Внукот на Никола Карев, Михајло Карев, раскажувал дека Карев три дена му ја диктирал на Мајски содржината од Манифестот, според историчарот д-р Зоран Богески
Помалку познати информации и факти за Крушевскиот манифест
Крушевскиот манифест го објавилo горското началство на Крушевскиот револуционерен реон за време на Илинденското востание. Испратен е на 6 август, а негов автор се смeта дека e Никола Киров Мајски, иако одредени историски извори како автор го наведуваат и Никола Карев. Според историчарот д-р Зоран Богески, внукот на Никола Карев, Михајло Карев, тврдел дека Карев три дена му ја диктирал на Мајски содржината од Манифестот. Тој бил напишан на македонски говорен јазик (крушевски дијалект), во тоа време на пропаганда и милет-систем на организирање на разнородното население, потоа бил преведен на турски јазик од страна на романскиот учител Ванѓу Петреску. Испратен бил во 17 примероци преку пет парламентари и доставен до околните села со чисто или мешано муслиманско население, и тоа: Алданци, Норово, Врбоец, Пресил, Света, Кочиште, Белушино, Борино, Саждево, Јакреново, Дебреште, Ново Село (денес Демирхисарско), Пласница, Дреново, Житоше, Трновции Лажани.
– Сите села го примиле манифестот, со исклучок на селото Лажани, чие население поради страв од новата востаничка власт го напуштило селото и избегало во соседното село Дебреште, бидејќи во селото била сместена единица на османлиската војска. Одговор дале алданечкиот кмет Синан и командантот на крушевскиот гарнизон Али, како и оџата Селим од Белушино. Манифестот бил примен со збирање на машкото население пред џамијата, каде што кметот, според османлиската традиција, го поставувал на челото со крената глава кон небото, потоа го симнувал, при што се читал текстот. Потоа се формулирал одговорот и со истата наведена постапка се доставувал до горското началство предводено од Карев, што било чин на признавање на востаничката власт – вели Богески.
Причината за испраќање на оваа прокламација, која ги објаснувала работата и нејзината цел, била тоа што Никола Карев кога ги обиколувал востаничките позиции, кај Ѓурчиновата чета стационирана на Кале го сретнал востаникот Санду Докуз, кој самоволно од некои овчари од Алданци одзел едно стадо со овци и кози што заедно со овчарите ги водел кон Крушево за да им послужат како храна за востаниците. На тоа Карев бурно реагирал и рекол дека се загрозуваат принципите и целите на борбата и го вратил безбедно стадото назад до селото. Затоа во текстот испратен до околното муслиманско население братски се повикува да ја поддржи и да ја помогне светата борба на сите обесправени во Македонија. Манифестот наишол на добар прием од страна на муслиманското население, а кметот на селото Алдинци возвратил со порака во која изразува разбирање за мотивите на востаниците.
Текстот на Манифестот првпат е објавен во драмата „Илинден“ на Никола Киров Мајски во 1923 година. Иако е напишан во форма на обраќање до муслиманите – Турци, Арнаути (Албанци) и Торбеши, Манифестот едновремено дава и јасна слика за мотивите и целите на востанието, неговиот ослободителен и социјален карактер.
– Најпрво, Манифестот ги објаснува мотивите на востаниците. Потоа, ги смирува муслиманите дека востанието не е насочено против обичниот народ, туку против државата и нејзините експоненти. Потоа, Манифестот ги повикува да им се придружат на востаниците поради заедничка борба против социјалниот терор на Отоманското Царство. Со ова, Манифестот ги презентира социјалните цели на востанието – воспоставување поправедно општество. Покрај тоа, Манифестот ги смирува муслиманите (Турци, Арнаути и други) дека и доколку не се приклучат кон востанието, нема да бидат цел на востаниците и ги повикува барем да не се придружуваат на спротивната страна ако веќе не се приклучуваат кон востаниците. Конечно, Манифестот има и силно изразена патриотска линија, претставувајќи ја Македонија како „заедничка наша мајка“.
Така се зборува за „нашата мила и богата земја Македонија“, „бајракот на автономна Македонија“, „чесни и добри македонски синој“, а завршува со зборовите: „Ура! За автономна Македонија“ – објаснува историчарот.
Постоењето на Манифестот историски е неоспорно, него го споменуваат многу конзуларни и дипломатски претставници, меѓу кои и австроунгарскиот конзул од Битола Аугуст Крал во својот извештај од 15 август 1903 година, испратен до својот министер за надворешни работи, грофот Агенор фон Гулховски, каде што пишува: „Раководството на востанието во сите турски месности дури раздели една прокламација составена на турски јазик, што им ја гарантира сигурноста на животот и имотот на мирните жители што не дигаат оружје“. Потврда за ова даваат и османлиските архиви во Турција.
– Така Шемсудин Саланикли, учесник во настаните во 1903 година, во неговата книга „Македонија – историја на револуционерниот период“, публикувана во 1908 година, исклучително битна година, која го потврдува постоењето на Манифестот, за прокламацијата испратена до муслиманското население во реонот парафразирал: „До муслиманското население бил испратен ваков проглас: Ние нема да ја нападнеме вашата земја, вашите животи, вашиот имот и вашата вера. Ние имаме почит кон исламската вера и ние дојдовме заради лошите луѓе. Предајте го вашето оружје и не соработувајте со војската…“ – потенцира историчарот д-р Зоран Богески. Ка.М.