Емилија Стојменова Дух, докторка на науки и вонредна професорка на Електротехничкиот факултет во Љубљана, од неодамна е министерка за дигитализација во новата словенечка влада на новиот премиер Роберт Голоб, како прва Македонка. Воедно, таа е и прва министерка во Словенија, која се родила и пораснала во странство.
Во разговор со Агенцијата за иселеништво, Стојменова порача дека без оглед на тоа каде сме, мора да бидеме горди, дека сме родени во Македонија и да ги одржуваме врските со нашата држава. Верувајќи дека културата и уметноста се најсилната врска, таа настојува да одржува контакти со нашите културни уметници и фирми и уверува дека така ќе биде и во иднина.
– Во мојата канцеларија ќе најдете уметнички дела од наши сликари. Ако сакате да ме сретнете во Словенија, побарајте ме на концерти и претстави на наши уметници – вели Стојменова.
Родена во Виница, таа со стипендија се сели во Словенија во нејзината трета година од гимназиското образование. Вели дека сакала да покаже и докаже дека не е важно од каде доаѓаш, туку дека со труд и работа можеш да постигнеш сѐ што ќе посакаш.
– Не можам да направам споредба помеѓу високото образование во Македонија и Словенија. Од друга страна, во Словенија добиваме одлични експерти од Македонија и тоа од различни сфери, што води до заклучок дека високото образование во Македонија е на високо ниво. Во минатото имав можност да соработувам со колеги од универзитети од Македонија и впечатокот беше секогаш одличен. Можеби најголема разлика е во тоа што студентите во Словенија имаат повеќе можности за стипендии и други поволности, како што се бонови за исхрана и добро средени домови за студенти – вели министерката.
Стојменова Дух е активна во иницијативата за „паметни села“ поддржана од Европската комисија и Европскиот парламент. Таа ја претставува Словенија во мултирегионален проект на Стејт департментот кој избра 50 жени од целиот свет кои се на важни позиции во науката, технологијата и математиката. Вели дека лошата политика на поранешната словенечка влада ја поттикнала да влезе во политиката.
– За жал, во Словенија бевме сведоци на политика, која не ги почитува човековите права, која не ги почитува уставот и останатите правни средства и институции.Словенија, која сите ја познаваме како успешна и напредна држава едноставно веќе не постоеше и така настана моќна цивилна иницијатива, коа бараше широк активен ангажман, буквално од сите – рече Стојменова.