Промотор на изложбата беше Ставре Џиков, свое обраќање имаше и градоначалникот Ацо Ристов. Автори на изложбата се потпретседателот на Македонското грбословно друштво, Иван Нацевски, и претседателот д-р Јован Јоновски, а ликовното уредување е на Димитриј Михајловски од истото друштво, кое е единственото стручно тело по хералдика во Македонија. Настанот се одржа во градската галерија Музеј на љубовта и уметноста во Радовиш, а беа претставени повеќе од 70 грба поврзани со Македонија, почнувајќи од 14 до 21 век. Целиот настан беше збогатен со прекрасна музика од градскиот мешан хор „Гортинија“ од Гевгелија, а конкретно станува збор за прв ваков настан организиран во Македонија

Во Радовиш за првпат беше организирана изложба на хералдички грбови насловена „Македонија во светот на хералдиката“ по повод Светскиот ден на хералдиката. Иницијативата беше заедничка заложба на публицистот Ставре Џиков, Македонското грбословно друштво и општинската установа Центар за култура „Ацо Караманов“ од Радовиш, односно нејзиниот директор Никола Миовски, а целиот настан беше поддржан од Општина Радовиш. Промотор на изложбата беше Ставре Џиков, свое обраќање имаше и градоначалникот Ацо Ристов. Автори на изложбата се потпретседателот на Македонското грбословно друштво, Иван Нацевски, и претседателот д-р Јован Јоновски, а ликовното уредување е на Димитриј Михајловски од истото друштво, кое е единственото стручно тело по хералдика во Македонија. Настанот се одржа во градската галерија Музеј на љубовта и уметноста во Радовиш, а беа претставени повеќе од 70 грба поврзани со Македонија, почнувајќи од 14 до 21 век. Целиот настан беше збогатен со прекрасна музика од градскиот мешан хор „Гортинија“ од Гевгелија, а конкретно станува збор за прв ваков настан организиран во Македонија.
Изложбата на 35 панели се состоеше од два дела. Првиот дел се однесуваше на историските грбови поврзани со Македонија од 14 до 18 век. Овој дел беше поделен на три сегмента, односно грбовите на Македонија од европските и илирските грбовници, грбовите на кралот на Античка Македонија, припишаниот на Александар Трети Македонски и на митскиот предок Македон од Ематија. Во вториот дел акцентот беше ставен на современите грбови во Македонија, поделен во три сегменти: грбови на институции и организации, општински грбови и лични грбови.
Иван Нацевски, потпретседател на Македонското грбословно друштво, во своето обраќање пред присутните рече дека за нив, како Македонското грбословно друштво, преставува посебна чест затоа што првиот грб изработен за потребите на македонската хералдика, пред единаесет години, е токму грбот на Општина Радовиш. Се обрати и градоначалникот Ацо Ристов, кој изрази задоволство што токму во Радовиш се одржува ваков несекојдневен настан, сведок на историјата, но и на иднината.
Публицистот Ставре Џиков кој е еден од главните иницијатори, а наедно и промотор на изложбата, рече дека идејата била преку оваа активност да се поттикне културната свест на македонскиот народ.


– Секој народ, секој човек, оние што си ги знаат историјата и потеклото имаат химна, грб и знаме – нагласи Џиков.
Според него, кај нас во Македонија ние треба да ја промениме таа култура, а овие медиумски настани, меѓу другото, имаат цел да се потсетиме на историјата на Македонија и на македонскиот народ, дека има историски настани што не смеат да се заборават.
Д-р Јован Јоновски, претседател на Македонското грбословно друштво, пред присутните одржа предавање за хералдиката. Јоновски посочи дека на 10 јуни 1128 година, во Руан (денешна Франција), англискиот крал Хенри Први го прогласил за витез својот иден зет Годфри Плантагенет. По тој повод му бил доделен грб, на син штит, со шест златни лава 3-2-1, што се смета за прв рекорд за доделување грб во историјата. Јоновски кажа дека токму затоа овој датум се слави како светски ден на хералдиката.
На настанот се говореше и како настанал хералдичкиот грб на општината Радовиш и што всушност претставуваат неговите знаци. Карактеристично за грбот е што содржи венец од тутун, потоа во внатрешниот дел има специфичен крст со 16 краци, кој го има самиот во црковниот храм „Свети пророк Илија“ во Радовиш и никаде на друго место, беше образложено токму на изложбата.
Никола Миовски, директор на општинската установа центар за култура „Ацо Караманов“ во Радовиш, искажа дека тој лично и центарот за култура „Ацо Караманов“ се приклучиле на иницијативата што потекнала од Ставре Џиков и Македонското грбословно друштво, односно дале инцијатива од која на крајот произлегле изложбата и целиот настан. Миовски нагласи дека целиот настан го предизвикал вниманието на јавноста и дека во иднина треба да се организираат слични настани. Миовски исто така нагласи дека веќе се преземени активности во таа насока.


Хералдика

Хералдиката е социокултурен феномен, кој се родил во западноевропското феудално општество, веројатно во содејство со Истокот. Таа се занимава со проучување на грбовите – нивниот настанок, употреба, правилата што ги регулираат нивното составување, употреба и наследување и спојување. Хералдиката е систем на грбови што се наследни ознаки, насликани на штит, според одредени правила. Хералдиката е науката што ги истражува тој систем и неговиот историски развој. Суштината на хералдиката лежи во симболите. Луѓето отсекогаш употребувале симболи, се поистоветувале со нив, ги украсувале своите домови со нив, своите облеки и разни предмети. Симболите брзо го наоѓаат своето место и на оружјето и на воената опрема. На античките вазни гледаме многу воини со штитови на кои се насликани симболи. Луѓето се поистоветуваат со магиските карактеристики на симболите. Употребата на симболите е двозначна, луѓето се поистоветуваат со симболот, но и симболот е поистоветуван со својот носител.


Македонско хералдичко здружение

Здружението за хералдика, вексилологија и фалеристика „Македонско хералдичко здружение“ се занимава со хералдика, вексилологија, фалеристика, шивалристика и нобиларни прашања во Македонија и ја продолжува традицијата на Македонското хералдичко здружение (2003-2018). Во текот на 2000 година се јавува и веб-страницата „Хералдика во Македонија“ од Јован Јоновски, која објавува грбови и исечоци од книгата на Матковски, на англиски и македонски јазик. Страницата набрзо е дополнета со грбови што се користат во Македонија, и тоа територијални, корпоративни и лични. Сајтот почнува да објавува и информации за историската, теориската и хералдиката воопшто. Околу веб-страницата се собраа група заинтересирани луѓе и летото 2003 г. беше основано Македонското хералдичко здружение, кое работеше до 2018 година.
Македонското грбословно друштво ги продолжува следните активности: популаризација на хералдиката, вексилологијата и фалеристиката; истражувања за хералдичкото, вексилолошкото и фалеристичкото наследство поврзано со Македонија; издавање на „Македонски хералд“ – двојазичен гласник, англиски и македонски, со меѓународен уредувачки одбор; одржување на регистарот на хералдички достигнувања на МХЗ; изработка на грбови, знамиња и одликувања; одржување на месно-хералдичкиот систем за територијални и општински грбови на МХЗ. Д.Ст.