активирање на клаузулата за национално ослободување од воени трошоци на ЕУ, се мисли на трошењето за оружје и муниција.
На воените барабани на европските либерални елити, Русија не седи со скрстени раце
Каја Калас, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, уште спроти самитот на Европската Унија во Брисел на 20 март 2025 година почна да удира силно на воените барабани, тврдејќи со „мирољубив“ тон дека ЕУ и нејзините држави членки мораат да ја зајакнат одбраната, за да го одвратат агресорот, секако мислејќи на Русите.
– Ако инвестираме доволно во одбраната и ако ги зајакнеме одбранбените капацитети, со тоа ќе го одвратиме агресорот од напади – порача таа.
– Но ако не го правиме тоа, слабоста го повикува агресорот да нѐ нападне. Затоа мора да направиме повеќе, за да не дозволиме да се случи тоа – изјави тогаш Калас.
На милитаризацијата на Европа и на воинствените изјави на челниците на ЕУ и на Германија, Англија и на Франција ни малку не останува пасивна ниту Русија: се подготвува и Москва за можното прераснување на геополитичката конфронтација во воен судир. Генералот и пратеник во рускиот парламент Андреј Гурулев порачува: „Русија не смее да се опушти ниту сега, ниту кога ќе се случи крајот на воената операција во Украина“.
Гурулев верува дека Русија не само што „мора да победи“ туку мора да ги зајакне и темелите на државата – преку модернизација на трупите, зајакнување на одбранбената индустрија и научна експанзија. Рускиот генерал е експлицитен дека „само моќна руска армија може да ги совлада земјите членки на НАТО“. Според него, „Западот не треба да ја почитува Русија – туку треба да се плаши од неа“.
Во една изјава деновиве Гурулев се осврна на ставот на Дмитриј Медведев, заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, кој се залага за концептот „мир преку страв“. Гурулев експлицитно кажа дека за него ова е „единствениот реалистичен одговор“ на она што тој го нарекува „системска закана“ од ЕУ и нејзините членки.
Анализа на Центарот за европска реформа: „Европа се подготвува за војна со Русија, но без САД“
Што се случува во меѓувреме „на теренот“? Одговорот на ова прашање го дава Центарот за европска реформа во статијата со наслов „Европа се подготвува за војна со Русија, но без САД“, објавена на 4 април 2025 година.
-Полска планира да ги обучи сите возрасни мажи за војна, Норвешка ги возобновува старите воени бункери, а Германија отклучи милијарди долари за историско зголемување на трошоците за одбрана. Земјите низ ЕУ се обидуваат да се подготват за можна војна со Русија. Данските и германските разузнавачки служби предупредија дека НАТО треба да се подготви за можен напад за само пет години. Многу земји веќе им кажуваат на граѓаните да подготват комплети за преживување во случај на голема криза. Веќе започна трката за вооружување на Европа. Норвешка го враќа условот сите нови згради над одредена големина да вклучуваат засолништа од бомби, практика што беше прекината во 1998 година. И воените бункери од Студената војна, кои се наоѓаат во планина, а кои биле деактивирани 40 години, наводно се реставрираат. Полска, Литванија, Летонија и Естонија минатиот месец објавија дека се повлекуваат од Конвенцијата во Отава за забрана на противпешадиски мини. Земјите што граничат со Русија рекоа дека планираат повторно да почнат да складираат и да користат мини, тврдејќи дека е „од суштинско значење“ да им се даде на своите трупи „флексибилност и слобода на избор“ за да го бранат источниот дел на НАТО“.
Во оваа аналитичка статија се укажува и на подготовките особено на Полска за „претстојна војна“ со Русија, но и на проблемот – обемот и капацитетот на европските армии, споредено со руските армиски капацитети.
