Уште пред формирањето на Четничкиот институт и пред појавата на првите чети на МРО во Македонија, Јордан Пиперката бил ајдутин во четата на стариот војвода Дончо Златко и како таков учествувал во т.н. Мелничко востание. По создавањето на Македонската револуционерна организација (МРО) преминува во нејзините редови и е назначен за војвода во Демирхисарскиот Регион. Загинува на 22 август 1903 година во селото Цер (Кичевско) во текот на големото Илинденско востание

Повод: 121 година од смртта на легендарниот војвода

Јордан Пиперката во македонската национална меморија останува запаметен како човекот што беше олицетворение на комитскиот бунтовнички дух и заштитник на македонскиот народ. Пиперката во споредба со младиот војводски кадар на Македонската револуционерна организација (МРО) имал бунтовнички карактер, а тоа се должело на неговата ајдучка дејност. Опеан е во неколку македонски народни песни.

Рани години

Јордан Силјанов Пиперковски, подоцна познат и како Јордан Пиперката, потекнувал од типично македонско земјоделско и сточарско семејство. За потеклото на неговиот прекар Пиперката постојат неколку верзии. Според една, тоа е кратенка од неговото презиме, а според друга верзија тоа се должи на неговиот физички изглед и карактер, бидејќи бил румен во лицето и лут по карактер. Кај народот, лутината и црвенилото се поврзуваат со пиперките.
По карактер бил буен и пргав по природа и многу се разликувал од своите браќа. Односот на османлиските власти тешко го поднесувал, а неговата омраза кон османлиските власти растела. Познавајќи ја бујноста на својот син Јордан, татко му Силјан, иако притиснат од сиромаштијата и неможноста да го школува, го однел во Битола да учи фурнаџиски занает, но Јордан не останал долго во Битола. Опфатен од мислите за тешкиот живот на своето семејство, се вратил во своето родно село.
Млад и неискусен, но подготвен да му се спротивстави на непријателот, кај Јордан се јавила желба за самостојност и ајдукување. Причини за тоа имало повеќе, но непосреден повод била една неочекувана пресметка со група врсници од муслиманското село Другово. До неа дошло во еден пазарен ден кога Јордан сам се враќал од Кичево. Иако сам, тој се спротивставил, но бил претепан од групата. Длабоко навреден од постапката, по враќањето в село, решил да стане ајдук и да им се одмазди на напаѓачите. Од неговите најблиски бил советуван да не прави така, но Јордан се одлучил да замине на печалба во Софија уште со првата група соселани печалбари. Таму го продолжил фурнаџискиот занает.

Емиграција

Во Софија, Јордан започнал нов живот. Го научил фурнаџискиот занает и финансиски зајакнал. Од заштедата ги помагал и своите во Козица, но никако не можел да ги заборави тортурите над селаните. За Јордан тоа било можност да стане ајдук. Влегол во Пиринската чета на Дончо Златков. Запознавајќи ги подробно ајдучкиот живот и целта на изведените акции, иако неук, доволно ја презрел заблудата од бугарската владина и дворска ослободителна дејност.
Затоа одлучил да се врати во Македонија. Неколку години престојувал во Македонија, а во 1895 година Јордан повторно се вратил во Бугарија, каде што со Стојко Војвода и Кочо Љутата учествувал во таканареченото Мелничко востание. По повеќегодишното ајдукување низ Бугарија, во 1897 година Јордан Пиперката со својот соборец Марко Лерински пристигнал во Кичевско. Дознавајќи за нивното пристигнување, МРО во Кичевско набрзо воспоставила контакт со нив. Така, во 1897 година била формирана и првата организациска чета на војводата Дуко Тасев во Кичевско. Убиството на Муарем-бег, во кое учествувал и Јордан Пиперката, го принудило да ја напушти Македонија и повторно да замине во Бугарија.

Одбранбената кула на познатиот македонски војвода Јордан Пиперката во село Брезово

Македонски војвода

Одличен стратег, надарен од природата и вооружен со умствени дарби, иако неук, Јордан станал страв и трепет за османлиските власти. Во 1901 година бил комита во четата на Никола Русински, а истата година бил именуван за војвода на демирхисарскиот реон.
Дејствувал и во Крушевско и Кичевско. Османлиите во својата немоќ да го фатат, околу него создавале легенда дека го чуваат духови. Сите акции што ги презел Пиперката во текот на 1902 година многу брзо се пренесувале и се разгласувале меѓу народот. Од ден на ден растела неговата популарност. Секаде каде што имало потреба, Пиперката итал на помош. Народот во него не гледал веќе ајдук, туку револуционер – борец што секогаш бил со нив, меѓу нив да им помага, да ги одбрани од напаѓачите.
Со својата брза чета прекуноќ се движел од едно во друго место, минувајќи и по 60 километри пат, само да стигне каде што имало потреба.

Илинденско востание

Неколку успешни битки го карактеризираат почетокот на Илинденското востание во демирхисарскиот крај и во Кичевско. Но неповолните вести за положбата на Крушево продолжиле да пристигнуваат. Републиката вивнала во пламен. Војводата Јордан и другите тргнале кон селото Белица. Преку месноста Скакало и каменестите врвови на селото Големо Царско, реонската чета дошла до месноста Грнчарец, над патот Кичево-Битола.
Оттука имале добар поглед на голем дел од реонот, а особено на патот за Крушево преку Цер, С’лп, Големо и Мало Церско. Со востаниците било избегано целото население од Цер. Во селото останале само болни и немоќни старци, кои биле ѕверски измачувани од Турците, а селото било запалено. Јордан Пиперката застанал на чело на една група и се упатил кон Цер, но биле забележани и нападнати. Меѓу селата С’лп, Големо и Мало Церско започнала борба, а аскерот започнал да стрела и со топови. Четите од Грнчарец се упатиле на помош и судирот се засилил. Сите опколени успеале да се повлечат, освен тројцата загинати, меѓу кои бил и војводата Јордан Пиперката.
Тој бил закопан во месноста Черешна во блиската околина на селото Велмевци, место од каде што се гледа целата околина како на дланка, а на војводата му е подигнат споменик, кој се посетува од месото население на околните села секоја година, традиционално на 2 август – Илинден. 


Јордан Пиперката во народното творештво

Јордан Пиперката е опеан во повеќе македонски народни песни, вклучувајќи ја и песната „Се собрале комитите“, во која се истакнува: „Се собрале комитите. Се собрале комитите. Ќе ми одат в Суво Поле. Напред оди војводата – воjводата Јордан Пиперката. Ќе ми фаќат метел изин. Ќе го чекат Алил-паша, што ја грабил руса Стојна, руса Стојна од Мало Церско. Проговара војводата – војводата Јордан Пиперката. Ај да слезeме во Долно Брезово. Да го венчаме Алил-паша за невеста остра сабја“. Д.Ст.