Фестивалот Македонско културно лето“ во Пустец, Албанија, беше отворен на 1 јули, во 19 часот, со претставата „Снежана и седумте џуџиња“ на НУ Театар – Битола, а вечерта заврши со концертот „Мала Преспа – голема песна“ на Драган Даутовски и ансамблот „Илинден“. Во наредните денови ќе се прикажат претстави како „Вечера за глупаци“ на НУ Театар „Ј.Х.К. Џинот“, потоа ќе има изложби на фотографии од Охрид и Преспа, како и детската претстава „Рибарот и златната рипка“ според Пушкин. Свеченото затворање е предвидено за утре, 5 јули, во 14 часот, со настап на ансамблот „Преспа“ на сцената во „Остров Мал Град“. Настанот се одржува со поддршка на Министерството за култура на Македонија
Прослава на македонската традиција, јазик и културна припадност во Пустец, Албанија
Од 1 до 5 јули, Пустец во Република Албанија е домаќин на јубилејното издание на „Македонското културно лето“, во организација на Здружението на Македонците по потекло од Албанија „Сонце“, по повод 20-годишнината од своето постоење. Фестивалот, кој претставува симбол на културната виталност и самобитност на Македонците во Албанија, нуди богата програма со театарски претстави, концерти, изложби и активности за најмладите. Настаните ќе се одвиваат на неколку локации, вклучувајќи ги плоштадот „Гоце Делчев“ и Музејот на Стерјо Спасе во Глобочани.
Фестивалот беше отворен на 1 јули, со претставата „Снежана и седумте џуџиња“ на НУ Театар – Битола, а вечерта заврши со концертот „Мала Преспа – голема песна“ на Драган Даутовски и ансамблот „Илинден“. Во наредните денови програмата опфати содржини како претставата „Вечера за глупаци“ на НУ Театар „Ј.Х.К. Џинот“, изложби на фотографии од Охрид и Преспа, како и детската претстава „Рибарот и златната рипка“ според Пушкин. Свеченото затворање е предвидено за утре, 5 јули, во 14 часот со настап на ансамблот „Преспа“ на сцената во „Остров Мал Град“. Настанот се одржува со поддршка на Министерството за култура на Македонија.
За обележување на годинешниот фестивал е посетата на високи владини претставници од Република Македонија. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за култура Зоран Љутков ги посетија Мала Преспа и општината Пустец – домот на македонското малцинство во Албанија. Во рамките на посетата, министрите остварија топли и конструктивни средби со локалното население и присуствуваа на еден од настапите на Велешкиот театар во рамките на фестивалот „Македонско културно лето“.
– Мала Преспа и Пустец се жив доказ дека етничката и културната разноликост не разделува, туку обединува. Благодарение на официјалниот статус на македонскиот јазик, двојазичното образование, активната дипломатска и прекугранична поддршка од нашата влада – заедно со посветеноста и ангажманот на локалното население – македонската заедница во Албанија успева да ја зачува својата уникатност, да ја негува врската со матичната земја и да гради мостови на пријателство меѓу двете држави – истакна министерот Муцунски.
На средбите со Македонците од Албанија, министерот ги сослуша нивните предизвици и се обврза дека поддршката од државата нема да остане само на декларативно ниво.
– Преку конкретни проекти и активности ќе продолжиме да ги јакнеме врските на дијаспората со татковината. Само така ќе ги чуваме и пренесуваме македонската историја, култура и традиција во овој значаен дел од Балканот – порача Муцунски. Д.Ст.
Македонија ќе побара отворање конзулат во Корча, Албанија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во изјава за медиумите истакна дека македонската влада треба да направи повеќе за оваа заедница, додавајќи дека ќе побара од својот албански колега да се отвори македонски конзулат во Корча.
– Тука, во Пустец, имаме наша македонска заедница, дојдов со министерот за внатрешни работи, а наскоро ќе ни се придружи и министерот за култура. Заедницата придонесе за албанското општество, додека ние како влада мора да направиме повеќе за македонското малцинство во Пустец. Мора да финансираме социјални и културни проекти во оваа област. Потребно ни е повисоко конзуларно ниво. Ќе се сретнам со мојот колега Игли Хасани следната недела во Охрид, имаме фантастичен однос со него. Исто така, ќе го замолам албанскиот министер да отвори македонски конзулат во Корча – изјавил Муцунски.