Ако мислиме преку јазикот, доколку тој се збогатува, би им дозволил многу повеќе за доживување на светот, за игра, за поуспешно воспоставување врски со други луѓе, на сите оние на кои македонскиот јазик им е единствениот со кој располагаат
Ива Дамјановски, пијанистка и поетеса
Работата на мојот магистерски труд, кој иако е од областа на музикологијата, всушност од мојата истражувачка работа, последниве неколку години бараше детално проучување на лингвистиката. Она што го откривам е дека проучувањето на феноменот на јазикот и неговите проблеми е одлична појдовна точка за анализа на сите важни аспекти од човечкиот општествен, научен, емоционален и филозофски живот. Јазикот го содржи целото човечко искуство и е начинот на кој го остваруваме нашето епистемиолошко постоење, но истовремено содржејќи го во себе и потенцијалот за дефинирање на целото идно, хипотетичко знаење што би можело да го оствари човештвото. Колку прекрасен систем. „Јазикот е најзначајниот и истовремено најмистериозниот производ на човечкиот ум“. Сузана Лангер, едно од моите омилени откритија од предавањата по естетика на музиката, во „Филозофија во новиот клуч“ вели дека „начинот на кој е поставено прашањето го ограничува и одредува начинот на кој истото тоа ќе биде одговорено (точно или погрешно)“ и оттука би сакала и да му пристапам на комплексното прашање на темата на оваа рубрика. Бидејќи сметам дека решението на проблемот не би можело да биде најдено доколку не го разбираме потполно самиот проблем, прашањето што сметам дека би морала прво да го одговорам е зошто да го актуализираме и популаризираме македонскиот јазик.
Лично сметам дека ова прашање е само по себе проблематично. Би сакала да пристапам според принципот на Бурдје и да одговорам на едно прашање за јазикот со големо внимание на самата негова јазична конструкција: еден стандарден јазик и неговите дијалекти не се објекти или субјекти чие значење зависи од нивниот социјален статус доколку го користиме зборот „популаризација“ или, уште посмешно, од нивната профитабилност доколку го користиме зборот „промоција“. Значењето на еден јазик дури не е условено ни од неговата сегашна актуелност (помислете на латинскиот јазик). Во современ контекст станува и потполно бесмислено кога би се обиделе да ја докажеме важноста на еден конкретен стандарден јазик (и неговите дијалекти) и не би се ни обидела да го направам тоа, бидејќи јазикот, како буквален превод на човечкото мислење, не би можел да се одвои од културата или искуствата на една заедница, а не би можела во ниеден случај да се обидувам да докажам зошто која било конкретна заедница и нејзината култура или јазик би биле значајни. Она што можам е да се обидам да докажам дека сите култури на сите заедници и сите јазици и јазични пројави се важни и зошто е важно истите тие да се проучуваат и со тоа збогатуваат. Последново е пак, според мене, неоспорно, бидејќи не мислам дека би можела да постои оправдана причина за загуба на какво било сведоштво за постоењето на која било култура. Секоја таква загуба е загуба на некакво знаење и со тоа е регресивна.
Јазикот пред сѐ е систем за комуникација. Иако Чомски вели дека не би смееле да го сведеме јазикот, кој би можел, освен што се користи за пренесување информации, да се користи за воспоставување врски помеѓу нештата и луѓето, за да се изрази или објасни една мисла, за игра; само на неговата комуникативна улога, лично сметам дека сите овие улоги на јазикот сепак потекнуваат токму од неа, која пак самата не би смеела да се дефинира само како пренос на информации. Би можела да кажам дека комуникацијата е стремеж за сплотување и дури дека самата волја за комуникација во својата суштина секогаш е морална. Значи, одговорот на прашањето зошто македонскиот јазик би било важно да продолжи да постои и да постои подобро, според мене, би бил двоен. Прво, важно е бидејќи ако мислиме преку јазикот, доколку тој се збогатува, би им дозволил многу повеќе за доживување на светот, за игра, за поуспешно воспоставување врски со други луѓе, на сите оние на кои македонскиот јазик им е единствениот со кој располагаат. Од друга страна, според мене е важно и да се споделува македонскиот јазик надвор од неговото јазично подрачје поради убавината во изучувањето на другите јазици, која претставува споделување и запознавање со нови поими и нијанси на значењето (овој процес секако сметам дека е прекрасен и кога е реципрочен).
Како да се популаризира и актуализира стандардниот македонски јазик? Како да навлезе во секоја пора од општеството? „Нова Македонија“ со повеќе написи ќе ги објавува одговорите, идеите на нашите интелектуалци – докажани и истакнати македонисти, професори, уметници, писатели…
Што се однесува до како, она што јас лично се обидувам да го истражувам во моето пишување (и зборување) во изминатиов период е проучување на јазикот преку делата на писателите како Славко Јаневски и да пронаоѓам многу ретки и за мене нови зборови, како на пример зборот „плипот“ или „зазор“, и да ги употребувам спонтано во мојата поезија или во мојот секојдневен говор како воопшто да не се ретки или невообичаени. Ова е секако само еден начин. Друга забавна игра ми е да се обидувам да го преведувам моето мислење, кое, бидејќи често читам или зборувам на други јазици, понекогаш и не е на македонски јазик, и да добивам нови невообичаени јазични конструкции.
Сепак, мојот потполн одговор на ова прашање можеби не е многу прагматичен, но сметам дека не би можела да дадам помалку апстрактен одговор, а истиот тој да е точен ‐ преку слободна креација, она што Чомски го поистоветува со јазикот и вели дека јазикот го отелотворува. Преку инклузивен пристап и скромност кон него, а не со желба за негово покорување. Не мислам дека јазикот би можел да биде вештачки спасен или измислен (помислете на есперанто) или актуализиран ‐ оној што го користи би морал да сака да се изрази што подобро, што поточно, да има желба да го сподели своето комплексно внатрешно и да бара начини за истото тоа, а потоа да е слободен да ги користи сите зборови, граматички и синтаксички конструкции што се возможни (не само стандардни или вообичаени) за да го искаже она што би сакал да го каже и таа волја со сигурност ќе го одржува јазикот жив.