– Полска, која помина речиси два века како колонија на Москва, ги подготвува граѓаните за борба. Оваа земја со 38 милиони жители започна со активности, за да се обезбеди сите мажи да поминат воена обука, со цел да ја зголеми својата армија на 500.000 војници. Сепак, Стефан Фрулинг од Центарот за стратешки и одбранбени студии предупреди дека големината на европските армии би била проблем доколку Русија нападне – пишува во споменатата статија на Центарот за европска реформа.
„Геополитички монитор“: Дали Европа е подготвена за војна?!
Во својата обемна анализа со наслов „Може ли европската армија сама да се бори против Русија!“ угледниот светски геополитички портал „Геополитички монитор“ на 22 април 2025 година го постави прашањето: „Дали Европа е подготвена за војна?“
„Нова Македонија“ ги пренесува покарактеристичните делови од таа анализа, во која, покрај другото се наведува: „Додека Европа се движи низ оваа стратешка воено-безбедносна промена, останувајќи без повеќедеценискиот заштитен чадор на САД, останува навистина итно прашањето: дали европскиот континент е навистина подготвен независно да ги обезбеди своите граници и да се спротивстави на растечките воени амбиции на Русија? Се предвидува дека вкупните трошоци за одбрана на ЕУ ќе достигнат околу 2,04 отсто од БДП во 2025 година, што е малку повеќе од 1,9 отсто во 2024 година. Сепак, ова постепено зголемување бледнее во споредба со забрзаните воени трошоци на Русија, за кои се предвидува дека ќе достигнат алармантни 6,7 отсто од БДП во 2025 година, што е речиси двојно повеќе од предвоеното ниво од 3,6 отсто во 2021 година. Во меѓувреме, руската воена економија е во нагорен тренд. Само во 2024 година таму се произведоа, се реновираа и доведоа во оперативна состојба: 1.550 тенка, 5.700 оклопни возила, 450 артилериски системи и се распоредија 1.800 парчиња муниција за долг дострел ’лансет‘, што е зголемување од 435 отсто во однос на 2022 година. Генерално, производството на тенкови се зголеми за 220 отсто, а на оклопни возила за 150 отсто. Во исто време, се започна со обемна кампања за регрутирање и мобилизирање на дополнителни 160.000 регрути. Русија би сакала, според западни аналитички извори, да ги прошири своите вооружени сили на речиси 2,39 милиони лица, со 1,5 милион активни војници“.
Од друга страна, според СИПРИ, се проценува дека вкупниот број на активни сили во Европа, вклучувајќи ја и Велика Британија, изнесува приближно 1,47 милион лица. Сепак, ранливоста на Европа е претставена со нејзиниот недостиг од интероперабилност и централизирана командна структура. Без координација меѓу 27-те земји членки на ЕУ (28 ако се смета и Велика Британија), ефикасна и кохезивна одбранбена стратегија останува неостварлива. Уште во 2017 година, оваа структурна слабост веќе беше очигледна.
Повеќе од очигледни се амбициите за предизвикување нов голем воен судир на Стариот Континент
Останува да се види што ќе се случува на политички и воено-безбедносен план во Европа. Едно е сигурно веќе отсега: се зголемуваат опасностите од нов голем воен судир на Стариот Континент, веќе се лиферуваат и прогнози кога „ќе се случи тоа“. Несфатливо е: како може Европската Унија, која беше конституирана како асоцијација на држави заради промовирање мир, сега да зборува дека „треба да се инвестира во оружје заради мир“? Несфатлива е логиката на официјален Брисел да вложува стотици милијарди евра во воена индустрија, а од друга страна економиите на европските држави и животниот стандард на европското население забрзано опаѓаат до мера на социоекономска сиромаштија. Очигледно, Урсула фон дер Лајен, Каја Калас и другите еврочелници не го гледаат и не го чувствуваат тоа, сместени удобно во своите бриселски кабинети и во скапите хотели, додека „крстосуваат“ низ Европа, неуморно удирајќи на „воените барабани“.
Свето Тоевски