Реафирмиран ставот на македонската влада за уставните измени со одложено дејство
Премиерот Христијан Мицкоски го реафирмира ставот дека продолжуваат дипломатските напори за одблокирање на евроинтеграцијата на земјата и оти останува на ставот дека единствено прифатливо решение за Владата е уставни измени со одложено дејство.
– Повторно ќе кажам, ние работиме на дневна основа со нашите сојузници. Ако не сме таму присутни, тоа не значи дека не работиме. Телефонски разговараме со сите. Апсолутно со сите. Тука да немате дилема. Имаме јасен принципиелен став, кој се темели на аргументи. Пред сите светски авторитети тој став го аргументиравме. И европски, пред сите. Нема некој којшто не го слушнал нашиот став. И никаде не слушнавме од нив дека тие аргументи не се добри, тие аргументи се погрешни итн. Ќе работиме, нема да биде лесно. За жал, седум години егзибиционизам беше надворешната политика и распродавање за да може дома да крадат и да урнисуваат – рече Мицкоски на новинарско прашање за коментар за изјавата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој завчера реферираше пред ЕП за напредокот за земјите од Западен Балкан, а за Македонија го спомна условот за уставните измени.
Премиерот Мицкоски најави дека тој исто така во два наврата во декември ќе биде во Брисел, по покана на новиот висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Антонио Кошта, како и на самитот на ЕУ и Западен Балкан, на 18 или 19 декември, каде што повторно ќе ги изложи аргументите на државата.
– И повторно ќе се бориме. Дали ќе успееме не знам. Гледате што се случува кај нашиот источен сосед. Три-четири пати не може да се избере претседател на Собрание. Не можам јас да гарантирам, бидејќи би било наивно и неодговорно ние да гарантираме. Но можам да ви гарантирам дека сѐ од себе ќе дадам и ќе се бориме до последен атом енергија којашто ја имаме за да успееме да направиме нешто за државата – кажа Мицкоски, на прес-конференција во Владата. Н.М.