Шпекулациите во медиумите поврзани со назначувањето на нов кадар во македонските дипломатско-конзуларни претставништва предизвикаа бурна реакција во јавноста и го отворија прашањето какви критериуми треба да исполнуваат извршителите на дипломатски функции кои ја претставуваат Македонија во странство. Дипломатот и публицист Драган Јањатов за „Нова Македонија“ ја објасни специфичноста на конзуларната функција, како и процесот за избор на дипломати, правејќи паралела и со практиките во поранешна СФР Југославија.
– Постои специфична разлика помеѓу амбасадорската и конзуларната функција, со што втората бара поголема специјализација, бидејќи самото образование не е доволно. Потешко е да се биде конзул. Оваа работа претставува своевиден занает, тука традициите се на цена. А треба да се земе предвид и дека големите држави од интерес, како на пример САД или Австралија, претставуваат лизгаво подрачје, каде што се соочувате со пропаганда, различни отпори, дури и со анимозитет на поранешниот систем. Затоа, потребно е познавање на теренот и да се внимава кој се испраќа – посочува Јањатов.
Тој наведува дека изборот кај нас се врши главно по партиска линија.
– При поставување на дипломати се земаат предвид професионалци со соодветно образование, во кое спаѓаат меѓународните односи и правото, како и докажани професионалци од различни сфери, како на пример, научниците и уметниците. Постои и трета категорија во која се плаќа за функцијата, што вообичаено е помалку важна, односно во земји од помал интерес. Но кај нас нема таква поделба, туку назначувањето главно се врши по партиска линија – објаснува дипломатот од кариера.
Во поранешна СФР Југославија, според Јањатов, постоел процес за избор на дипломатите во кој гафовите и непотизмот биле сведени на мала мера.
– Во СФР Југославија постоеја квоти по република кои требаше да се пополнат, со што на републичко ниво се одлучуваше кој ќе ја заземе функцијата. Но, потоа се одеше на усовршување во Белград, на курсеви за секое подрачје, се полагаа испити, се бранеа тези, се даваше отчетност… Не велам дека и тогаш немаше непотизам и гафови, но тие беа сведени на мала мера – заклучува Јањатов.
Дел од медиумите завчера објавија дека 28-годишната телевизиска презентарка Бесмија Ејупи на затворена седница на Владата била предложена за генерален конзул во Њујорк. На ваквите објави реагираше и Министерството за надворешни работи (МНР), соопштувајќи дека Македонија има генерален конзул во Њујорк и оти засега не се предвидува негова предвремена замена. И шефот на дипломатијата Бујар Османи во вчерашното гостување на телевизија „Сител“ нагласи дека нема предлог од Владата за повлекување на актуелниот конзул во Њујорк и за именување нов.