Подземната дипломатија како повод: Каква цел имаат „еднаш вака-еднаш така мислењата за Македонија“ во европските извештаи?!
- По извештајот на Вајц се поставува прашањето дали Европа воопшто сака да го забележи постигнатиот напредок на Македонија?! И на што се должи битната промена на оцените од Советот на Европа за Македонија само по дваесеттина дена?!
- Извештајот на Вајц е дополнителна форма на притисок што се надоврзува на засилената кампања на официјалните бугарски власти преку која тие пред европските институции настојуваат да покажат дека Македонија не бележи напредок, како и дека не ги почитува правата на Бугарите во земјава
Спротивставени мислења за напредокот на Македонија во последните европски извештаи, во рок од три недели, сугерираат своевиден притисок за усвојување на барањата од Бугарија како услов за придвижување на евроинтегративниот процес, откако Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) го призна напредокот во демократијата, а европратеникот Вајц наведе дека напредокот во реформската агенда е – недоволен!
Токму затоа се поставува прашањето дали Европа воопшто сака и дали има волја за транспарентно и јасно да го забележи постигнатиот напредок на Македонија?! И на што се должи ваквата битна промена на оцените од Советот на Европа за Македонија само по дваесеттина дена?! Таквото дипломатско европско салто мортале за Македонија е во најмала рака – неприфатливо, дегутантно и лицемерно.
Томас без компас?
Пред да одговориме на претходниве прашања и да ги аргументираме нашите впечатоци во врска со ова, да ги согледаме внимателно формулациите од 30 јануари и овие најновите во предлог-извештајот на Томас Вајц.
– С. Македонија во моментов е во тешка позиција, бидејќи процесот на пристапување е блокиран. И покрај некои позитивни реформи, недоволен е напредокот во реформската агенда на ЕУ, особено е недоволен во клучните области како што се владеењето на правото, судските реформи и борбата против корупцијата. Ова се должи… и на недостигот од долгорочна политичка посветеност – нагласува известувачот на Европскиот парламент за Македонија, европратеникот Томас Вајц, во годишниот нацрт-извештај за „напредокот на државата“, кој на 26 февруари ќе го претстави пред Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ).
А само пред неколку седмици, на 30 јануари, Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), решавајќи да го затвори постмониторинг-дијалогот со Македонија, во резолуција, „го призна напредокот на земјата во демократијата, владеењето на правото и човековите права од нејзиното пристапување во 1995 година“.
Во резолуцијата, усвоена на 30 јануари, покрај другото, се наведува: „Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) ги поздрави мерките преземени од властите за реформа на судството и обвинителските служби, како и работата на владата на нацрт-законите за Судскиот совет, Јавното обвинителство и Советот на јавни обвинители. … ПССЕ ги поздрави и мерките преземени за борба против корупцијата… но останува загрижено за големиот број обвинувања за широко распространета корупција низ јавниот сектор… Владата искажува политичка волја и посветеност целосно да ги почитува своите обврски преку нејзината континуирана соработка со телата на Советот на Европа, вклучувајќи ја и Венецијанската комисија“.
– С. Македонија мора да спроведе реформи, a ЕУ мора да ги исполни своите обврски. И покрај некои позитивни реформи, недоволен е напредокот во реформската агенда на ЕУ, особено е недоволен во клучните области како што се владеењето на правото, судските реформи и борбата против корупцијата. Ова се должи… и на недостигот од долгорочна политичка посветеност. Не е постигнат напредок во уставните измени, поради загриженост за можни дополнителни билатерални блокади или барања од Бугарија. Затоа е од суштинско значење сите политички актери во С. Македонија, особено Владата и пратениците од владејачкото мнозинство, да ја препознаат оваа нова итност и да почнат да остваруваат опипливи, убедливи и искрени резултати во овие клучни области без понатамошно одложување – нагласува Томас Вајц во својот нацрт-извештај.
Скандалозно поигрување со евроинтегративните стремежи на Македонија
Советот на Европа, неговото Парламентарно собрание, неговите известувачи за Македонија со сите нивни резолуции и извештаи еднаш поздравуваат и признаваат, по две-три седмици силно критикуваат дека „не е постигнато ова и она“. Тие првин нагласуваат дека „Владата искажува политичка волја и посветеност да ги почитува обврските“, но само по кратко време сега се вели дека „нема долгорочна политичка посветеност“. Најновиот нацрт-извештај на Вајц и претходните резолуциски оцени за „има-нема напредок“ на Македонија се скандалозно поигрување со евроинтегративните стремежи на оваа држава и на нејзините граѓани. Овие акти на Советот на Европа се едни со други во тешка противречност и тие ја уриваат кредибилноста на оваа клучна европска институција. Најновиот нацрт-извештај на Томас Вајц ги фрла во вода клучните „признавачки“ и „поздравувачки“ наводи од резолуцијата од 30 јануари и овој пат исфрла на површината став што е многу сериозен: „С. Македонија во моментов е во тешка позиција, бидејќи процесот на пристапување е блокиран“.
Зад ваквиот став се крие големата, би се рекло дури и нервоза, што македонската влада и, не случајно нагласените, пратениците од владејачкото парламентарно мнозинство не ги усвојуваат уште веднаш бараните уставни промени во полза на Бугарија! За Вајц и за Советот на Европа само тоа ќе бидат „опипливи и убедливи резултати“, ништо друго! Извештајот на Вајц е дополнителна форма на притисок што се надоврзува на засилената кампања на официјалните бугарски власти преку која тие пред европските институции настојуваат да покажат дека Македонија не бележи напредок, како и дека не ги почитува правата на Бугарите во земјава.
Македонското државно-политичко раководство затоа ќе треба соодветно сериозно да се позиционира кон овој најнов став на Вајц, кому сигурно не му паднало на памет тукутака да го става во својот нацрт-извештај, за кој ќе се расправа на 26 февруари. Во тој контекст ќе треба аргументирано да се настапи за да се отфрлат сомнежите што бугарската дипломатска офанзива и противречностите во извештаите неосновано ги внесуваат.
Свето Тоевски

































